Под вештачка интелигенција се подразбира користење на компјутерите, особено на компјутерските системи да вршат работи кои традиционално бараат човечка интелигенција, на пример, способност да се расудува, заклучува и друго. Тоа е област од науката за компјутерите која се занимава со креирање програми или софтвер кој ќе овозможи компјутерите да се однесуваат на начин кој е карактеристичен за човековото размислување
Д-Р ТОМЕ НИКОЛОВСКИ
Еден таков софтвер е „Чет-ГПТ“ 3.5. „Чет-ГПТ“ 3.5, всушност, е модел-јазик креиран да произведе текст, односно да води разговор на различни теми, слично на човекот. Овој модел-модел јазик може да дава одговори на различни прашања. Тој се засновува на огромна количина на податоци со кои е нахранет.
Веднаш откако се воведе, „Чет-ГПТ“ 3.5, или вештачката интелигенција (AI), во ноември 2022 година, корисниците на овој модел-јазик или програма почнаа да се интересираат дали тој може да се користи во нивната специфична област на работа. На пример, преведувачите почнаа да се интересираат дали „Чет-ГПТ“ 3.5 може да се користи за преведување текстови од странски јазици, програмерите на компјутери се заинтересираа дали тој може да се користи за развој на компјутерски програми, научниците почнаа да се интересираат дали тој може да се користи за генерирање научни проблеми итн.
Од психолошка гледна точка, интересно прашање е дали „Чет-ГПТ“ 3.5 може да се користи како алатка што ќе го потпомогне процесот на учење, односно како т.н. машина за подучување? Ова доведува до потребата накратко да се објасни што е тоа машина за подучување.
Австралискиот психолог Преси (Pressey), професор по педагошка психологија на Универзитетот во Охајо (1926 година), имал многу студенти, па одлучил да направи едно техничко средство кое можело да зададе прашање и да оцени дали одговорот на студентот е точен. Техничкото средство имало четири копчиња, означени со буквите А B C D. Со притискање на соодветно копче на тоа техничко средство во визуелното поле на студентот излегува прашање со 4 понудени одговори, А B C D. Студентот требало да го притисне соодветното копче кое, по негово мислење, го претставувало точниот одговор. Со тоа хартијата се перфорирала на соодветно место што овозможувало да се утврди бројот на точни одговори. Преси забележал дека ако студентот помине низ програмата неколку пати, ќе ги научи одговорите. Така тој дошол до идеја тоа техничко средство да го користи и за подучување. Другите психолози брзо ја прифатиле оваа идеја. Овие технички средства популарно се нарекуваат машини за учење, а правилно би било да се наречат машини за подучување зашто тие ни помагаат полесно да учиме.
Од времето кога Преси конструирал машина за подучување поминале околу 100 години и машините за подучување постојано се подобрувале и станувале пософистицирани.
Компјутерите се софистицирани машини за подучување, а нахранети со „Чет-ГПТ“ 3.5 се најсовршени машини за подучување.
Еден психолог од Нов Зеланд, Ана Стојанов, по потекло од Македонија, се запрашала дали компјутерот опремен со „Чет-ГПТ“ 3.5 може да се користи како машина за подучување.
Таа тргнала од социо-културната теорија на Виготски за учењето. Социо-културната теорија на когнитивниот развој го истражува влијанието што општеството го има врз индивидуалниот развој. Виготски тврдел дека учењето е главно општествен процес каде што развојот се одвива преку интеракции со луѓе кои поседуваат повеќе знаење или вештини од ученикот.
Според оваа теорија, ученикот напредува низ процесот на учење постепено, преминувајќи од една зона во друга зона на повисоко ниво додека не дојде до зона кога не може понатаму да напредува без помош на поупатен друг, а со цел да го олесни неговото учење. Поупатен друг не мора да биде лице, туку и техничко средство, весник, видео, списание, компјутер, интернет, па според тоа и „Чет-ГПТ“ 3.5.
Авторката спровела истражување во кое ги опишува своите искуства од користењето на „Чет-ГПТ“ 3.5 како поупатен друг, како некој што знае повеќе, односно како инструктор кој требало да го потпомогне нејзиното учење.
Таа си поставила цел на учењето: да стекне знаење за техничките аспекти за функционирањето на „Чет-ГПТ“ 3.5, за кои, како што наведува, имала скромно знаење. Таа сакала да стекне солидно знаење за „Чет-ГПТ“ 3.5 така што да може тоа знаење да го пренесува. Така, во ова истражување имала двојна улога, како лице кое сака да научи нешто, но и како истражувач.
Авторката на трудот поминала во учење со помош на „Чет-ГПТ“ 3.5 околу 7 часа во повеќе наврати. За секоја сесија на учење водела детални белешки за прашањата што ги поставувала, за одговорите, за нејзините рефлексии. Нејзините белешки изнесувале 25.618 зборови. Во трудот детално се опишани искуствата од тоа учење.
Таа оценила дека добила доволно информации што ѝ овозможиле да формира oпшта идеја за технички аспекти на „Чет-ГПТ“ 3.5, односно дека стекнала знаење за техничките аспекти на „Чет-ГПТ“ 3.5 и за неговото функционирање.
Како поупатен друг што подучува, „Чет-ГПТ“ 3.5 се покажал добар, обезбедувајќи фидбек и мотивирајќи ја кандидатката. Во оваа смисла „Чет-ГПТ“ 3.5 успешно ја водел кандидатката низ процесот на учење. Притоа може да се рече дека авторката упорно поставувала прашања и потпрашања, а со цел да ѝ се разјаснат некои поими, дури иако претходно истите прашања и потпрашања биле поставени повеќе пати. „Чет-ГПТ“ 3.5 упорно одговарал, не се бунел затоа што исто прашање било поставено повеќе пати, не категоризирал прашање како „глупо“, не се жалел на досада, не се нервирал за несоодветен одговор, не навредувал.
Во текот на учењето добивала фидбек за напредокот, што авторката го доживеала како силен мотивациски фактор, што е важно за процесот на учење. Но, авторката наведува дека одговорите на „Чет-ГПТ“ 3.5 понекогаш биле површни, понекогаш неконзистентни, па дури и контрадикторни. Згора на тоа, на едно иста прашање системот давал различни, па и спротивни одговори. Кога авторката го соочила „Чет-ГПТ“ 3.5 со неконзистентноста на неговите одговори, настанало препукување помеѓу авторката и „Чет-ГПТ“ 3.5, односно размена на дијалози неколку пати, но сепак, „Чет-ГПТ“ 3.5 не се коригирал самиот себе.
Авторката ја користела верзијата 3.5 од „Чет-ГПТ“, односно „Чет-ГПТ“ 3.5 иако веќе била во употреба и верзијата „Чет-ГПТ“ 4, затоа што верзијата 3.5 е од типот слободен пристап, што е важно за студентите кои се големи корисници на „Чет-ГПТ“ 3.5.
Во трудот е даден инсерт од текот на разговорот, кога на „Чет-ГПТ“ 3.5 му било поставено едноставно прашање. Прашањето гласело: Колку зборови има во есеј од 700 збора? „Чет-ГПТ“ 3.5 одговорил: Од 140 до 160 збора. Потоа објаснил како дошол до ова решение.
Во оваа пригода би потсетил на една компјутерска анегдота која се вртеше во самите почетоци на продирањето на персоналните компјутери, пред околу 40 години. Тогаш кај нас беа популарни компјутерите Comodore 64 и ZX Spectrum.
Значи, на компјутерот му било поставено ова прашање:
Имам два часовника, едниот воопшто не работи, а другиот доцни 5 минути. Кој часовник е подобар?
Компјутерот одговорил дека подобар е часовникот што не работи, а објаснил и зошто: тој што не работи двапати во денот ќе покаже точно време, а тој што доцни 5 минути, никогаш нема да покаже точно време.
Кога ќе се прочита објаснувањето што го дало „Чет-ГПТ“ 3.5 или компјутерот, ќе биде јасно дека компјутерите користат поинакви механизми (алгоритми) за да дојдат до одговор.
Авторката заклучила дека „Чет-ГПТ“ 3.5 е корисен во првите фази на учењето, во почетокот на самото учење, затоа што „Чет-ГПТ“ 3.5 дава добра насока. Тој е добар за да се стекне основно општо знаење, но не е многу користен кога станува збор за напредно знаење, затоа што информациите што ги дава се несигурни.
Во целина земено, покрај многуте предности што ги има компјутерот (располага со огромен број податоци, даден податок може да се повика брзо и сл.), а кои во „Чет-ГПТ“ 3.5 се користат до максимум, сепак, според мое мислење, во логичкото мислење човекот е супериорен. Во примерите што ги наведов може да се види дека до точно решение човекот доаѓа користејќи друга стратегија.
Несоодветните решенија тој одма ги отфрла, а се насочува само кон можните точни решенија.
Сепак, треба да се каже дека компјутерот, односно „Чет-ГПТ“ 3.5 е толку добар колку што е добра програмата според која компјутерот работи.
Авторите на „Чет-ГПТ“ 3.5 не соопштиле со кои трудови е наполнет. Можно е идните верзии на „Чет-ГПТ“ да бидат нахранети со други трудови и други списанија, а и да го креираат повешти програмери.
Секоја програма, па и „Чет-ГПТ“ 3.5 е толку добра колку што се добри нејзините автори.
Графичката илустрација и прилозите дадени на крајот од трудот го олеснуваат разбирањето на материјалот.
(Авторот на текстот е професор во пензија а рудот е објавен во списанието International journal of educational technology in higher education, на 23 јуни 2023 година, стр. 1-17, под наслов Learning with ChatGPT 3.5 as a more knowledgeable other: an autoethnographic study. Списанието има IF = 7.6, а пристапот до трудот е слободен и може да се добие на овој линк: file:///C:/Users/Pc/Downloads/s41239-023-00404-7.pdf)