Опаѓа вербата во демкратијата, политички ангажман се забележува само кај оние со десничарски убедувања – покажува последната анкета на Фондацијата Фридрих Еберт
ЕМИЛИЈАН ЛИЛОВ
Нив особено не ги интересира политиката, ниту климатските промени – младите во Југоисточна Европа имаат помала доверба во демократијата, а авторитарните ставови не им се туѓи.
Корупцијата и клиентелизмот продолжуваат да влијаат врз животите на младите луѓе во Југоисточна Европа. Една неодамнешна студија на Фондацијата Фридрих Еберт покажува дека партиската припадност се смета за важен фактор за обезбедување вработување во 12 испитани земји од Југоисточна Европа (ЈИЕ), а тоа е поизразено во земјите кои не се членки на ЕУ. За 62 отсто од анкетираните млади луѓе меѓу 14 и 29 години, корупцијата е најголемиот предизвик со кој се соочува нивната земја не само сега, туку и во следните десет години, проследена со невработеност, одлив на мозоци и квалитетот на јавните услуги.
За разлика од нивните врсници во Западна Европа, младите од ЈИЕ не се особено загрижени за климатските промени, се вели во друг заклучок од студијата. Исто така, покажа дека иако толеранцијата за ЛГБТИ луѓето расте, се верува дека тие сè уште имаат „премногу“ права.
ПОЛИТИЧКАТА КУЛТУРА СЕ ЗГОЛЕМУВА, НО СПОРО Интересот за политиката и знаењето за неа, пријавени од самите испитаници, се малку зголемени во споредба со последното слично истражување спроведено во 2018 година. Сепак, во речиси сите земји кои беа испитани, повеќе од половина од младите (53,5 проценти) имаат мал или никаков интерес за политика. Истражувањето покажува и дека мажите се повеќе заинтересирани за политика отколку жените.
Меѓу 12-те испитани земји со најголем интерес за политика и најдобро познавање за неа се младите во Грција и Турција, а на другиот пол се нивните врсници во Косово и Албанија. Бугарија има малку надпросечни показатели во ова рангирање: 22 отсто се заинтересирани за политика, а речиси 30 отсто од анкетираните млади луѓе на возраст меѓу 14 и 29 години имаат добро политичко знаење.
Учеството на избори останува најважната форма на политички ангажман за младите во Југоисточна Европа. Нивниот одѕив на гласачите останува непроменет од претходните изданија на оваа анкета. Младите ретко се кандидираат за политички функции, а многу од нив не гласаат затоа што не гледаат атрактивни партии или затоа што мислат дека нивниот глас нема да промени ништо. Младите со десничарски убедувања покажуваат повисоко ниво на политички ангажман.
ПОДДРШКАТА ЗА ДЕМОКРАТИЈАТА ПАЃА Истражувањето на Фондацијата Фридрих Еберт покажува нијансирана слика за демократските ставови кај младите во Југоисточна Европа. Додека мнозинството продолжува да ги поддржува демократските вредности, довербата во демократијата како префериран систем на владеење значително се намали.
Парадоксално, речиси половина од младите луѓе кои силно ја поддржуваат демократијата се исто така отворени за силен, авторитарен лидер. Авторитарните тенденции кај младите се очигледни и во нивните одговори на едно конкретно прашање: скоро 35 проценти се подготвени да ги жртвуваат своите граѓански права заради повисок животен стандард, а уште повеќе (речиси 40 проценти) веруваат дека граѓанските права понекогаш треба да да бидат ограничени во интерес на безбедноста.
На младите не им се туѓи авторитарните ставови, станува јасно од анкетата. На пример, тезата дека под одредени услови диктатурата може да биде подобра форма на владеење од демократијата е најсилно поддржана од младите во Бугарија и Романија – оценка од 2,6 на скала од еден до пет, каде што едно значи „не се согласувам воопшто“, а пет – „Целосно се согласувам“.
НАД 25 ОТСТО РЗМИСЛУВААТ ДА ЕМИГРИРААТ Значителен дел од младите изразуваат силна или многу силна желба да ја напуштат својата земја – во просек 25 проценти во земјите вклучени во студијата. Но, не во Бугарија и Романија – тие имаат најмал процент на луѓе кои размислуваат да емигрираат повеќе од шест месеци. Во Бугарија само 7,8 отсто од луѓето на возраст меѓу 14 и 29 години изјавиле дека нивната желба да ја напуштат земјата е многу силна, а 25,6 отсто немаат намера да емигрираат. Во споредба со претходното истражување од 2018 година, сепак, уделот на младите луѓе кои сериозно размислуваат да ја напуштат земјата е речиси двојно зголемен – од 4,3 на 7,8 отсто, а на оние кои не сакаат да емигрираат е намален од 66,1 на 25,6 отсто.
Желбата за емиграција е најсилно изразена кај младите во Северна Македонија: таму, над 42 отсто од учесниците во истражувањето ја дефинирале својата желба да ја напуштат земјата како „многу силна“ или „силна“, а 26,5 проценти ја дефинирале како „слаба“ или воопшто немаат таква намера (слилчни се резултатите и на домашните анкети – н.з.).
Главните причини што ги туркаат младите да емигрираат се економски: стремежот кон повисок животен стандард, подобри плати и подобри изгледи за работа, како и можност да започнат сопствен бизнис.
Споредбата со претходната анкета од 2018 година покажува сериозни промени во однесувањето на младите. Речиси во сите земји надвор од ЕУ, има се поголем удел на оние кои имаат намера да се вратат во матичната земја, односно намалување на бројот на млади луѓе кои трајно се преселуваат во странство.
Во студијата на Фондацијата Фридрих Еберт учествувале 9.000 луѓе на возраст од 14 до 29 години во 12 земји во Југоисточна Европа.
МНОЗИНСТВОТО БУГАРИ ГО ПОДДРЖУВААТ ТРАМП Речиси во исто време, станаа познати и резултатите од уште една анкета спроведена од „Галуп интернешнал“ во 43 земји, меѓу кои и Бугарија, по повод претстојните претседателски избори во САД.
Од резултатите добиени во Бугарија е јасно дека мнозинството го поддржува републиканскиот кандидат Доналд Трамп. За него би гласале 49 отсто, а за кандидатката на демократите Камала Харис 36 отсто. Слични се и ставовите на испитаниците за тоа кој ќе победи на гласовите во САД – 46 отсто очекуваат дека тоа е Трамп, а 36 отсто Харис. Во исто време, повеќето Бугари (57 отсто) сметаат дека битката за Белата куќа е од суштинско значење за Бугарија и ќе се одрази на економски и политички план.
Така, Бугарија се вклопува во општата слика за земјите од Источна Европа, каде поддршката за Доналд Трамп е висока: во Србија – 59 проценти, во Унгарија и Бугарија – 49, во Словенија – 43. Спротивното е точно во земјите од Западна Европа, предводена од скандинавецот, каде преовладува расположението во корист на Камала Харис: 85 отсто во Данска, 82 во Финска, по 81 во Шведска и Норвешка.