Глобус-Неделен весник

  • Македонија
  • Свет
  • Ревија
  • Архива
  • Контакт
  • Фељтон
  • Колумни

„ГAСНИ КОМОРИ“ ЗА АЛБАНЦИТЕ: ОВА Е „ГОРДАТА МАКЕДОНИЈА“ НА МИЦКОСКИ

August 6, 2025 Filed Under: Колумни

ЏАБИР ДЕРАЛА

Во спортската сала во Куманово, платена од сите граѓани (да, да, и од оние што беа мета на омразата), одекнуваа повици за геноцид – „гасни комори“ и „мртов Шиптар“. Ова не е „инцидент“, туку дел од операциите што имаат цел да обезбедат победа на национализмот и пораз на општеството. Премиерот, министрите и градоначалникот – сведоци и профитери. Јавноста молчи. Повторно

Кошаркарските репрезентации на Северна Македонија и Романија играа во Куманово, во втората рунда на европските претквалификации за Светското првенство во кошарка 2027. Македонската репрезентацијата во првото полувреме водеше со предност од еден бод, но го изгуби мечот со 80:72. Според ФИБА, натпреварот го следеле 5.000 посетители.

Но резултатот на семафорот не беше најголемиот пораз за земјата таа вечер, на 2 август.

Најголемиот пораз одекнуваше од трибините: „Нека разберат клетите Шиптари, македонско име нема да загине“, „Гасни комори за Шиптари“, „Добар Шиптар, мртов Шиптар“.

Ова не е скандал. Не е инцидент. Не е „изолиран случај“.

Ова е систем. Стратегија. Повик за геноцид.

Се работи за добро увежбана и долги години внимателно организирана и дарежливо спонзорирана – колективна манифестација на омраза. Ова е јавно и гласно изразена екстремна етничка омраза и недвосмислен и јасен повик за геноцид – во спортска сала платена од сите граѓани, вклучително и од оние што се „испраќаат“ во гасни комори. И тоа се случува во држава со мултиетнички карактер, членка на НАТО и аспирант за членство во ЕУ.

Да повториме: Оваа веќе одамна не може да се нарече случајна провокација. Ова е плодот на систематско нормализирање на ултра национализмот.

Тие што ќе коментираат со лагите дека пишувам само кога се работи за омраза кон Албанците, не мора да продолжат со читање, туку веднаш да се фрлат на работа – да лажат, плукаат и релативизираат. Тоа им е работа. Нека не читаат, бидејќи и онака веќе имаат формирано мислење кое не сакаат или можеби не смеат да го сменат. А дел од нив се и платени – од наши, заеднички пари – за нормализирање на насилничкото лудило на етничката омраза.

Да се вратиме на „инцидентот“. Кумановските спортски трибини беа најмалку спортски таа вечер. Поточно, спортските трибини беа злоупотребени и претворени во политичка трибина која уште еднаш го откри вистинското лице на политиките на поделби и омраза – лице што нашите „горди патриоти“ сакаат да го видат како официјален амблем на државата. И добро им оди, тоа мора да им се признае.

Во секоја сторија за национализмот има инвеститори кои од својата инвестиција очекуваат профит. Дел од главните експоненти на оваа „инвестиција“ ни оддалеку не се потрудија да останат невидливи. Тие не беа скриени зад завесата. Напротив. Седеа на почесните места, во првите редови:

Христијан Мицкоски – премиер и шеф на ВМРО-ДПМНЕ.

Панче Тошковски – министер за внатрешни работи, камарад на шефот и негов приватен адвокат.

Иван Стоиљковиќ – вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, лидер на српската партија во власта, идеолошки следбеник на Слободан Милошевиќ и лојален поддржувач на српскиот властодржец, Александар Вучиќ.

Максим Димитриевски – градоначалник на Куманово и лидер на коалицискиот партнер ЗНАМ, составен претежно од поранешни кадри на СДСМ, добар пријател на рускиот амбасадор.

Овие ликови не се само пасивни сведоци. Тие се директни инвеститори и – профитери. Тие добро знаат дека етничката омраза мобилизира гласови и дисциплинира политички бази. Во оваа стратегија нема спорт, нема фер-плеј, нема национална гордост. Има само калкулатор што ги брои поените на омразата и ги претвора во парламентарни мнозинства и фотелји. Нивното насмеано присуство испраќа јасна порака: национализмот и повиците за геноцид не само што се дозволени — тие се партиска гордост и билет за напредување. И учесниците во хистеријата не само што ќе бидат почестени со неказнивост, туку и со напредување во хиерархијата на партијата и општеството – работни места, привилегии, тендери…

Сето тоа уште еднаш ја потврдува длабоката расипаност на политичките елити кои се служат со формулата – колку повеќе омраза, толку поголем политички капитал. Кому му е грижа за спортскиот резултат кога трибините може секогаш да се претворат во политичка сцена?

Кој уште профитира? Профитираат сите што не сакаат мир и стабилност во земјава и во регионот. Профитираат сите што ја сакаат Северна Македонија поделена, изолирана и слаба, подложна на диктат од посилните, исполнета со страв од измислените непријатели. Ова е совршен подарок за сите што сакаат да ја видат оваа земја како експеримент – лабораторија на омразата – каде што национализмот е оружје за уништување на демократијата и владеењето на правото, и газење на човековите права и слободи.

 

Filed Under: Колумни

ЉУБЧО ГЕОРГИЕВСКИ: ОБВИНИТЕЛСТВОТО ОДБИ ДА ГОНИ 40 ЛИЦА ЗА НАПАДОТ ВРЗ АМЕРИКАНСКАТА АМБАСАДА ВО 1999 ГОДИНА
МАТНИ ЗДЕЛКИ ВО ЕНЕРГЕТИКАТА
И РЕПУБЛИКАНЦИТЕ ГО КРИТИКУВААТ ТРАМП
СЕРГЕЈ ЛОЗНИЦА: ПУТИН И СТАЛИН СЕ РАЗЛИЧНИ, АМА ИМААТ ИСТА МОЌ И СИСТЕМ ЗА ВЛАДЕЕЊЕ
СКОПЈЕ, ТАГАТА ЌЕ СЕ ВИКА СО ТВОЕТО ИМЕ (1)

Најново

  • ЉУБЧО ГЕОРГИЕВСКИ: ОБВИНИТЕЛСТВОТО ОДБИ ДА ГОНИ 40 ЛИЦА ЗА НАПАДОТ ВРЗ АМЕРИКАНСКАТА АМБАСАДА ВО 1999 ГОДИНА
  • МАТНИ ЗДЕЛКИ ВО ЕНЕРГЕТИКАТА
  • И РЕПУБЛИКАНЦИТЕ ГО КРИТИКУВААТ ТРАМП

Импресум

Издавач - Здружение за нови политики и слобода на медиуми "Јавност" - Скопје,

Партизански одреди 23/1/3 Скопје

globus@globusmagazin.com.mk

Барај

Сите права задржани© 2025 · ГЛОБУС · Log in

Developed by Unet