Претседателот Пендаровски пред неколку дена потсети на македонскиот став за неприфатливост на промена на границите било каде на Балканот и рече дека онаа идеја за промени на границите мешу Србија и Косово е грозна и анахрона. Косовскиот новинар Ваљон Суља тврди дека идејата не е погребана ниту во Приштина, ниту во Белград
ЉУБОМИР КОСТОВСКИ
Многу баллкански медиуми пренесоа делови од говорот на нашиот претседател одржан за време на посетата на Министертвото за одбрана во петокот. Основа за интересот беше поврзување на говорот со ситуаијата во непосредно соседство каде неколку дена претходно имаше пробласување на борбена готовност. Белградскиот „Нови магазин“, на пример, повикувајќи се на агенцијата Бета, јави дека претседателот на Северна Македонија Стево Пендароваки оценил дека идејата за корекција на границата меѓу Косово и Србија е грозна и анахрона и не припаѓа на 21.век. Пендаровски рекол дека нема ништо пострашно ако некој навистина мисли да влезе во таков проект и истакнал дека треба да престанат со лицитирањата на таа тема.
ТОА НЕ Е ЗА ОДГОВОРНИ ПОЛИТИЧАРИ „Тоа можат да го работат експерти, новинари, ама не и одговорни политичари, бидејќи е неодговорно да се разговара за една, во суштина грозна идеја, за размена на луѓе и територии во 21.век. Последен пат таква работа се случила во 1923 година, со подршка на големите сили. Турција и Грција и ден-денес влчат последици на таа размена на луѓе и територии – рекол Пендаровски.
Пендаровски, како што јави своевремено МИА од Приштина, овој пат претходно, во интервју за косовската РТК, категорично се спротивставил на можноста за промени на границите како решение за регионалните спорови, нагласувајќи дека таквите решенија поттикнуваат конфликти.
Прашан како ги коментира заложбите на претседателите на Косово и Србија, Хашим Тачи и Александар Вучиќ за корекции на границите како решение за споровите меѓу двете држави, Пендаровски рекол дека тоа е најлошата идеја што ја чул до сега.
„Полоша идеја од оваа не сум слушнал. Сите знаеме дека промената на границите, каде и да се случи, е рецепт за конфликт. Да можеше оваа работа така да се реши на маса, до сега ќе беше решена. Но, оваа идеја, според информациите кои ги имам, нема подрршка ниту кај одлучувачките фактори во Европа и во САД. Јас со двете раце го поддржувам ставот на ЕУ која се залага за решение што ќе го постигнат Белград и Приштина и кое нема да го дестабилизира регионот, туку ќе придонесе за негова стабилност”, вели Пендаровски.
ПОТСЕТНИК Да се потсетиме како јавноста дозна за оваа идеја. Ставот на Белград најпрво го изнесе шефот на дипломатијата Ивица Дачиќ, а таа изјава веднаш потоа ја поддржа и претседателот на Србија Александар Вучиќ. Иако потоа државниот врв се обиде да ја прикаже целата работа како стара вест, и дека за тоа и претходно се зборувало, тие изјави, сега веќе стари повеќе од една година, беа сепак прва официјална потврда на таквата политика.
Забележливо е дека потоа уследи и дополнително објаснување на министерот за надворешни работи Дачиќ дека „е тоа само идеја на државните претставници“ и дека за тоа ќе се изјаснуваат парламентот и народот.
РАЗГРАНИЧУВАЊЕ – САМО ДРУГ ИЗРАЗ ЗА НОВИ ГРАНИЦИ Токму на тој момент вниманието го врти и политичкиот аналитичар Драгомир Анѓелковиќ, една многу симпоматична фигура, за која може многу да се говори и од макесонски аспект и за негови врски со наши новинари.
Разграничувањето, според него, е само друг збор за поделба на Косово, и тоа е засега само предлог на владејачките структури:
„Тоа може да стане државна политика само кога ќе добие потврда од граѓаните на референдум. Во моментов имаме само предлог на власта како основа за договор со Албанците, а за да дојде до договор, бидејќи тоа е уставно прашање, единствено граѓаните на Србија на референдум можат да кажат да или не“, рече Анѓелковиќ.
Надворешнополитичкиот коментатор Бошко Јакшиќ за ДВ своевремено рече дека многу работи се нејасни околу ставот на Белград за разграничувањето. Не се знае дали тоа би се одвивало по етнички, територијален или комбинација од тие два принципи. Исто така, во Белград веќе се постави прашањето за линијата на тоа разграничување, и во таа смисла Јакшиќ смета дека се работи само за козметички измени на границите на Србија и Косово.
ТРАМПА НА СЕЛА „Според мене, тоа нема да биде трампа на северот на Косово за некои општини на југот на Србија, бидејќи тоа би биле максималистички барања. Тоа ќе биде размена на неколку села од двете страни на границата, што би било прогласено за победа и компромис на двете страни“, уверен е Јакшиќ.
Доколку се постави прашање за припојување на одредени општини од југот на Србија кон Косово, тогаш би морал да се направи далеку поширок договор, смета Драгомир Анѓелковиќ.
„Мислам дека тогаш и Србија би барала да добие повеќе од северот на Косово, и тоа би значело целосна поделба на Косово, вклучувајќи ги тука и средините во кои Србите беа мнозинство до 1999 година. Во тој случај би морало да се постави и прашањето за Република Српска, што би значело нов договор за границите на Балканот“, смета Анѓелковиќ.
Да се потсетиме и на тоа дека опозицијата во Србија многу остро реагираше на идејата за разграничување. Опозициските лидери предупредуваат дека е на дело кршење на Уставот на Србија и наведуваат дека целиот процес би морал да се води во согласност со Резолуцијата 1244 на ОН, и дека, пред статусните прашања, мораат да се решат имотните прашања и човековите права на Србите на Косово. На опозицијата, од друга страна, и се префрла дека нема свој став за конкретно решение на косовскиот проблем, но и за членството на Србија во ЕУ.
ОСТРА РЕАКЦИЈА Освен што забележува дека српската опозиција нема политика околу Косово, Бошко Јакшиќ вели „дека опозицијата самата себе се елиминира од тој процес, и дека на тој начин си пукаше во нога. „Дополнителен проблем е тоа што дел од опозицијата е против било какви преговори околу Косово, значи, се држи до онаа клеронационалистичка мантра дека Косово мора и натаму да остане во составот на Србија“.
Паралелно со идејата за разграничување, од ЕУ доаѓаа информации дека веќе наголемо се работи на правно обврзувачки договор меѓу Приштина и Белград. Тоа само ги подгреа обвинувањата во српската јавност дека целиот процес е нетранспарентен, дека го води само еден човек и дека многу работи се случуваат зад завеси.
Веќе споменатиот Анѓелковиќ вели дека не може да замисли дека Белград ќе потпише било каков правно обврзувачки договор со Приштина без целосно решение.
„Во крајна линија, Бриселскиот договор е еден вид правно обврзувачки договор, па Приштина не го примени. Значи, за каков нов договор да зборуваме додека стариот не е реализиран. Новиот договор може да произлезе само по промена на состојба на теренот, а тоа значи после територијални промени“, вели Анѓелковиќ.
За Јакшиќ не е ништо страшно доколку проблемот се решава и со тајна дипломатија.
„Тоа не би бил никаков голем исклучок, таквите работи постојат во светската пракса. Секако, би било добро власта да ја обелодени таа широка рамка во која се разговара. Можеби знаат нешто повеќе во важните светски центри, но ние за жал сме исклучени од тоа“, заклучува Јакшиќ.
НЕМАЛО ПОГРЕБ Дали идејата за „разграничување“ односно „корекција на границите“ меѓу Србија и Косово е мртва? Премиерот на Косово Рамуш Харадинај тврди дека е така. Тој смета дека е тоа потврдено и на самитот за Западниот Балкан во Берлин и за ДВ објаснува:
„Ние сме подготвени на договор за признавање. А доколку Србија не е подготвена, ние ќе причекаме“.
„Метафорички кажано, јас мислам дека чекањето е смрт. Но, ако чекањето ја елиминира можноста од судир, тогаш е подобро да се чека“, смета политичкиот аналитичар од Приштина, Бехљуљ Бечај. Неговата оценка на досегашниот тек на преговорите меѓу Србија и Косово е прилично остра: „За жал, дијалогот не беше реален. Дијалогот беше фарса. Се насобраа негативни тенденции, пред сѐ во смисла на реториката, која ги зголемува секојдневните тензии, а потоа и во смисла на конкретни одлуки, како што се царините“, вели Бечај.
Приштинскиот новинар Ваљон Суља не мисли дека приказната за границите е завршена. „Додека таа идеја не се убие во Белград или во Приштина, таа воопшто не е мртва. Разграничувањето е максималната српска позиција во овие преговори, максималната приштинска позиција е корекција на границите, а она до што може да дојде е нешто помеѓу. Тоа ќе биде некаков процес на демаркација, значи нема да има ни размена на територии ни поделби. Од големите сили, кои беа спонзори на косовската независност, само Германците се против тоа“.
Според Суља, не постои друго решение во моментов. „Тие нам ни велат: седете си таму, нема визи, нема инвестиции, молчете и трпете. Тоа не може да биде сценарио“.
„Ни Рамуш Харадинај нема предлог за конечно решение. Тој само вели: вака не може. А како може, тоа не знае. Нашиот премиер мисли дека е времето на Рамбује, дека четири косовски лидери ќе се состанат со српските лидери и дека сето тоа ќе биде дел од некаков голем меѓународен договор. Премиерот нема ни доволно пратеници во парламентот. И Тачи и Весељи, кој и да сака, може да го урне за 24 часа“, вели Суља.
Политичкиот аналитичар Бечај објаснува дека се противи на корекција на границите затоа што смета дека луѓето всушност не се незадоволни поради територијата. „Политиките, односно политичките дела се причината зошто Албанците се незадоволни во Србија, а Србите незадоволни во Косово. И јас не велам дека Србите се незадоволни без причина. Јас ги обвинувам нашите политичари што не пронајдоа адекватен модус за Србите да ги прифатат косовската држава и косовските институции како свои“.
„За жал, нашето раководство, наместо да пронаоѓа адекватни решенија и да работи на изградба на меѓусебната доверба, во суштина ги помага настојувањата на политичарите од Србија дека Србите не го гледаат решението на своите проблеми во Косово, туку во Белград“, заклучува Бечај.