По катастрофалната 2020 година поради пандемијата на коронавирусот, стотици хотели во Грција се ставени на продажба. Уште една таква година ќе не’ уништи, предупредуваат туристичките работници
БОРИС ГЕОРГИЕВСКИ
Пристоен осумкатен бутик хотел во атинската туристичка област Плака со прекрасен поглед кон Акропол за 13 милиони евра, гламурозен хотел со пет ѕвездички во Ханија, Крит со 127 соби за 65 милиони евра, луксузен хостел со 300 соби и 100 апартмани на полуостровот Халкидики за 28 милиони евра: Силните турбуленции поради пандемијата на коронавирусот и неизвесноста за иднината предизвикуваат многу грчки хотелски претприемачи да се збогуваат од туристичката индустрија.
Според проценките на релевантните платформи за недвижнини на Интернет, над 300 хотели во моментов се продаваат низ цела Грција, јавуваат грчките медиуми. Според упатените, реалниот број на хотели што се продаваат во Грција е уште поголем. Поради одложениот почеток на туристичката сезона оваа година, трендот расте. Цените на хотелите кои се ставени на продажба се повторно пониски отколку во 2019 година, велат набљудувачите на пазарот. „Едно е сигурно: Уште една изгубена туристичка сезона и оваа година ќе ни го скрши вратот. Тоа нè води во пропаст“, предупредува претседателот на Грчката асоцијација на хотели, Григорис Тасиос.
Во 2020, Грција доживеа катастрофална туристичка година. Според студијата на Атинската централна банка, директните приходи во грчкиот туризам од јануари до октомври 2020 година биле за 77 проценти, или околу 4 милијарди евра, пониски во однос на претходната. Бројот на туристи кои влегоа во Грција од јануари до октомври 2020 година се намали за 76 проценти, на околу 7 милиони посетители.
Притоа, ниту една европска држава не е толку зависна од туризмот како Грција. Според Институтот за истражување на Грчката асоцијација за туризам, директните приходи (профит во кој не е вклучен ниту еден посредник, како што е туристичка агенција) само во туристичката индустрија придонесувале со речиси 12 проценти во грчкиот БДП во 2018 година. Ако на тоа се додаде индиректниот приход, придонесот на туризмот во грчкиот бруто домашен производ (БДП) се искачува на 25,7 до 30,9 проценти.
Според официјалните податоци, директните приходи во грчкиот туризам достигнале 18 милијарди евра во рекордната 2019 година. Еден турист на годишен одмор во Грција просечно трошел околу 564 евра. Најмногу трошеле туристите од земјите на еврозоната – во просек по 700 евра по човек за време на годишен одмор во Грција во 2019 година.
Можноста да добијат златна виза ја користат многумина. Недвижности во Грција купуваат пред се’ Кинезите.
Јоргос Блетас, агент за недвижнoсти, вели:
„Клиентите што ги имаме обично се од кинеската средна класа што брзо се развива. Тие доаѓаат тука затоа што сакаат да си обезбедат иднина во Европа. Сакаат на своите деца да им дадат можност да живеат тука, сакаат да си дадат можност да се повлечат овде по пензионирањето.“
Грција во последните пет години има издадено 6.000 златни визи на кинески граѓани. Од почетокот на програмата, во земјата се влеаја околу 2 милијарди евра.