Германските научници тврдат дека компјутерите и таблетите имаат негативно влијание врз развојот на децата и најмалите ученици до 11-годишна возраст. Повикуваат да се преиспита дигитализацијата во основното училиште
ФРЕДЕРИК ШВАЛЕР
Компјутерите и таблетите стануваат сè поважен дел од учењето во училница. Според ОН, 46,7% од основците имаат пристап до компјутери, во ЕУ тоа е дури 98%. Но, не сите истражувачи се на мислење дека употребата на компјутери во процесот на учење е навистина предност. Професорот по теорија на медиумите на Универзитетот Офенбах, Ралф Ланкау, вели: „Таблетите и лаптопите не ги прават децата поумни, туку ги прават поглупави“. Конкретно ова се однесува на мали деца до 10-11 години.
Ланкау е еден од 40-те научници кои започнаа петиција во која ја изразија својата загриженост за влијанието на дигиталната технологија врз развојот на децата. Тие бараат мораториум на дигитализацијата во германските училишта и градинки за сите матуранти на возраст од 4 до 11 години.
„Не се работи за забрана на дигиталната технологија, туку за враќање на значајот на предавањето“, изјави Ланкау за ДВ. „Мораме да се запрашаме: која е целта на учењето и како аналогните и дигиталните медиуми можат да ни помогнат да го постигнеме тоа. И не – каква нова техника се појави и како да се примени во училиште“.
ДАЛИ Е ПОТРЕБНО ПРЕИСПИТУВАЊЕ? Петицијата доаѓа во време кога германските училишта се критикувани дека заостануваат во дигитализацијата. Но, Ланкау и другите научници сакаат федералното министерство за образование да ја преиспита употребата на технологијата во градинките и основните одделенија во Германија.
Според Ланкау, сегашниот образовен систем не е доволно концентриран на развојот на индивидуалните интереси и склоности, како и на социјалните способности на децата.
Медиумскиот теоретичар смета дека информатичката технологија и економските конгломерати веќе 40 години предодредуваат што се случува во училиштата, без да обрнат доволно внимание на потребите на конкретното училиште во конкретниот локалитет.
КАКО КОМПКУТЕРИТЕ ВЛИЈААТ НА РАЗВОЈОТ НА ДЕЦАТА?
Сепак, идеите на Ланкау и неговите колеги не наидоа на големо разбирање. За образовниот експерт Марија Хаџијани, на пример, коментарите на Ланкау се израз на стар и непријателски технолошки тренд. „Луѓето даваат слични коментари за компјутерите уште од 1990-тите и ги фаќа паника секој пат кога ќе излезе нова технологија. Дури и пред 2.500 години, Сократ рекол дека запишувањето на работите нè прави полесно да заборавиме“.
Но, колку е навистина штетно користењето компјутер за децата? Дали ова не е само тврдење на возрасните кои сакаат да ги одвојат децата од екраните или дали загриженоста е навистина валидна?
РАБОТИТЕ НЕ СЕ ЦРНО-БЕЛИ Експертот за сајбер безбедност Пракаш Ранганатан за ДВ изјави дека научното знаење во врска со влијанието на дигиталните технологии врз развојот на децата не е јасно.
Постојат некои докази за нивното влијание врз когнитивниот развој. На пример, неможноста да се концентрирате откако ќе поминете премногу време пред компјутерот може да доведе до пасивност, што може да го попречи критичкото размислување и способностите за решавање проблеми. Сепак, не е јасно дали овие потенцијални негативни влијанија се краткотрајни или долготрајни“, објаснува Ранганатан.
Некои студии покажуваат дека прекумерната употреба на компјутери влијае на физичкото здравје поради долгите периоди на седење, што често доведува до зголемување на телесната тежина, нарушување на спиењето и нервоза.
Многу од овие грижи се однесуваат на општите стравови за влијанието на интернетот и социјалните медиуми врз младите, но Ранганатан вели дека се потребни повеќе истражувања за да се постигнат дефинитивни резултати.
КОМПЈУТЕРИТЕ МОЖАТ ДА ГО СТИМУЛИРААТ РАЗВОЈОТ Сепак, Ранганатан истакнува дека примената на технологијата во основното образование има и многу позитивни страни. И тој и Хаџијани наведуваат научни докази дека дигиталните технологии применети во сложениот процес на учење ги подобруваат читањето, пишувањето и аритметичките способности, како и умешноста и визуелно-просторната меморија.
Истражувањата покажаа дека употребата на интерактивни дигитални технологии кај децата го подобрува нивниот вокабулар, нивната способност да се концентрираат и решаваат задачи и нивната меморија.
„Има роботика, кодирање, учење јазик, функционална писменост и математика. Технологијата е алатка која ни го олеснува пристапот до информации и ни помага да бидеме креативни. Ова неизмерно помага во обликувањето на сопствените когнитивни процеси – мисли, мислења, идеи, внимание и креативност“, објаснува Хаџијани.
ДАЛИ ДЕЦАТА СЕ ПРАШАНИ? Експертот за основно образование и дигитални технологии, Хаџијани соработуваше со грчката влада на развој на дигитални апликации за образование на деца од градинка на возраст меѓу четири и шест години. Според Хаџијани, најуспешно е создавањето флексибилни платформи за учење кои вклучуваат истовремено учество на децата, наставниците и родителите.
„Вистинското прашање треба да биде: како можеме да ја примениме технологијата за да го подобриме учењето и наставата, а не да се плашиме од тоа“, посочува Хаџијани. Таа исто така забележува дека е важно воспитувачите да работат заедно со децата за да создадат позитивно дигитално искуство.
Таа ги критикува германските научници за игнорирање на учеството на децата: „Сосема е чудно да се каже дека тие сакаат да ги научат децата да размислуваат покритички и да анализираат, одземајќи им го правото да одлучуваат за сопственото дигитално учење. Дали некогаш децата биле прашани дали сакаат такво нешто?’