Нивните лични квалитети им донеле голем професионален успех. Ова се приказните на нашите успешни луѓе што ги објавуваме во рубриката „По скалилата на успехот“. Факултети.мк и Едукативниот центар на „Пивара Скопје“ преку обуката „Вештини за успех“ ви го покажуваат патот до ѕвездите
Од мали нозе бил задоен со уметност, растејќи во семејство на театарџии. Прва љубов му била ликовната уметност, а втора поезијата. Но, откако на 16 години родителите му купиле гитара, започнало неговото музичко патешествие кое трае до денес. И благодарение на неговиот музички нерв и осет, македонската музика денес може да се пофали со една од најсилните и најзначајни рок-групи на сите времиња – „Архангел“, како и четирите албуми со песни за сите генерации на кои Ристо Вртев се запишува како композитор, текстописец и вокален изведувач.
Вртев е креатор на бендот „Мизар“, основач на „Архангел“, музичар кој успеа да го пробие македонскиот рок на ју-просторите. Зад себе има многу големо музичко искуство, богато творештво, награди, концерти, настапи во живо, а сѐ уште со несмалена љубов зборува за музиката, сонува да снима песни и да одржува концерти. Текстовите му се фасцинантни, реални и сурови, а музиката е за сите генерации. Моќна и бесмртна, ја сакаат и младите кои се родени многу подоцна од нејзиното настанување.
– Тоа не можете да го испланирате. Тоа едноставно се случува или не. Авторот има врска со делото додека го создава. Понатаму тоа е работа на публиката. Единствено што можам да кажам повеќе во врска со тоа е дека чувствував безмерна љубов кон она што го работев – вели Вртев.
ОБОЖАВАТЕЛ НА РАДИО – ЕМИСИЈАТА „ПОП АЛБУМ“ Основна музичка едукација стекнал во текот на основното образование во тогашното училиште „Браќа Рибар“ во Скопје од наставничката Дивна. Но, она што направи музиката да стане дел од неговото секојдневие била радиоемисијата „Поп-албум“ на доајенот на музичкото новинарство и басист на легендарната група „Бис без“, Димитар Чемков. Преку неа се запознал со творештвото и кариерите на сите релевантни светски имиња. Откако на 16 години родителите му купиле гитара, музиката му станала животна преокупација.
Студирал новинарство, но смета дека испеаната поезија е помоќна од пишаниот збор
– Пишаниот збор е едно, но испеаната поезија е далеку помоќно средство кога веќе зборуваме за уметност. Музиката ми беше љубов, што се вели катадневна потреба без која не се може. Но, не беше за очекување дека тоа може да ми обезбеди егзистенција. Затоа, по линија на помал отпор лутав, прво на Економскиот факултет, а потоа на Интердисциплинарните студии по новинарство. Во тоа време, а тоа е 1981 година, станав постојан соработник, музички новинар на гласилото „Студентски збор“ каде што се покрена иницијатива да оформиме неформална група составена од уметници, која ќе се занимава со осовременување на нашата култура под името „Македонска стрељба“ – се сеќава Вртев.
ТВОРЕЦ НА МУЗИЧКАТА АВАНГАРДА Во „Македонска стрељба“, покрај него како гитарист и фронтмен, биле и неговиот школски другар Љубомир Стојсавлевиќ на бас, подоцна член на електропоп-составот „Бастион“, и Димитар Чочоровски, првиот тапанист на „Леб и сол“ и на реномираниот состав „Ден за ден“. Но, бидејќи Димитар заминал за Австралија, таа комбинација отпаднала, па така се случило да го креира бендот „Мизар“.
– Направив репертоар од десет песни, па снимките реализирани во крајно примитивни услови ги пративме во Загреб, кој го организираше фестивалот „Ју рок-момент“. Таму оставивме добар впечаток, така што за името „Мизар“ дознаа и другите водечки центри во тогашна Југославија. Понудата тој репертоар да се реализира на носач на звук дојде од Словенија, но се случи Чаповски и јас, еден по друг, да заминеме во ЈНА, така што таа идеја се одложи за некои идни времиња. Интересен е фактот што во тоа време сите што ја поддржуваа таа сцена добиваа повик за отслужување на воениот рок, така што тој ветувачки нов бран беше практично маргинализиран. А потоа со појавата на Лепа Брена работите тргнаа во сосема друг правец – вели Ристо.
НАСЛЕДСТВОТО ГО ДАЛ ЗА МУЗИЧКИ ИНСТРУМЕНТИ Во тоа време добил значајни финансиски средства, наследство од дедо му кое го вложил во набавка на инструменти – гитара, синтисајзер и ритам-машина. Со нив реализирал две снимки, од кои едната влегла во изборот на десет најдобри демо-снимки во поранешна Југославија. Врз основа на тоа добил покана за настап на меѓународниот саем на музика МЕСАМ, кој се одржувал во Белград. Собрал солидна постава на музичари и настапиле под името „Инола икс“.
– Тоа траеше околу половина година, но за мене беше значајно искуство од причина што ми даде увид во функционирањето на состав кој во својот израз содржи покрај извесна доза ескапистичка декаденција, и отпорност кон тешкотиите со кои се соочувавме, едноставно поглед кон светлата страна на животот. По враќањето од ЈНА постоеше обид повторно да соработувам со „Мизар“, но тоа се покажа неуспешно. Едноставно патиштата ни се разминаа – додава Вртев.
Го создава „Архангел“, а првиот албум е меѓу петте најдобри во Југославија
– Наоѓајќи се пред животен крстопат, сѐ повеќе ми се наметнуваше идејата да ја напуштам музиката и да ги завршам започнатите студии. Но, на наговор од најблиските пријатели, не претерано ентузијастичен, решив да се впуштам во нова авантура, овој пат под името „Архангел“, според песна која ја имав на репертоарот на „Мизар“, всушност, со амбиција да го реализирам на носач на звук сето мое творештво од тој период. Со успехот што го постигна првиот албум, амбициите пораснаа, па се зареков дека ќе снимам уште два албума, а потоа ќе размислувам како понатаму – раскажува Вртев.
Инаку, архангел е всушност комуникатор помеѓу земното и небеското, а во случајот на Вртев, значи нозете цврсто на земја, а главата во облаци.
– Со „Архангел“ ги поминав фестивалите „ЈУ рок-момент“ и суботичкиот „Омладина 89“, кои ги селектираа највредните нови музички појави во Југославија. И по двегодишна работа, првичната амбиција беше реализирана, се појави првиот албум на „Архангел“. Во организација на водечкиот музички магазин „Рок“, во соработка со 66 редакции од цела Југославија, во гласањето за најдобар албум во 1991 година Архангел 1 се најде на високото петто место. Песната „Ладно оружје“ беше избрана за една од десетте најдобри песни во таа година и бевме означени како бенд од кој најмногу се очекува во следната година. Оттогаш работите добија сериозен тек, се отвори можноста „Архангел“ да се етаблира како еден од водечките рок-бендови во тогашна Југославија, но војните во регионот го оневозможија тоа – вели Вртев.
ОД САМОСТОЈНИ КОНЦЕРТИ ДО НАСТАП СО ФИЛХАРМОНИЈАТА
Првиот албум излезе токму на крајот од постоењето на Југославија и почетокот на осамостојувањето на Македонија, што му дава посебна тежина и симболика на „Архангел“. Бендот продолжува да дејствува главно во рамките на нашата држава, со повремени гостувања во странство. Од големиот број концерти, како најголеми музички уживања на сцената фронтменот на „Архангел“ ги посочува концертот одржан на 12 декември 1998 година на Скопскиот саем, заедничкиот настап со Филхармонијата пред две години, како и мјузиклот „Архангелот над Скопјe“ каде што на плејада млади и талентирани актери им беше овозможено да создадат драмски сцени по неговите песни.
Шундот го има во сите времиња, поопасен е кичот
На прашањето што значи да се биде рокер денес, кога музиката е задушена од шундот, Ристо вели:
– Јас и не се чувствувам баш како рокер. На крајот сфатив дека рокенролот е всушност фолклор на градовите, така што себеси се перципирам како фолкер во чевли. Шундот земал повеќе или помалку простор во сите времиња. Но, за мене, далеку поопасен е кичот затоа што е заводлив.
Во некои минати времиња рокенролот заедно со филмот го обликуваше светот. Денес, суверено владеат турбопопот и турбофолкот, кои имаат канцерогено влијание не само врз културата, туку и врз општеството како целина. Но, сепак, и во такви услови „Архангел“ ја задржа довербата од публиката и остана ретко, но бележито светло во мракот кој го живееме – истакнува тој.
Неговите песни се рок-евергрини, а има уште триесетина реализирани за кои се надева дека ќе ги стави на носач на звук кога ќе се создадат услови. Планира и самостоен концерт на „Архангел“ во најскоро време. Со насмевка вели: „Да се преброиме“.
(fakulteti.mk)