„Франкфуртер алгемајне цајтунг“ коментира дека гасоводот од Турција ја дочекува Унијата како нем наблудувач додека Русија и Турција добиваат пристап до енергетските пазари на земјите во регионот
Во сенка на дебатата за гасоводот „Северен тек 2“ на Балтикот, Владимир Путин и Реџеп Таип Ердоган на другата страна на континентот воспоставуваат нова реалност. Во иднина гасот од Русија под Црното море ќе биде транспортиран во Турција, заобиколувајќи ја Украина, со што таа засилено се изолира.
Тоа не е новина, имајќи предвид дека преку гасоводот „Син тек“, кој исто така минува по дното на Црното море, турскиот пазар се снабдува со руски гас уште од 2003 година. Но „Туркстрим“, новиот гасовод, не само што има речиси двојно поголем капацитет, туку е и политички амбициониран. Една делница од гасоводот продолжува кон Бугарија, а оттаму кон Србија, Унгарија и Република Српска во БиХ. И Атина и Скопје имаат интерес да се приклучат. Со оглед на нивната изолираност и краткорочно погледнато, поврзувањето со „Туркстрим“ за земјите од регионот може да биде погодно. Но, со тоа Анкара и Москва добиваат пристап во дел од енергетската безбедност на кршливите мали држави на Југоисточна Европа. Тоа не е смирувачка перспектива за ЕУ. Нејзиното влијание опаѓа, меѓу другото, и поради тоа што перспективата за членство во ЕУ, по ветото на францускиот претседател Макрон за почеток на преговори со Северна Македонија и Албанија, веќе не е веродостојна. Доколку ЕУ, Берлин и Париз не заиграат поактивна улога, и понатаму ќе продолжат да заостануваат во Југоисточна Европа.
Турската економија, исто како и населението, бележат рапиден раст, а со тоа се зголемува и побарувачката по ресурси, како гас. Турција гасот главно го набавува од Русија, преку гасоводот Син тек, кој поминува преку Црно Море. Овој гасовод во изминатите години беше масивно проширен. Од стариот гасовод настана Турски тек: два нови крака треба да обезбедуваат до 15,75 милијарди кубни метри гас за енергетски гладната земја, а капацитетот треба да биде надграден до 31,5 милјарди кубни метри.
Неодамна турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и рускиот претседател Владимир Путин на свеченост во Истанбул го предадоа во употреба новиот гасовод. Голем дел од лиферуваните количества се предвидени за турскиот пазар, а втор крак, кој уште е во изградба, треба во иднина да снабдува со гас и земји од ЕУ.
На Турција ѝ е важно да ја искористи и својата положба меѓу Истокот и Западот и да се служи како важен енерегетски јазол. „Со пуштањето во употреба на Турски тек, турските гасоводи со своите притоки од Север и Исток ќе станат важни за меѓународните пазари“, изјави турскиот министер за енергетика Фаит Донмез. Државен службеник од турското Министерство за енергетика за Дојче веле потврди дека на средбата важна улога играла соработката со европските земји.
Билатералното партнерство меѓу Москва и Анкара станува сѐ потесно. Западот со недоверба го наблудува зближувањето меѓу противникот на НАТО, Русија, со НАТО-членката Турција. Двете регионални сили со зголемена самодоверба ги влечат конците во соседскиот регион. Оттаму, не е зачудувачки средбата во Истанбул да е посветена на многу повеќе отколку на трговијата со гас. Според искази од службеници во турските министерства за надворешни работи и енергетика, на агендата се уште многу теми.
Неименуван турски дипломат тврди дека тема ќе биде и ситуацијата во Либија. Турската влада реши да испрати свои трупи таму заради интервенција во граѓанската војна. Турција се стави на страната на меѓународно признатата влада на премиерот Фајис ал-Сараџ. Но, тука интересите со Москва се разијдуваат – Русија ја поддржува противничката страна, отцепениот либиски генерал Калифа Хафтар, кој со својата армија се обидува да го освои Триполи.
Испраќањето турски трупи во Либија во Москва се следи многу внимателно. „На Анкара веќе ѝ е соопштено дека турските војници не смеат да се спротивстават на милициите на генерал Хафтар“. Ердоган ќе го уверува Путин дека турските војници нема да имаат воени аспирации во Либија, се вели од турски дипломатски кругови.
Турски државни службеници од Министерството за надворешни работи велат дека на средбата меѓу Ердоган и Путин тема ќе биде и ситуацијата во северна Сирија. Кремљ е меѓу клучните актери не само во Африка, туку и во Сирија. Турција лани на 9. октомври ја почне операцијата „Мировен извор“, воена операција во која ја истисна курдската милиција ИПГ од турската граница. На крајот на октомври во Сочи на рускиот претседател Владимир Путин и претседателот Ердоган им успеа да постигнат согласност и да ја запрат воената операција и борбите. Анкара тогаш доби дозвола во Сирија да создаде безбедносна зона.
Според турски дипломати, на темата северна Сирија најголем акцент ќе биде ставен врз регионот Идлиб. Од Москва поддржуваните сириски владини трупи вршат масивни воздушни напади во регионот, кој претставува последен преостанат бунтовнички бедем. Во последните месеци стотици илјади луѓе беа принудени на бегство, притискајќи на турската граница. Судир на интереси не е само во тоа што Москва го поддржува режимот на Асад со кој Турција е во непријателство. На тоа треба да се додаде и тоа што сириските владини трупи опколија извиднички пункт на турската војка. Во септември Русија и Турција се договорија околу план за деескалација.
На дневен ред на двајцата државници ќе се најде според сѐ и тема околу која во Турција се водат жолчни дискусии – турскиот претседател планира изградба на Истанбулски канал, вештачки 45-километарски канал кој би поминувал паралелно со Босфор и би ги поврзувал Црно Море и Мраморно Море.
Москва е загрижена дека изградбата може да го загрози Договорот од Монтре, постигнат во 1936 година. Во него е пропишано дека не смее да се спречува поминување на трговски бродови низ Босфор. Уште поважно за Русија: воени бродови смеат да поминуваат низ мореузот само под строги услови. Што би значел Истанбулскиот канал, низ кој ќе се наплаќа такса за поминување, за Договорот од Монтре, за Москва е сосема нејасно.
Путин веќе истакна дека проектот не смее да го прекршува Договорот од Монтре. Според турски дипломати, Путин испратил јасен сигнал до Анкара – воени бродови не смеат да поминуваат низ каналот. „Во случај на изградба, треба да биде пронајдена нова формула заради избегнување безбедносни проблеми во регионот“, се вели од турски и руски кругови.
Турски тек се чини е нова карика во зближувањето меѓу Москва и Анкара. Со неговото пуштање во употреба Путин и Ердоган повторно ја демонстрираат својата сплотеност. Но, разговори со турски службеници и дипломати покажуваат првенствено едно: зад кулисите има многу спорни точки, во кои често позициите не можат да бидат поразлични.