Слободната трговија и глобализираната економија се особено добри за корпорациите и за земјите во развој, но не и за работничката и средната класа на развиените држави. Збиднувањата во нашето глобално село можеме да ги разјасниме многу подобро доколку ја прифатиме новата политичка ,,поделба‘‘ на глобалисти и националисти
Како се роди новиот свет?
Човекот, како општествено суштество, од памтивек се обидувал да пронајде прикладни решенија за општественото уредување. Кога се појавија големите идеологии во 19 век, грубо речено, политичката мисла се раздели на левица и десница. Нивните спротивставени светогледи ќе отпочнат битка за превласт врз умовите и срцата на човештвото. Карл Маркс пишувајќи ги своите Тези за Фоербах во 1845 година, за последната единаесетта запиша: „Филозофите само на различни начини го толкуваа светот, а суштината е во тоа тој да се измени.“ Дури ни Маркс не би ни претпоставил дека надоаѓачкиот 20 век, човештвото ќе биде подготвено да се уништи себеси и својот свет во име на своите идеолошки начела.
Сепак, денешните политички збиднувања не можеме да ги иследуваме исклучиво преку алатките на политичката наука чии корени засегаат до еден сосема различен свет. Времињата на 19 и 20 век, од кои се изнедрија политичките заложби на левицата и десницата повеќе не постојат. На местото на локалната самодоволност и ограденост, настапува сестраниот сообраќај, сестраната зависност. Ни се случи глобализацијата. Збиднувањата во нашето глобално село можеме да ги разјасниме многу подобро доколку ја прифатиме новата политичка ,,поделба‘‘ на глобалисти и националисти.
Глобализацијата дојде од никаде, за да биде присутна насекаде. Извонредниот обем и длабочината на новите меѓународни заемно дејствија доведоа до јакнење на општествените односи ширум светот со кои се поврзуваат меѓусебно оддалечени места така што локалните настани се обликувани од настаните кои се случуваат на голема оддалеченост и обратно. За да го разбереме овој нов свет, потребно е творечки да пристапиме кон изнаоѓање нови погледи и толкувања, како на пример, поларизацијата на глобалисти и националисти може да помогне.
Недвојбено, хиперглобализацијата на современието е победа за пазарниот капитализам и западната либерална демократија. Накусо, економската глобализација е плод на неолиберални економски консензус, кој се прошири низ целиот свет. Најголем дел од стариот социјалистички свет беше претопен во капиталистичката светска економија, без разлика дали преку „шок терапија“ или, во случајот на Кина, со постепено, но постојано отворање. При налетот на експлозивните промени, државите веќе немаа друг избор освен да ја прифатат новата стварност и потполно да се отворат за меѓународна трговија и странски вложувања, во исто време либерализирајќи ја домашната економија.
Многу од земјите во развој на големо спечалија, за само една генерација прескокнаа векови и денес нивните економии растат со несмалено темпо. За светлите страни на глобализацијата е кажано многу. Доволно е само да се погледаат статистичките развојни показатели и ќе сфатиме дека живееме во најдоброто, најмирното и најнапредното време во историјата на човештвото. Дури и значителен број од државите на африканскиот континент, кои долги години беа синоним за економска заостанатост и катастрофални животни услови, се развиваат со забрзано темпо, приклучувајќи се на глобалниот економски систем.
Ова, се разбира, е добра работа. Сепак, во многу западни земји, приходите и животниот стандард на работничката класа опаднале. Тие се тивкото поразено мнозинство. На пример, многумина Американци кои гласаа за Доналд Трамп, го сторија тоа бидејќи глобалната економија не работи во нивен интерес. Можеме да се преправаме дека ова е нивно погрешно видување. Можеме да продолжиме со убедување на луѓето дека не го разбираат својот живот и не знаат што им се случува. Но, можеме и да се обидеме да ги разбереме што ги загрижува и да понудиме некои решенија.
Победници и губитници – како елитата ја изневери работничката класа?
„Davos Man“ е новокованица што опишува елита на богати и влијатели кои се сметаат себеси за „глобални граѓани“. Според творецот на поимот – Семјуел Хантингтон, тие се луѓе кои „немаат потреба за националнен идентитет и лојалност, ги гледаат националните граници како пречки кои за среќа се губат и ги гледаат националните влади како остатоци од минатото, чија единствена корисна улега е да ги олеснат глобалните операции на елитата“.
Пишувањето за „Давос елитата“ навистина стана клише, но добро отсликува една одбрана класа на поединци кои остварија голема корист од глобализацијата. Станува збор за годишниот алпински аџилак на таканаречената светска елита, каде што тие ја нагласуваат итноста во борбата против климатските промени, пристигнувајќи со приватни авиони, зборуваат за потребата да се ослободи светот од сиромаштијата, а имаат закуска со црн кавијар, ја нагласуваат желбата да се намали нееднаквоста, а притоа одржувааат ексклузивни забави кои се опслужувани од цела армија служители.
(продолжува)