Ова е добар знак за локалната економија – велат граѓаните за екипата на „360 степени“
По ограничувањата што ги наметна ковид-19 во изминатите две години на гевгелиските улици повторно се слуша грчки. Сепак, будењето на локалната економија, зависна од посетите и трошењето на Грците, не оди толку лесно и брзо, барем не за некои дејности
Попушта ковид-19 пандемијата. Владите ги олабавуваат мерките, а со тоа и условите за патување. За Гевгелија, градот близу најголемиот граничен премин со Грција, сето ова значи олабавување и на економската криза.
Локалната економија, од казина до пазари, која во голем дел зависи од муштерии од Грција, речиси и да замре во изминатите две години.
„Никакво, еуфорија немаше. Сѐ беше затворено. А сега е друго. Гевгелија живее од Грците, не само од Македонците“, вели жителка на Гевгелија.
Гевгелија ја посетивме во четврток, пазарен ден. Имаше Грци, но не како пред пандемијата. Според гевгеличани, ќе треба време сѐ да се врати по старо, но барем работите одат во посакуван правец.
„Сега, од овој месец, почнува по малку да се стабилизира. Ако прошетавте денеска видовте дека има веќе. Почнаа Грците да доаѓаат“, рече жител на Гевгелија.
Не се пречка само ковид протоколите на граница, туку и опаднатата куповна моќ на Грците. Гевгеличани велат – и таму е криза. Се е поскапено и во Гевгелија, иако, сепак, парите во земјава вредат повеќе. „Тука многу повеќе им се исплаќа да трошат пари во врска со тоа што им е поевтино. Кај нив е поскапо, нормално поголем им е стандардот кај нив“, додава тој.
„Грците тука правеа промет, купуваа многу во супермаркетите, беше многу подобро. Ама сега гледам оти повторно има Грци доволно“, вели жителка на Гевгелија.
Во Гевгелија сѐ е двојазично, многумина зборуваат грчки, се создаваат пријателства, а се повеќе Грци решаваат тука и да живеат.
„Живеам во Гевгелија четири години, бидејќи се оженив со девојка од Гевгелија. Да, вистина е дека овој град во голема мера се потпираше на Грците, но што да правиме. Дојде ковид и нѐ затвори сите внатре, што да правиме. Полека, полека доаѓаат луѓето повторно, не ги растуривме врските, сѐ е добро“, вели Александрос Мирковиќ – Грк кој живее во Гевгелија.
Чекалните во стоматолошките ординации полни со Грци.
Веројатно најразвиен бизнис е денталниот туризам. Стоматолозите беа едни од најпогодените во ковид-кризата со оглед на природата на работата, но старите клиенти сега се вратија. Во чекалната на оваа стоматолошка поликлиника, до еден, сите пациенти беа Грци.
„Имаше периоди кога не работевме. Потоа кога почнавме да работиме тоа беше со скратено работно време. Се трудевме да опстанаме во тој период од околу две години и се надевавме дека ќе го дочекаме оној момент да се вратиме на една нормала на којашто бевме пред короната и за среќа тоа почнува да се случува“, вели Томе Пиперевалиев – стоматолог од Гевгелија.
Пред ковид оваа ординација имала и до 80 пациенти дневно. Дента кога снимавме имаа околу 30.
„Порано доаѓав поради економски причини, зашто цените беа пониски, но забележувајќи го квалитетот на услугата, доаѓам и ќе доаѓам цел живот без разлика на цената. Цените овде се достапни и ниски, особено во споредба со Грција, но услугите коишто ги нуди конкретната стоматолошка ординација се одлични“, вели Травиосданектис Продромос – пациент од Грција.
Салоните за убавина се друга гранка во која е неизбежен близок човечки контакт. Со намалениот страв од вирусот, се зголемува побарувачката.
„Се осети доста, беше празно, ги немаше речиси воопшто. Не користеа наши услуги, не пазаруваа од нас, бидејќи и кај нив е доста тешка ситуацијата, па малтретирање по граници, па самата ситуација со короната, стравот. Немаа потреба тие од нас и бевме доста заглавени. Ама помина тој некој тежок период, па се вративме во нормала и уште тераме некако. Денеска може да се каже дека беше доста добар ден. Од сабајле има доста Грци. И пазарен ден и добро е“, смета Александра Чугунска – фризерка од Гевгелија.
„Беше многу тешко, сакавме да дојдеме и да ги видиме нашите пријатели, не можевме, ни недостасуваа. Но, во ред, комунициравме телефонски. Кога сѐ ова престана и ги отворија границите, првото нешто што го направивме беше да дојдеме и да ги видиме нашите пријатели и истовремено да си ја средиме фризурата“, вели Димитра Маргаритопулу – клиентка од Солун.
На угостителите ќе им треба време за враќање во „стариот сјај“. За разлика од другите услужни дејности, угостителите велат дека кај нив побавно се враќа работата.
„За во стариот сјај да се вратиме ќе треба, мислам, доста време. Не само Грците туку и кај нас ситуацијата не е баш сјајна. Мислам дека ќе треба доста време за да ‘завергламе’ по старо“, смета Ристо Костакев – угостител од Гевгелија.
Сепак, дневната „кафе-шема“ си постои.
„Се враќаат, доаѓаат, и сами кажуваат дека Гевгелија им недостига, ‘Бакарди’ им недостига и сѐ друго што е тука, ама полека се враќаат“, додава Костакев.
Со укинување на вакциналниот сертификат влезот во земјава ќе биде без ограничувања. Со почетокот на туристичката сезона на 1 мај, пак, се очекува и Грција да го „олабави“ преминувањето на границата.
Гевгелија е меѓу градовите со најнизок процент невработеност во земјава кој успева да го одржи и покрај кризниот период. Според пописот, Општина Гевгелија има 21 582 жители, а во март годинава имала 1 411 невработени.