Грчкиот премиер рече дека годинава очекуваат 32 милиони посетители. Битно е чувството дека Грција е постабилна од другите во регионот. Приходите во гранката годинава треба да бидат 18 милијарди евра
АНЕТА ДОДЕВСКА
По осум години „битка“ со длабоки раформи, кратења, незадоволство на граѓаните, нестабилни финансии, Грција влезе во зона на “економска автономија“. Со повлекување на последната кредитна транша од 62 милијарди евра, нашиот јужен сосед влегува во нова фаза во која сам ќе ги менаџира финансиите, но ќе мора да продолжи и со преземени обврски за натамошни кратења од една страна, и пораст на даноците од друга страна. Граѓаните на Грција неволно ги коментираат промените, признаваат дека по длабоката финансиска криза живеачката за нив значајно е променета.
РАЗЛИЧНИ ЦЕНИ НА БЕНЗИНОТ „Имате ли работа во оваа летна сезона“ – го прашав такси возачот Никифорос кој долги години живее и работи во туристичкото гратче Ставрос. Ми рече „Не е како што беше некогаш, тешко оди работата“. Никифорос е еден од неколкумината такси превозници кои работат во Ставрос и директно го чувствуваат пулсот на градот кој се наоѓа на 77 километри источно од Солун. Ставрос станува важна туристичка дестинација по економската обнова во шеесеттите години. Денеска таму можат да се сретнат туристи од Македонија, но најчести се од Србија. Мештаните во ова гратче, кои го одржуваат во живот и за време на зимскиот период, раскажуваат дека најпрво глобалната економска криза, а потоа и заканата од банкрот на Грција сепак влијаела врз вкупниот начин на живот.
На само неколку километри од Ставрос се крајбрежните гратчиња Неа Врасна, атрактивна за македонските туристи, и Асправалта. Иако трите места се позиционирани на иста траса – геграфски блиски, сепак за туристите нудат различни цени. Најинтересна е цената на бензинот. Разликите за литар можат да бидат значајно големи во зависнот од локацијата – дали се точи во град , на автопат, на локален пат. Така литар бензин на една бензиска пумпа се продаваше 1,569 евра за литар, на друга 1,619 евра а тртат 1,662 евра за литар.
И други исти производи имаат различни цени. Во супермаркетите на пример, 1,5 литар вода чини 40 центи, а само на неколку метри од супермаркетот, водата се продава за 1 евро. Во рестораните и таверните 1,5 литар вода чини околу 1 евро и 20 центи. Дел од македонските туристи велат дека во споредба со претходните години, цените во оваа летна сезона се „посолени“
„Скромен ручек во една таврена не може да биде поевтин од 20 тина евра за двајца. Цената на пијалок, на пример газиран пијалок чини околу две евра а пивото се продава и за 3,5 евра. Едно печено пиле чини 13 евра а салатите не се поевтини од 3,5 евра. Цената на популарното грчко гиро се движи од 2,5 до 2,8 евра“ – вели Иван, турист од Македонија.
Една од популарните дестинации за македонските туристи, особено на помладите е островот Скиатос, долг 12 километри, со околу 60 тина плажи, голем дел од нив егзотични и уникатни.
„Доколку го посетувате Скиатос преку нашите туристички агенции, се нудат главно деветдневни аранжмани, бидејќи островот е малку подалеку од дестинациите, на кои одиме вообичаено, на популарните краци на полустровот Халкидики. Во Скиатос концептот на летување е поинаков. Цените не се високи според мене. Билет во локален туристички автобус чини 1,5 евра а гирото се продава за 2,5 евра“ – вели Снежана.К. Од Скопје.
ИНФУЗИЈА Туристите ги минуваат последните летни денови во Грција. Во очекување на сублимираните податоци за посетеноста и девизниот ефект, грчките власти најавија дека ова лето ќе биде едно од “поприносните“ за туризмот. На почетокот од летната сезона грчкиот премиер Алексис Ципрас изјави дека Грција годинава очекува рекорден број постители, дури 32 милиони гости.
„Податоците укажуваат оти приходот од туризмот во 2018 година ќе биде повисок за 12,8 проценти од претходната година. Грчката стабилност во регионот кој е ранлив во однос на кризите, помогна за јакнење на имиџот на Грција како туристичка дестинација“ – рече Ципрас.
Токму туризмот, кој учествува со една петтина во бруто домашниот производ, се смета за константна „инфузија“ за економијата. Приходите од туризмот се постојан пораст. Во 2016 година изнесуваа околу 11 милијарди евра, а лани според проценките достигнаа и до 18 милијарди евра. Анализите на грчките туристички агенции и асоцијации покажуваат дека овој сектор ќе стане главен адут за пораст на грчката економија, со удел економскиот раст и до 37 отсто.
РЕКОНСТРУКЦИЈА Со повлекување на последната транша од меѓународните кредитори вредна 62 милијарди евра, Грција по осум години влезе во нова фаза на „економска автономија“, односно и официјално ја напушти должничката сага. Дел од економистите оценија дека целокупната реформска програма, условена со даночни зголемувања од една страна и кратења на плати и пензии од друга страна, ги дала очекуванеите резултати. Последниот, трет по ред заем е наменет за продолжување на преземените реформи, но таргет ќе биде и банкaрскиот сектор – односно рекапитализација на домашните банки.
На крајот од август грчкиот премиер Ципрас изврши реконструкција на Владата, но без промени во двете клучни министерски фотељи. Во Владата остануваат министерот за финансии, Еуклед Цакалотос, задолжен и за политиката на штедење и функцијата ја задржи шефот на дипломатијата, Никос Коѕијас.
Кризата во Грција еруптираше во 2009 та година, една година откако свтот се соочи со една од најголемите кризи во поновата историја – со голем потрес во банакрскиот сектор и на финансискиот пазар.
Грција, освен што е најатрактивна туристичка дестинација за македонските граѓани, таа е еден од најзначајните инвеститори во Македонија и еден од стратешките трговски партнери. Грција, според официјалната статистика, е трет по големина трговски партнер на земјава пришто само во првото економско полугодие од годинава обемот на трговската размена изнесувал близу 407 милиони евра, и според вредноста Грција е рангирана веднаш зад Германија и Велика Британија. Македонискиот извоз во Грција заклчно со јуни изнесувал 100,7 милиони евра а грчкиот увоз во Македонија 306 милиони и во споредба со лани, истиот период, вкупната трговска размена се зголемила за 17 отсто.