МЕРСИХА СМАИЛОВИЌ
Замислено гледав како две момчиња скокаат на трамболината. Едното од нив кое имаше околу 8 години, му се доближии на 4 годишното момче и се обиде да го фати за рамето. Детето почна да вреска и за секунда во трамболината влезе неговиот татко, кој сакаше да му „покаже“ на 8 годишното дете како се дрзнува да го задева син му. Но, запре кога виде дека 8 годишното дете е дете со Даунов синдром. Тогаш гневот го пренасочи кон вработените во игротеката
Прекрасната Нина ја запознав во 2018-та! Нина е прекрасно тетовско девојче, професорка по македонски јазик, фармацевтски техничар, ќерка, сестра, пријателка, невработена…. ах да, сосема заборавив, лице со посебни потреби кое боледува од Даунов синдром.
Ја гледав на видеото на UNICEF, но имав прилика за прв пат да ја слушам на настанот „Јас згрешив“. Додека таа говореше, размислував каде јас грешев до сега во однос на Нина и на сите други посебни луѓе кои биле околу мене на кои им требала рака на поддршка. Сум читала и слушала за интегрцијата на децата со посебни потреби во образованието и секогаш размислував во насока како ТИЕ ЛИЦА да се вклучат, но, додека ја слушав Нина, размислував како јас да се вклучам во нивниот живот? Дали јас сум доволно интегрирана за да и` бидам поддршка на Нина и на лицата кои имаат потреба од посебна нега и грижа?
Јас таа ноќ не можев да го започнам веќе подготовениот говор, додека на почеток не и` честитав јавно за истрајноста, додека не и` кажав дека и` се восхитувам на успехот што го постигнала и допрва ќе го постигнува. Не можев да започнам се додека не ја гушнав цврсто….
Ах….Нина, тетовското девојче кое ми го стопли срцето!
Би сакала сите да почнеме да се интегрираме во здраво општество кое ќе ја гушне Нина, ќе ја земе за рака и заедно со неа ќе водат битки во ова наше кревко и ранливо општество.
Инспирацијата за овој текст ја добив од пред некој ден, кога бев во игротека со моите ќерки. Замислено гледав како две момчиња скокаат на трамболината. Едното од нив кое имаше околу 8 години, му се доближии на 4 годишното момче и се обиде да го фати за рамето. Детето почна да вреска и за секунда во трамболината влезе неговиот татко, кој сакаше да му „покаже“ на 8 годишното дете како се дрзнува да го задева син му. Но, запре кога виде дека 8 годишното дете е дете со Даунов синдром. Тогаш гневот го пренасочи кон вработените во игротеката со кои сакаше и физички да се пресмета. Среќа, разумните родители ги раздвоија…. да, да, во игротека се случуваше сето ова! Кога се расчисти гужвата, поминав покрај 8 годишното дете и неговата мајка, и за прв пат таа вечер видов дека тоа дете е прекрасно исплашено дете, посебно дете, кое има Даунов синдром. Се сетив на моето тетовско девојче, на мојата Нина, и почнав да разговарам со неговата мајка. И` објаснив дека гледав од страна што се случува и дека нејзиното прекрасно дете не го нападна другото детенце, единствено сакаше да го гушне. Кутрата жена, почна да ми објаснува како тој оди во училиште, како не е агресивен…. ах…. зошто побогу ми се правдаш? – помислив. Жената отиде на масата кај мајката на 4 годишното дете и таму се правдаше дека нејзиниот син не е агресивен! Не можев веќе да издржам, станав и ја гушнав и гласно и реков, за да ме слушнат сите: Ве молам престанете да се правдате, туку ИЗВИНЕТЕ! Извинете што нашите деца немаат чувство за интеграција, извинете што сме себични родители кои уживаат со своите деца без да им говорат за разноликоста која не` опкружува. Извинете за нашата игнорантност!
На крајот добив силно гушкање од херојот во игротеката, 8 годишното посебно момче!
Драга Нина, ти благодарам за инспирацијата! Секогаш и секаде ќе бидам твојот глас и гласот на децата кои имаат САМО вишок хромозом!
На крајот на денот, кога страстите се смирија, кога секој продолжи со играта, размислував кои сме ние и во какви чудовишта се претвараме. Во целото лудило кое не` опкружува сфатив дека најбитен идентитет кој треба да го имаме е човечноста! Ако ја немаме човечноста и не го познаваме неговиот јазик, попусто е дали ќе бидеме Македонци, Албанци, Бошњаци, Турци, Роми, Срби и др…