Откако успеа да го сузбие првиот бран на Ковид-19, Грција постојано беше посочувана како пример во справувањето со оваа пандемија. Сега, додека трае четвртиот бран, недоволниот опфат со вакцинација се покажува како ахилова пета во обидите на државата за конечното справување со пандемијата
ЈЕОРГИЈА НАКУ
Можеби поради еуфоријата што ја донесе туризмот – и желбата на самите жители на Грција да уживаат во одморите – пошироката јавност беше подготвена да ги толерира дневните бројки на новозаразени (во просек помеѓу 2.000 и 3.000 случаи во текот на летото). Но, бројот на смртни случаи се искачи над 40 и овој тренд продолжи и во текот на септември. Експертите ова го опишаа како „огромен автобус полн со патници кој секој ден излетува од патот и паѓа во бездна “.
Откако успеа да го сузбие првиот бран на Ковид-19, Грција постојано беше посочувана како пример во справувањето со оваа пандемија. Сега, додека трае четвртиот бран, недоволниот опфат со вакцинација се покажува како ахилова пета во обидите на државата за конечното справување со пандемијата.
По неколку полициски часови кои имаа различен опфат и интензитет (од кои најстрогиот траеше повеќе од пет месеци – до средината на април 2021 година), грчката Влада објави дека ги укинува сите ограничувања, вклучувајќи го и полицискиот час навечер и ограничувањата за број на публика која може да присуствува во затворени капацитети, за вакцинираните посетители. Оние кои не се вакцинирани и понатаму имаат ограничувања за влез за повеќето активности кои се случуваат на затворени и тие самите треба да го платат тестирањето кое се прави на нивното работно место.
СЕГАШНА СОСТОЈБА Од почетокот на пандемијата (февруари 2020 година) до 8 октомври 2021 година, Грција потврди дека има вкупно 673.317 случаи со Ковид-19 и 15.069 смртни случаи, на население кое брои околу 10,5 милиони луѓе. Со ова, државата е на 69-то место во глобални рамки на потврдени случаи, пропорционално на бројот на жители, од вкупно 200 ентитети кои се следат од платформата Our World in Data, и на 49-то место според бројот на смртни случаи – и двете бројки се под просекот на ЕУ.
Грција во моментов се бори со четвртиот бран на Ковид-19. Дневниот број на новозаразени, во пикот на овој бран, е зголемен во споредба со претходните бранови, и неколкупати надмина 4.000 случаи во еден ден. Ова делумно се должи на доминантното присуство на делта варијантата на вирусот, која полесно се пренесува, во текот на летото, и делумно на зголемувањето на систематското тестирање кое овозможи да се откријат повеќе случаи.
Додека го пишуваме ова, Грција е една од државите во светот во кои се врши најинтензивно тестирање – 18,4 тестови на ден на илјада луѓе (според Our World in Data), со што таа е на 4 место, веднаш по Кипар, Австрија и Обединетите Арапски Емирати, а на крајот од 2020 година правеше само 2 теста на илјада луѓе. Бројот на тестови се зголеми со воведувањето на масовно тестирање во училиштата и на работните места, како и барањето за поседување на Ковид сертификати за патување и за други активности, кои беа постепено воведувани во текот на летото.
ЛОШИОТ ЕВРОПСКИ ПРИМЕР Смртните случаи и сериозните случаи на хоспитализација не се зголемија со истата стапка – факто кој ја докажува ефикасноста на вакцините кои беа воведени на почетокот од оваа година. Сепак, Грција не успеа да го контролира влијанието на вирусот во ист степен како и другите држави во Европа.
Државата беше поздравена како една од успешните приказни од првиот бран благодарение на ниската стапка на изложеност и брзото спроведување на мерките, а нејзината стапка на смртност од Ковид-19 беше нешто над половина од просекот на ЕУ до крајот на 2020 година. Од почетокот на 2021 година, стапката на смртност го надмина просекот на ЕУ и таа е повисока за 60% за истиот период од онаа на Шведска, која е позната по тоа што не воведе полициски час (Грција ги помина првите четири месеци од годината во строг полициски час). Повеќе од две третини од смртните случаи се случиле во деветте месеци откако вакцините станале достапни, во споредба со единаесетте месеци претходно.
Има неколку фактори за кои е јасно дека се во игра, вклучувајќи и делумно наметнување на (и усогласеност со) јавните мерки за здравствена заштита и слабиот здравствен систем, но јасно е дека Грција не успеа целосно да го искористи изобилието од достапни вакцини за да ги сузбие најсериозните ефекти од Ковид-19, и тоа на начин како што направиле споредливи европски земји.
СЛОБОДА КОЈА НЕ Е НА ДОФАТ Грција не успеа да ја постигне целта зацртана од ЕУ за вакцинирање на 70 отсто од возрасното население до крајот на летото (да споменеме и дека ЕУ во целина исто така не успеа да ја достигне оваа цел, и покрај неколкуте чесни исклучоци кои покажаа дека ова сепак беше возможно). Исто така не успеа да оствари значителен напредок кон своите цели – вакцинирање со прва доза на мнозинството лица над 60 годишна возраст до летниот период.
Според ECDC, до 8 октомври вакцинирани со прва доза беа малку над 60% од населението, додека 58% од населението беше целосно вакцинирано. Според ЕУ. 68% од населението има примено една доза а 63% се целосно вакцинирани. Според неодамна направената брза проценка на ризик на ECDC, падот под овие бројки, како што е тоа случај со Грција, значи дека државата и понатаму се соочува со ризик од тоа да се случи нагло зголемување на бројот на нови случаи, хоспитализации и смртност, и тоа во периодот на премин од есен во зима.
Ситуацијата е уште позагрижувачка кај постарите, поризични возрасни групи, каде значителен дел од населението е невакцинирано, а Грција значително заостанува од државите кои се слични на неа. На крајот на септември, покриеноста со една доза кај возрасната група од 80 години и повеќе изнесува 74%, што значи дека секој четврти од највозрасната група останува невакциниран (во споредба со стапката на вакцинација од 100% кај седум од европските држави кои се слични на неа и 86,5% на ниво на цела ЕУ). Кај групата 70-79 години, опфатот со на вакцинација е 83% (во споредба со бројката од 88% на ниво на ЕУ) и кај лицата на возраст 60-69 години опфатот е 80% (во споредба со 85% на ниво на ЕУ). Португалија, со која Грција вообичаено е споредувана поради сличноста во бројноста на население и економската моќ, успеа да вакцинира 100% од своите граѓани над 60-годишна возраст.
Грчката програма за вакцинација „Операција слобода“ држеше чекор со остатокот од ЕУ до почетокот на летото, но дневната стапка на вакцинирани лица нагло се намали во периодот од средината на јуни досега т.е. од над 100.000 дози дневно на сегашната стапка од околу 25.000 дози. Спротивно на тоа, европските земји кои се водечки со опфатот на вакцинацијата, како што се Португалија и Ирска, го забрзаа процесот на вакцинација во текот на летните месеци.
(продолжува)