Но, за јавноста исто толку занимливи ќе бидат одговорите што лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, кој не се оградува од еден од поранешните лидери на оваа партија и од неговото фашистичко минато, ќе ѝ ги даде на Рашела Мизрахи. Јас не верувам дека Мизрахи нема да го праша што му се случи на Мицкоски на интервјуто за Канал 5 за да го прогласи колаборационалистот на фашистите во Македонија што ги депортираа Евреите во Треблинка
ЗОРАН БОЈАРОВСКИ
Бранот на незадоволство и вчудоневиденост од ставот на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски дека тој нема да се огради од политиките и дејствувањата на Ванчо Михајлов, кој тој ги оцени само како контроверзни, добива димензии на цунами.
Не поминаа ниту 24 часа од овој скандалозен став кога на еден од порталите кои до вчера ги поддржуваа политиките на ВМРО-ДПМНЕ, Инфомакс, професорот Тодор Чепреганов му одржа историска лекција на Мицкоски и, во состојба на очигледна вознемиреност, му порача дека Ванчо Михајлов воопшто не е контроверзна личност и дека ова е обид „да го покријат тоа дека бил негативна личност за којашто „не постојат Македонци, дека нема македонски јазик, нема македонска култура, сѐ ова е бугарско“
Навистина, дали Мицкоски крие нешто? Дали Мицкоски тотално ја распродаде идеолошката матрица на ВМРО-ДПМНЕ и ја украси со фашистичка „најмакедонската“ партија?
Додека не одговори на овие прашања, наше е да го потсетиме Мицкоски кој бил Ванчо Михајлов. Македонските историчари запишале: Иван (Ванчо) Михајлов во историската меморија на македонскиот народ останува запаметен како организатор и наредбодавец за голем број убиства на истакнати македонски интелектуалци и дејци, во пресрет на Втората светска војна. Во европската и во светската историја останува запаметен како соработник на нацистичка Германија.
Во своите мемоари Димитар Влахов во своите мемоари запишува: „Иван Михајлов, Протогеров, Шанданов, Монев, Караџов и многу други уште главорези го извршија во Пиринска Македонија, познатото клање на македонските дејатели.“
Според Влахов, по извршените „погроми во Пиринска Македонија и во некои градови во Бугарија, бугарските фашисти организираа индивидуални убиства на одделни прогресивни дејатели – убиствата на Чаулев во Милано и на Тодор Паница во Виена, а па подоцна и на Симеон Кавракиров, Димитар Сурлев, Христо Трајков, Трајко Христов и многу други“. Во овој период, по наредба на Михајлов беа убиени и најзначајните санданисти – приврзаници на великиот македонски водач Јане Сандански. Меѓу убиените беа: Чудомир Кантарџиев, Александар Бујнов, Георги Скрижовски и др.
Меѓу првите што се убиени во погромот на Ванчо Михајлов се Димо Хаџи Димов и Арсениј Јовков – еден од раководителите на Илинденската организација и уредник на весникот „Илинден“.
Со овие убиства беше обезглавено македонското национално движење во пресрет на Втората светска војна, движење на кое денес како наследничка се повикува партијата ВМРО-ДПМНЕ.
Може ли Мицкоски, актуелниот лидер на оваа партија само како контроверзна да ја опише личноста што ги ликвидираше најголемите синови на македонската револуционерна борба?
За тие убиства што ги правел во Бугарија Ванчо Михајлов има седум судски смртни пресуди, кои поодоцна Цар Борис ги поништува, откако контроверзниот лик започнал да шурува и со Берлин и со Софија за да биде претседател на на една македонска држава под покровителство на Третиот рајх, како што пишува Штефан Требст, професор по историја за Источна Европа на Лајпцишкиот универзитет, автор е на три книги за македонското прашање во 20 век –„Македонскиот век“, „Мусолини, Македонија и големите сили 1922-1934 година“ и „Бугарско-југословенската контроверза за Македонија 1967-1982 година“.
Дали за Мицкоски е доволно да биде само контроверзна личност Ванчо Михајлов којшто беше фашист и соработник на нацистичка Германија?
Запишана е неговата соработка со Мусолини, кога пролетта 1943 година се договара со началниците на италијанската армија за формирање на вмровски одреди кои би ги помогнале италијанските окупаторски сили во северна Грција.
Исто така е запишано дека во октомври 1943 година, непосредно по повлекуваењто на Италијанците од Балканот, тој влегува во преговори со рајхсфирерот на СС Хајнрих Химлер и договара формирање на силна вмровска заштитна група („Обезбедување“) составена од 12.000 мажи, која би била распоредена во грчки делови на Македонија окупираните од Германците како противуслуга на предлогот на германскиот министер за надворершни работи, Јоахим фон Рибентроп да биде претседател на независна македонска држава под покровителство на Третиот рајх.
Премногу е ова и од Мицкоски кој се покажа како тотаелен импровизатор кога се во прашање историските прашања. Или можеби не? Можеби има нешто што треба да се прикрие, како што вели историчарот Чепреганов?
Тоа сега треба да го одговори Мицкоски.
Но, за јавноста исто толку занимливи ќе бидат одговорите што лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, кој не се оградува од еден од поранешните лидери на оваа партија и од неговото фашистичко минато, ќе ѝ ги даде на Рашела Мизрахи. Јас не верувам дека Мизрахи нема да го праша што му се случи на Мицкоски на интервјуто за Канал 5 за да го прогласи колаборационалистот на фашистите во Македонија што ги депортираа Евреите во Треблинка.
А и новинарите треба да ја прашаат Миизрахи дали го прашала. Да нема повеќе контроверзи.
(civil,mk – дел од илустрациите се на Глобус)