На Законот за заштита на укажувачи сепак не треба да се гледа само како на алатка во борбата против корупцијата, туку и како механизам кој ќе ја зајакне демократијата, владеење на правото, конкурентноста и општеството во целина.
АЛЕКСАНДАР Н. ПИСАРЕВ
Еден од последните инструменти кој Македонија го доби за борба против корупција е Законот за заштита на укажувачи. Многу очекувања, малку резултати. Законот е донесен во ноември 2015 година како резултат на т.н. договор од Пржино, во кој се вградени највисоките меѓународни стандарди засновани на светската и меѓународната практика. На овој начин, без поголема јавна расправа, ниту од страна на сите засегнати чинители, ниту на оние на кои им се наметнуваат обврски, Собранието на Република Македонија го донесе Законот за заштита на укажувачи и истиот беше објавен во Службен весник на Република Македонија бр.196 на 10.11.2015 година.
Но дали можеме да кажеме дека тоа е успех?
„ Политичарите преку ноќ се согласија за донесување на законот, не затоа што е постигнат повисок степен на политичка зрелост и секаконе затоа што кај нив постои искрена желба да се обезбеди ефикасно заштитено пријавување. Одлуката за донесување на законот беше донесена како резултат на политички преговори и во најголем дел како одговор или противтежа на Законот за заштита на приватноста. Токму заради тоа и после полни четири години од неговото донесување, не постои особено голема заинтересираност и подготвеност законот да се примени. Институциите во државниот и јавниот сектор не преземаа доволно мерки во насока на обезбедување на лице кое ќе ги прима и проверува пријавите во самата институција, во рамки на заштитено внатрешно пријавување.Исто така, и институциите кои се надлежни да воспостават механизам за заштитено надворешно пријавување: Државната комисија за спречување на корупцијата, Јавното обвинителство, Министерството за внатрешни работи и Народниот правобранител не преземаа некои значајни активности за неговата операционализација. Најчест изговор за инертноста во примената на Законот е немањето на ресурси, односно дека за тоа не постојат материјални и технички услови“ вели професор др. Слаѓана Тасева претседател на „Транспаренси Интернешенл- Македонија“.
На граѓаните уште не им е јасно што значи да се биде укажувач, а надлежните институции не превземаат доволно активности за негова примена, ниту се до крај подготвени за прием на пријави од укажувачи.
Државна комисија за спречување на корупција има подготвено Стратегија за промоција на системот на заштита на укажувачите со која треба да се подигне видливост и оперативност на Законот, но нејзината реализција и акциски план чекаат 2020 година, под услов да се обезбедат средствата од странски донатори за нејзиното спроведување. Овој Закон е важен од повеќе причини, а неговата оперативност е директно повзана и со поглавјето 23 (борба против корупција) за пристапување во ЕУ.
Токму затоа, целта на ова истражување не е да ги критикуваме институциите, туку поттикнување да се воспостави и зајакне правна и институционалната рамка за ефикасен систем за заштита на лицата укажувачи да се подигне видливоста на Законот и да се влијае на зголемување на неговата оперативност.
СЛАБА ПОЛИТИЧКА ВОЛЈА Од теренското истражување кое го направивме, Законот не е оперативен ни во институциите кои се задолжени за неговата имплементација. Во институцијата Народен правобранител уште официјално не е именувано лице кое треба да прима пријави, не е воспоставен протокол за прием на пријави од укажувачи, ниту мерките за нивната заштита. На веб страницата на оваа институција нема транспарентни информации во врска со Законот и процедурите за пријавување. Во оваа институција од донесување на Законот нема ни една пријава за корупција или дејствија кои се спротивни на јавниот интерес поднесена врз основа на Законот за заштитено пријавување. Обидот на просветниот инспектор Ѓорѓи Илиевски да укаже на непрвилности на работата во Државниот универзитет во Тетово, односно незаконското назначување на министерот за образование Арбер Адеми, заменик-министерот за внатрешни работи Агим Нухиу и директорот на Државниот завод за индустриска сопственост Сафет Емрули за вонредни професори на ДУТ заврши неславно бидејќи неговиот идентитет веднаш беше откриен, а тој, поради обидот да се спротивстави на криминалот, доживеа невидена тортура и притисоци. Илиевски беше подложен на дисциплинска постапка и деградиран, а на крајот на октомври Народниот правобранител оцени дека е спорно и деградирањето на инспекторот, и назначувањето на тројцата функционери за професори.
Во Министерството за внатрешни работи не е потполно воспоставен безбедносен канал кој би ја гарантирал заштитата на укажувачот. Во оваа институција со над 12.000 вработени (според Ребалансот на буџетот 12.264 вработени), осум Сектори за внатрешни работи, четири Регионални центри за гранични работи и стотина полициски станици од општа надлежност, за безбедност во сообраќајот, полициски канцеларии или полициски станици за гранична контрола или надзор и десетици други организациски единици, именувано е само едно одговорно лице за прием на пријави од укажувачи.
Насер Камбери, овластено лице за прием на пријави од укажувачи вели дека засега, во МВР тој е единствениот за прием на пријави по основа на Закон за заштитено внатрешно пријавување. „Јас сум од Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди, инаку сум началник на одделението за внатрешна контрола и криминалистички истраги. Во Бирото за јавна безбедност постои Оддел за економски криминал и корупција, каде што може да се пријават кривични дела од областа на корупцијата„ вели Камбери.
Тие сеуште имат технички проблеми да ја организират работата според протокол за заштитено внатрешно пријавување, немат посебна деловна книга за класифицирани информации од укажувачи, туку тие се регистрират во деловна книга која се води во одделот за внатрешна контрола. Од ова произлегува дека не е обезбедена максимална заштита на укажувачи.
Министерство за правда дури во оваа, четврта година од донесувањето на Законот се обидува да воспостави контакт со јавни инситуции,иако законот важи и за приватни компании, и да добие повратни информации дали превземале или ќе превземат мерки за операционализација на Законот. Од донесување на Законот во 2015 година Министерство за правда работело на усогласување на некои одредби на Законот со препораките на Венецијанската комисија и ги следи активностите на ЕУ во оваа област. Од 1.314 јавни институции (според Годишниот извештај од регистарот на вработени во јавниот сектор за 2018 година, Министерство за информатичко општество и администрација), Министреството за правда доставило анкетен прашалник до 317 институции со молба да одговорат што превзеле во врска со спроведување на процедурите предвидени со Законот. Меѓу нив беа сите 80 општини, град Скопје, министерства, агенции, совети, судови, обвинителства, дирекции, секретаријати, комисии, неколку јавни претпријатија, МРТ, Државни железници, национално ловиште Јасен… 60 проценти или 190 јавни институции одговориле на анкетниот прашалник. Анализа на нивните одговори ќе се прави во наредните две години, велат во Министерството.
Државната комисија за спречување на корупција се гордее со вкупно 18 пријави кои се поднесени од усвојување на Законот, од кои неколку се во фаза на обработка. Очекуват помош и донација од меѓународни организации да ја реализирзат стратегијата, која би ја подигнала оперативноста на овој Закон.
Анкетен прашалник на Министерството за правда за спроведување на Законот за заштита на укажувачи
Според Законот, институциите и другите правни лица се должни на секои шест месеци да поднесуват извештај до ДКСК. За непочитување на оваа одредба се предвидени и високи парични казни. Институциите не ја почитуват оваа законската обврска, а не функционира ни казнената политика.
Во суштина станува збор за недостаток на политичка воља овој закон да заживее и да почне вистински да се применува. На овој начин вработените во иституциите и граѓаните сеуште се длабоко обесхрабрени и незаштитени, што многу јасно се гледа и од спроведените анкети за истражување на јавното мислење.
Нo, на овој инструмент сепак не треба да се гледа само како на алатка во борбата против корупцијата, туку и како механизам кој ќе ја зајакне демократијата, владеење на правото, конкурентноста и општеството во целина.
ДРЖАВА ВО КОЈА СИТЕ СЕ „ПОЗНАВАТ“ Почетокот на борба да се оствари ова право е уште во далечната 2011 година кога „Транспаренси интернешенл –Македонија“ го актуелизираше ова прашање и поднесе Предлог за подготовка на новиот закон за заштита на укажувачите до Генералниот секретаријат на Владата на Република Македонија. Министерство за правда врз основа на доставениот предлог тогаш се произнесе дека истиот е инкорпориран во Стратегијата.
Целокупната институционална структура на државата треба да бидат ослободени од политичко и економско вмешување. Од друга страна, истите треба да бидат добро опремени со ресурси за ефикасно исполнување на нивните мандати за да им помогнат на граѓаните во решавањето на нивните потешкотии предизвикани од коруптивни дејствија.
Венецијанската комисија во извештајот наведува дека усвојувањето на Законот за заштита на укажувачи беше резултат на голем политички договор со кој се тежнееше да се постигне нормализирање на политичкиот живот во земјата во одредени околности. Тие констатирале дека иако законот стапи во сила на 19 октомври 2015 година, а започна да се имплементира од 18 март 2016 година, институционалните механизми во практика се имплементираат со потешкотии а некои делови на Законот мора да бидат изменети и дополнети. Во извештајот за напредокот на Република Македонија за 2016 година, Европската комисија укажува дека се потребни значителни правни, институционални и практични подготовки за ефективна примена на Законот.
Собранието ги прифати сугестиите, и со измените се овозможува поголема заштита на укажувачите и меѓудругото се обезбедува една институција (ДКСК) која ќе врши надзор за спроведување на законот. Но познавачите на оваа проблематика велат дека, согласно најновите европски директиви, ова не е доволно.
Поради самиот факт дека се работи за мала држава со испреплетени семејни, пријателски и бизнис врски и релации, кај граѓаните на Македонија постои страв да пријават корупција или криминал бидејќи можат да бидат откриени и да трпат последици. Поради тоа каналите за пријавување мора да бидат функционални механизми кои ќе обезбедат максимална заштита на пријавувачи. Со тоа граѓаните ќе бидат охрабрени да се вклучат и дадат свој придонес во борбата против корупцијата. Ирена Поповска, раководител на одделение за спречување на корупција и одговорна за примена на Закон и прием на пријави од укажувачи во ДКСК, вели дека кога се зборува и размислува за заштита на укажувачите, за Македонија би било применливо искуоството кое го има Црна Гора во примена на сличниот Закон. „Бидејки и кај нив се работи за мала држава со мал број на жители каде постои ризик лесно да се открие идентитет на дојавувачот, Црна Гора применимногу интересен начин на пријавување од страна на укажувачите. На својата веб страна Црногорската Агенција за спречување на корупција има посебна веб-апликација, и секој пријавувач кој сака да пријави корупција или криминал си одредува сам свој ИД-код (идентификациски код, н.з.). Значи, не мора ни да се појави, ниту да отиде во Агенцијата, ниту да затропа на вратата во некоја институција па да каже пријавувам корупција, едноставно пријавува под кодно име и никој него знае неговиот идентитет и незнае дека тој поднел пријава, а институцијата си постапува спорд законот и ги проверува наодите од пријавата. И тоа е нешто што побуди голем интерес кај нас и ќе видиме какви ќе ни бидат можностите овој систем да го примениме и во нашата пракса. Да избегнеме било каков физички контакт помеѓу пријавувач и институцијата во моментот кога тој сака да пријави корупција или криминал и да го заштитиме максимално неговиот идентитет. Тоа ни се виде како многу добро, напредно и охрабрувачко искуство за оние кои што ќе сакаат да бидат укажувачи“ вели Поповска.
Магистерот по правни науки Бојан Георгиевски оценува дека постојат некои работи кои треба да се подобрат во Законот. Потребна е дополнителна заштита која ќе ги охрабри укажувачите да пријавата корупција или криминал или други дејствија кои го нарушуват јавниот интерес. Тогаш укажувачите треба да уживат судска заштита и заштита на интегритетот. Има уште една спротивност во македонскиот Закон и во однос на тоа што го предвидува европската директива. Каналите за пријавување, кај нас се од редовите на државните институции, а во европските насоки тие треба да бидат во државните институции, но одделени финансиски и структурално од нив. Европската предлог-директива предвидува каналите за пријавување што се дел од самата институција да бидат воспоставени во самата институција, но да бидат финансиски и структурално независни за да не бидат подложни на влијание од државата или од некои институции.
ИЗГУБЕНАТА ДОВЕРБА ТЕШКО СЕ ВРАЌА Без разлика на тоа што законот е во сила, а сега се усвоени измени, спроведувањето не е многу успешно. Тоа се наведува и во извештајот на Државната комисија за спречување на корупцијата, која според Законот е должнa до Собранието да достави годишен извештај за примени пријави од укажувачи. Во извештајот објавен лани, а во кој се анализира претходната година, Комисијата наведува дека имплементацијата на Законот е на незадоволително ниво, што, како што пишуваат антикорупционерите, првенствено се должи на отсуство на изразена политичка воља за воспоставување на системот на заштита на укажувачите во јавниот и приватниот сектор.
Софка Пејовска-Дојчиновска, член на ДКСК, на Конференцијата која во текот на летото ја организираше „Транспаренси Интернешенл – Македонија“ посветена на овој Закон рече: „ Некако по природата на нештата ДКСК ја презеде улогата за грижа, условно речено, за спроведувањето на законот. Иако за надзор над спроведувањето на законот е надлежно Министерството за правда, ние се препознаваме како институција која што сега, условно кажано, во едно ново претставување, сака да биде, без претензија на самобендисаност, лидер во туркањето на работите што се врзани со спроведување на законот. Фактот дека јавноста се уште не беше подготвена за ваков Закон, е тоа што дури сега гледаме ефекти. А зошто? Во нашата држава довербата во институциите беше целосно разнишана- нула, или под нула, и многу е тешко да вратите доверба кај граѓаните во институциите. Да не бидам саркастична, ама повеќе од 80 отсто институции не знаат дека воопшто има закон за заштита на укажувачите. И тоа е голема пречка. Вие ако не знаете дека има таков закон, како потоа би постапиле? Тоа се неколку сегменти кои треба да ги имаме на ум кога говориме за примената на законот“ вели Пејовска-Дојчиновска.
Таа вели дека во однос на Законот, неопходно е подигање на свеста, подигање на свеста на целата јавност, на граѓаните, но најнапред на луѓето во јавниот сектор и кои што се овластени за прием на пријави, затоа што е сериозна постапката, бара пристап кој што има многу чекори, и кампањи од секаков вид, пошироки обуки, прво скалило да бидат овластените лица, втората целна група да бидат вработените во јавниот сектор, приватниот сектор, граѓаните.
Според она што ние го истраживме, постои голем број на сложени системи со неколку илјади вработени, со истурени единици низ цела држава во кои работат стотици вработени, а на ниво на целиот ситем има само едно или нема ни едно лице кое е определено за прием на пријави од укажувачи. Такви примери има многу. УЈП– Управа за јавни приходи има 1.172 вработени, има шест регионални дирекции и 17 даночни одделениа низ државата, а на нвната веб страна освен име на едно лице (инспектор за професионални стандарди) кое е назначено да прима пријави според овој Закон, нема никакви други упатства. Агенција за вработување има 30 подрачни едици во државата и има именувано двајца овластени лица за прием на пријави врз основа на Законот и процедури и начинот за пријавивање., Агенција за јавни патишта има истурени единици низ цела држава, на нивната веб-страна, како што предвидува и Законот транспарентно е објавено името на лице коие е овластено да прима пријави според Законот, правилник за негова имплементација, упатство и одредбите од Законот. ЈП Национални шуми има 30 подрачни единици со скоро 1300 вработени, ЕВН, МЕПСО на нивните страни не успевме да пронајдеме транспарентно објавени податоци за примена на Законот.
Според податоци на Министерството за информатичко општество, Единици за локална самоуправа имат формирано на локално ниво 788 јавни институции, Влада 428, Претседател 1, Републиката 70, Собрание 27, јавни институции, и сите тие се обврзани да го применуват Законот за заштита на укажувачи.
Ирена Поповска, раководител на Одделение за спречувење на корупција во ДКСК, вели дека Јавните институции кои имат повеке истурени оделенија низ државата , според Законот би требало да имат повеќе овластени лица за прием на пријави од укажувачи. „Сите јавни институции и приватни компании, комори, агенции, здруженија според Законот се должни на своите веб страници или во просториите каде се сместени на видни места достапни до секој вработен или граѓанин да ги објават транспарентно податоците на овластеното лице за прием на пријави- значи неговото име и презиме, поштенската адреса, телефонскиот број, имеил адресата, заедно со комплетната процедура и начин на пријавивање. За да секое она лице кое самото се чувствува дека може да се јави во улога на укажувач, знае однапред со кого да комуницира, што го чека во текот на постапувањето по неговата пријава.
Но дали е така? „Ние како ДКСК сме задолжени да водиме регистар на овластени лица за прием на пријави од укажувачи согласно ЗЗУ (Закон за заштита на укажувачи, н.з.) и истиот да го објавиме на нашата веб-страна. Јас во изминатиот период изготвив регистар, негде податоците ми се околу 100 лица пријавени, меѓутоа, интересно е тоа што на почетокот, кога почна примената на законот, институциите ми ги пријавија лицата, во меѓувреме имав сознанија дека има промена во лицата, меѓутоа, не сум повратно информирана за тоа кои се сега овластени лица. И последната обврска што стои, тоа е дека сите овластени лица треба да доставуваат полугодишни извештаи, два пати во годината, со сите податоци околу тоа дали има примено пријави од укажувачи, со сите елементи кои што ги пропишува подзаконскиот акт вели Поповска.
Покрај персоналниот сегмент на тој систем за заштитено внатрешно пријавување, битно е да бидат исполнети просторно-технички услови, лицето да има соодветен работен простор, добро е тоа да биде некој простор надвор од видео-мониторингот во институцијата, бидејки тоа може да биде некој ограничувачки фактор. Потоа, лицето да има посебен компјутер, со влез, корисничко име и лозинка познати само за овластеното лице, да има посебна електронска адреса, исто така со влез, име и лозинка познати само на овластеното лице, посебен приемен штембил, посебен деловодник, посебно поштенско сандаче, телефонска линија, документарен ормар за чување на документи.
Практично ни една од институциите во целост не ги исполнува овие услови.
Институции кои имаат назначено лица за прием на пријави од укажувачи
Извор: https://ukazuvac.mk/index.php/kontakti-za-ukazuvaci/vnatresno-prijavuvanje
https://ukazuvac.mk/index.php/kontakti-za-ukazuvaci/nadvoresno-prijavuvanje
Извор: Истражување „МЕРЕЊЕ НА СТАВОВИ И ИЗЛОЖЕНОСТ НА КОРУПЦИЈА’’
ПОТРЕБЕН Е ВЕТЕР ВО ГРБОТ Во рамки на овој проект, а со цел да провериме колку се запознаени и информирани вработените во разни институции за можностите да ја корстат оваа алатка за борба против корупција и колку се заштитени ако пријават корупција во своето опкружување направивме блиц истражувањае на веб страните на неколку познати јавните институции, здравствени установи, големи компании, комори, здруженија…и ги нотиравме тие кои немат: ЕВН, АМСМ, Стопанска комора на Северна Македонија, Лекарска комора на Северна Македонија, Комора за приватно обезбедување, Централен регистар, градежните компании Адора, Голден Арт, Дабар и Елена Лука, просурфавме на веб страниците на големи трговски ланци Тинекс, Веро, Кам маркет, на железара Макстил, Цементарница Титан, Брако, Болница за душевни болести Бардовци, болница Систина. И тие кои имат: МВР, Катастар, УЈП, Агенција за државни патишта, Агенција за вработување, за да видиме колкав е степенот на нивната информираност за постоење на овој закон, дали ја исполниле својата законска обврска и дали именувале лице за прием на пријави според Законот за заштита на укажувачи, дали се трнспарентно обајвени процедурите за пријавување, какви се и дали се безбедни каналите за заштита на укажувачите. Резултатите не се воопшто охрабрувачки.
Очигледно е дека во институциите во државата е сеуште е релативно ниска свест за потреба од заштита на јавниот интерес и дека поради тоа треба да алармират ако е извршено, се извршува, или ќе се изврши кривично дело или некое друго незаконито и недозволиво однесување.
Сите тие според Законот имаат обврска да воспостават систем за заштитено пријавување од страна на укажувачи во самата институција и тоа треба да биде објавено на влезот од самата институција на видно место или нивната веб страница. А обврските се однесуваат и за приватните компании кои имаат вработено над 10 луѓе.
„За жал досега многу малку институциите најавија дека тоа го направиле, а и тие што најавија дека тоа го направиле во нивни институции не постои јавно објавена информација како тоа се прави и каде може некој да се обрати“, вели Тасева.
Од 1.314 јавни институции чији основачи се Влада, Парламент и ЕЛС само неполни сто го испочитувале Законот за заштитено пријавување и именувале одговорни лица. Меѓутоа ни една нема објавено протокол за пријавување, нити редовно двапати годишно поднесува извештај до ДКСК. И ДКСК до сега изготвила само еден извештај кој во 2018 година го доставила до Собрание, со оправдување дека скоро цела година не беа именувани членови на Комисијата.
Државната комисија за спречување корупција сака да даде ветер во грбот на сите потенцијални укажувачи дека законот е тука, со цел да ја регулира заштитата на пријавувањето, особено, во делот на тоа укажувачите да бидат потполно заштитени и да бидат сигурни дека ништо не може да им се случи доколку ги испочитуваат процедурите предвидени во законот. Тие ги охрабруваат институциите што побрзо да си именуваат, да си овластат лица кои што би работеле со укажувачи, бидејќи само така, заедно, сите здружени можеме да застанеме на браникот на демократијата и на човековите права.
Анализата на доставените полугодишни/годишни извештаи за приемни пријави од укажувачи од страна на институциите до Државната комисија за спречување на корупцијата во текот на 2016 година и податоците во нив дека во првата година од спроведување на Законот не е евидентирана ниту една пријава доставена од укажувачи а заклучно со оваа година се примени само 18 пријави, покажа дека свеста на овластените лица и вработените лица во институциите од јавниот и приватниот сектор, како и на пошироката јавност за воспоставениот систем на пријавување и заштита на укажувачите, е на многу ниско ниво и оттаму е неопходна силна медиумска кампања за подигање на јавната свест.
„Државната Комисија за спречување на корупција подготви Стратегија за промоција на системот за заштита на укажувачите со што треба да се зголеми видливоста на овој Закон, но таа уште не се применува бидејки немаме доволно средства да ги спроведеме активностите кои ги планираме и чекаме на донаторите од странство кои би помогнале во нејзината реализција, очекуваме да почнеме со нејзиното спроведување во 2020 годинапосле што ќе следи донесување на акцискиот план. Сакаме благовремено да укажеме на неконзистентност на некои елементи од овој закон и да помогнеме тие да се отстрант. Сепак, оценуваме дека довербата за применивоста на овој инструмент кај граѓаните расте, вели Поповска.
Софка Пејовска Дојчиновска, член на ДКСК, вели дека Националната стратегија за спречување на корупција и судир на интереси која ја подготвува ДКСК, кога ке биде завршена, овој пат ќе оди пред пратениците на Собрание на Република Северна Македонија да ја усвојат како документ со кој ја изразуват политичката воља да застант зад мерките кои ги предлага ДКСК и кои се во неа предложени.
Од моментната, актуелна ситуација околу оперативноста на Законот нетребаме да бидеме обесхрабрени бидјејќи и многу поразвиени демократии во Европа имаа долг процес за неговата имплементација и оперативност. Во Холандија на пример, тој процес траеше три години, што значи дека законот треба да биде добро втемелен и да се направи проверка на други регулативи.
Според Мирјана Најчевска, професорка на Институтот за социолошки и политичко правни истражувања неспроведувањето на законите кај нас е генерален проблем.
„Законите не се соодветно презентирани. Според мене не е доволно донесувањето на овој закон, туку ќе мора многу да се работи, прво на неговото пропагирање, а второ на јасно објаснување на граѓаните на кој начин ќе може да го употребат”, вели Најчевска.
КОЈ, КАКО И ШТО ПРИЈАВУВА Пошироко гледано, и обичните граѓаните не се доволно запознаени дека постои законско право да го пријават секој обид на корупција во јавни и приватни инститции. Тоа произлегува од Законот за укажувачи . Според овој закон постојат неколку нивоа и механизми за пријавување на корупција, при што дојавувачот-укажувач и неговите лични податоци се потполно заштитени.
Системот за укажување може да биде ефикасен само ако е составен од оперативна, нормативна и институционална рамка, која го унапредува општиот интерес на транспарентност и одговорност. Ова значи дека регулаторната рамка треба да создаде соодветни канали за пријавување, или во организацијата каде што се случил престапот или во надворешно тело со мандат да го истражи и соодветно да постапи по престапот. Дополнително, јавното пријавување- преку традиционални или социјални медиуми- мора да биде перципирано како легитимно, бидејки постои нераскинлива врска меѓу јавниот интерес, слободата на изразување, и правото да се прима информација.
Мораме да разјасниме дека според Законот, Укажувач е практично секој полнолетен граѓанин на Република Македонија и при пријавување на корупција тој и неговите лични податоци се максимално заштитени.
Пријавување може да биде на неколку нивоа.
Законот посебно ги стимулира и ги штити како укажувачи самите вработени во јавните институции, кои можат да ја пријават секоја корупција или сомнеж за корупција во својата установа. Тоа може да биде лице кое е во работен однос во институцијата, кандидат за вработување, хонорарец, привремено вработен, лице кое по било кој основ било ангажирано во институцијата, лице које било во деловен однос со институцијата или соработувало, или правно лице које имало релации со институцијата…..
Станува збор за потполно заштитено пријавување при што идентитетот и личните податоци на пријавувачот се комплетно заштитени. Пријавувањето може да биде внатрешно, надворешно и јавно, пријавувачот треба да има добра намера и таа да е во функција на заштита на јавниот интерес.
Заштитено внатрешно пријавување подразбира пријавувач на корупција тоа да го направи во институцијата во која се сомнева дека поединци се корумпирани или има докази дека е извршена корупција, или некое друго незаконито постапување со кое е повреден јавниот интерес. Пријавувањето може да се направи усно или во писмена форма кај овластено лице во институцијата, или овластено лице за прием на пријава од укажувач. (тоа подразбира дека институција треба да назначи овластено лице за оваа функција, така предвидува Законот), и тоа на формулар кој го има подготвено институцијата. Тоа овластено лице, раководно лице или како е назначено мора да постапува според процедурите кои се утврдени со актот за внатрешно пријавување. Заштитено внатрешно пријавување во институциите од јавен сектор се уредува со акт што на предлог на ДКСК го донесува Министерот за правда. Тие акти и упатства мора да бидат јавни и достапни до сите вработени во институцијата, односно правното лице.
Заштитено надворешно пријавување подразбира дека укажувачот кој се сомнева дека во некоја јавна институција, министерство, служба, инспекција, управа… има корупција, тоа може да го пријави и надвор од таа институцијата. Пријавата треба да ја достави до надлежното јавно обвинителство, Министерство за внатрешни работи, ДКСК, Народниот правобранител на Република Македонија и други надлежни институции, односно правни лица и тоа може да го направи усно или во писмена форма, а надлежна институција е должна без одлагање, а најдоцна во рок од 15 дена од прием на пријавата да го информира пријавувачот за превземените мерки.
Укажувачот може и преку медиуми, конференции за печат или на друг начин јавно да обелодени корупција во некоја инститција со тоа што информациите со кои располага за корупција ќе ги направи јавно достапни до сите граѓани и институции, укажувајќи дека се извршува или ќе се изврши казниво дело корупција.
Укажувачот има право на надомест на штета што може да ја претрпи тој, или нему блиско лице поради пријавувањето.
Законот предвиува и прекршочни одредби за правни лица и раководни лица доколку не се придржуват до овие одредби и процедури. И тоа со казна од 3000 до 6000 евра во денарска против вредност ќе се казни овластено лице назначено за прием на пријави од укажувач, односно раководно лице во институцијата доколку неги почитува одредбите на Законот, а со 2000 до 4000 евра ќе се казни институцијата.
Според овој закон, сите јавни институции се должни да именуват надлежно лице кое треба да прима пријави од дојавувачи, или раководно лице која ќе ја врши таа работа. Меѓутоа, најчесто овластеното лице е воедно и раководно лице, што кај пријавувачи внесува страв од репресии доколку се пријави корупција. Иако корупцијата е широко распространета, иако е голем процент на граѓаните врз кои имало притисок за корупциј,а кај граѓаните не постои високо ниво на свесност или волја да ја пријават корупцијата.
ШТО ПЛАНИРА ЕУ Според терминлогијата на ЕУ каде сеуште многу се дискутира за оваа категорија на луѓе, Свиркач или укажувач е лице вработено во некоја институција или компанија во која забележал неетички или незаконски практики, однесување спротивно на јавниот интерес, и за тоа решило да ја извести јавноста. Ваквите лица потоа многу често се соочуват со отказ од работа, тужби, закани па дури и убиства.
Затоа Европската комисија предложи нови правила за заштита на укажувачите кои би требало да важат во сите земји-членки. Таканаречените свиркачи, или укажувачи на измами, финансиски малверзации, даночни затајувања, нелегално користење податоци, корупција и слични незаконски дејствија би требало да добијат поголема заштита од евентуалните последици. Тоа е содржано во новите правила предложени деновиве од страна на Европската комисија. До ова доаѓа откако активисти за транспарентност искажаа серија критики за законодавството на ЕУ во врска со слабата заштита на укажувачите и немањето гаранции дека тие, откако ќе посочат на некакви неправилности, нема да бидат изложени на репресии.
Франс Тимерманс, потпретседател на ЕК зборувајќи за значајот на дојавувачи, неодамна изјави за Радио Слободна Европа дека: „Доколку луѓето со инсајдерско знаење немаа храброст да зборуват, многу актуелните скандали никогаш немаше да бидат обелоданети. На пример, Панама документите, Луксембуршките, Дизелгејт, и Кембриџ аналитика… Но, тие луѓе, превзедоа огромен ризик, легален, па и физички, за нивните кариери и за нивниот живот. Укажувачите често плаќаат висока цена за нивните постапки. Затоа, верувам дека треба подобро да ги заштитиме“.
Европската комисија смета дека нејзиниот предлог за новите правила ќе значи промена на играта. Односно компаниите ќе мора да воспостават интерни канали и за укажувачите и да ги заштитат од репресии, како отпуштање од работа, понижување, па дури и судски постапки. Истовремено постојат и правила и заштита од евентуалните злонамерни или неточни укажувања.
„Нашите нови предлози ќе ги заштитат луѓето кои ќе укажуват и се соочуват со можни негативни последици, без оглед на нивниот работен статус. Значи, не само вработените, туку и оние што се по договор за дело, привремените и апликатни за работа. Заштитата ќе се однесува меѓудругото на сите оние кои ќе демаскират илегални активности во јавните набавки, финансиските услуги, перењето пари, нуклеарната безбедност, безбедбноста на храната, приватноста и заштитата на личните податоци и слично“ изјавил Франс Тимерманс.
Оваа истражувачка сторија е подготвена од новинарот Александар Писарев, како дел од активноста „Јакнење на платформата за граѓански организации за борба против корупција” поддржан од Проектот на УСАИД за граѓанско учество. Ставовите изразени во сторијата му припаѓаат на авторот и не ги изразуваат ставовите на УСАИД или на Владата на САД.