Годинава во Хрватска се запишале 35.700 првачиња, но биле одбиени дури 4.000 деца кои најверојатно ќе станат првачиња следната година, а причините се различни, од здравствени и психофизички до општа незрелост и лично по барање родителите.
Експертите укажуваат на зголемување на проблемите со моториката кај децата, кои вклучуваат неможност правилно да се држи молив или да се следат линиите на хартија, а една од причините е претераното користење на технологијата, објаснува Антонија Миросављевиќ, претседателка на Здружението на директори на основни училишта.
– На пример, децата во градинка кога ќе добијат сликовница, се обидуваат да го зголемат цветот во сликовницата како што прават на екраните на мобилните – изјави таа.
Во Македонија, Министерството за образование и наука не води статистика за тоа колку деца се одбиени од педагозите или, пак, се вратени по барање на родителите кога се тестираат пред упис за прво одделение, ниту пак дека се одбиени затоа што користеле премногу мобилни телефони.
Годинава се запишале 17.200 првачиња или за 500 помалку од лани, но во оваа бројка се вклучени и децата што се иселуваат со своите родители од земјава, децата чии родители решиле да ги остават уште една година во градинка затоа што процениле дека имаат побавен развој и децата кои се одбиени поради општа незрелост.
М-р Анита Младеновска, специјален едукатор и рехабилитатор од ДСУ „Киро Бурназ“ од Куманово, за Факултети.мк објасни како се врши уписот на првачињата во основно училиште и нагласи дека терминот одбиен ученик од упис звучи малку прегрубо.
– Малку прегрубо звучи и не се користи терминот одбиен ученик од упис во основно образование. При уписот во основно образование се врши севкупна процена на когнитивните, интелектуалните и моторните способности кај идниот ученик од страна на стручната служба (психолог, педагог, социолог, социјален работник, спец. едукатор и рехабилитатор) во основното училиште. Родителите имаат обврска претходно да направат систематски преглед на детето и резултатите се поднесуваат до службата, при самиот упис, како и картонот за имунизација. Доколку при процената се забележи дека недостига зрелост во емоциите, забавен психофизички развој, отсуство на говор или други недостатоци, тогаш се препорачува да се одложи тргнувањето на училиште во рок од една година – објаснува Младеновска и додава:
– Исто така, на родителите им се дава препорака таа година да ја искористат за индивидуален третман и поддршка од стручно лице, во зависност од состојбата која не ги исполнува критериумите за тргнување во прво одделение. Во случај ако детето посетувало предучилишна установа, има МКФ категоризација или наод и мислење, се препорачува образовен асистент да го придружува ученикот. На ниво на држава немаме регистар кој евидентира колку ученици биле одбиени за упис во прво одделение и прецизно кои биле причините поради кои биле одбиени учениците – вели дефектологот.
Светски познатиот детски невролог Олег Корењ од Новосибирск во едно интервју откри дека во последните осум години се среќавал со ист проблем: деца кои во просек имаат по три години и практично немаат говор, а нивното однесување е слично на децата со аутизам. Заедничко за сите деца е тоа што родителите им дале паметен телефон или таблет кога наполниле една година.
(fakulteti.mk)