ФДА испитува дали лекот Метформин за дијабетес содржи супстанца што предизвикува рак
Американската Агенција за лекови (ФДА) започна со тестирање примероци на лекот за дијабетес Метформин за да се испита дали содржи супстанца Н-нитросодиметиламин(НДМА), која предизвикува рак, соопшти ФДА, а пренесоа медиумите во САД.
„ФДА истражува дали метформинот на американскиот пазар содржи НДМА и дали е над прифатливиот дневен лимит на 96 нанограми“, рече Џенет Вудкок, директор на Центарот на ФДА за проценка и истражување на лекови.
Метформин е првиот лек за дијабетес тип 2, кој под различно име се користи во сите земји во светот. Лекот го намалува производството на гликоза во црниот дроб и ја зголемува чувствителноста на организмот кон инсулин, така што доаѓа до поефикасно искористување на инсулинот. Метформинот е четвртиот лек кој најмногу се користи во САД, каде повеќе од 30 милиони луѓе имаат дијабетес, а 90 до 95% се тип 2.
„Ако овие извештаи се потврдат како вистинити, тоа би можело да биде голем удар за многу милиони луѓе кои го користат овој лек низ светот“, рече Ранит Мишори, професор по семејна медицина на Универзитетот Џорџтаун, пишува Ројтерс.
И Европската агенција за лекови( ЕМА) бара од компаниите да ги тестираат лековите со метформин во ЕУ за можно присуство на НДМА, реагирајќи на наодите од Сингапур за нечистотии од оваа супстанца кај некои производи од метформин.
ЕМА соопшти дека Здравствените власти во Сингапур повлекуваат три од 46 тестирани производи со метформин.
ЕМА го опиша ризикот како досега многу низок, повикувајќи ги пациентите да продолжат со земање лекови, бидејќи опасноста од несоодветно контролирање на дијабетесот е далеку поголема.
Канадскиот здравствен регулатор, пак, рече дека не е запознаен со никакви производи со метформин во Канада кои содржат НДМА над прифатливите граници, но најави дека ќе соработува со меѓународните регулаторни партнери за расчистување на проблемот.
Исто така, побара од компаниите да ги тестираат своите производи и да соберат примероци од нив за да спроведат свое, сопствено тестирање.
Истрагата на ФДА ги следи наодите и на другите земји со ниско ниво на НДМА во лекови со метформин таму, соопшти агенцијата. Врз основа на добиените информации, супстанцата НДМА кај овие лекови се движи во рамките на предвидените нивоа во храна и вода.
Метформин е стандарден лек во раните фази на дијабетес тип 2. Помага во контролата на високиот шеќер во крвта и се продава под голем број на брендови, вклучувајќи ги и Фортамет и Гликофаж кој широко се применува и кај нас.
Метформин, Енаприл за покачен крвен притисок и Дијазепам се најмногу користени лекови во нашата држава во последните години, покажаа податоците на ФЗОМ во 2017 година.