Глобус-Неделен весник

  • Македонија
  • Свет
  • Ревија
  • Архива
  • Контакт
  • Фељтон
  • Колумни

ДАНАИ ЛИОДАКИ : ЉУБОВТА Е ЗАЕДНИЦА, НЕ АПЛИКАЦИЈА

May 13, 2025 Filed Under: Ревија

Интервју со архитектката, писателка и режисерка која преку хумор и симболика отвара важни прашања за поврзувањето во дигиталната ера. Режисерката и културна истражувачка Данаи Лиодаки во ова интервју зборува за претставата MATCH („Поврзување“), за љубовта како форма на отпор во време на дигитални врски, за своето искуство меѓу Атина и Германија и за значењето на заедницата во театарот и животот

ЉУБОВТА ВО ЕРАТА НА ДИГИТАЛИЗАЦИЈАТА Прави претстава што е коментар за дигиталната ера, индивидуализмот и тешкотиите во градењето заедници

ЕЛЕНА АНГЕЛОВСКА

Данаи Лиодаки е мултидисциплинарна авторка од Атина – архитектка, писателка, театарска режисерка и истражувачка на современи културни практики. Освен во родната Грција, веќе неколку години е активно присутна и во германската театарска сцена, работејќи на независни проекти во Бремен, Касел, Берлин и Лајпциг. Во нејзината уметничка пракса ги испитува границите меѓу личното и политичкото, со посебен интерес за теми како миграција, женска солидарност, дигитална интимност и неофашизмот. Нејзината последна претстава MATCH, копродукција меѓу Општинскиот театар од Кавала (DIPETHE KAVALA) и атинската компанија „Проектор“ (Projector), поставена е како критичка, но хумористична анализа на љубовта во добата на апликации за запознавање. Повод за ова интервју беше претставата во Кавала, која имав прилика да ја гледам во театарот „Антигона Валаку“ (Antigoni Valakou), во декември, минатата година. Разговорот се одвиваше за време на мојот претстој во Кавала, непосредно пред атинската серија на изведби.

Минатата година работевте на претставата MATCH, која премиерно беше изведена во ноември во Кавала. Како започна соработката со Општинскиот театар на Кавала (DIPETHE KAVALA)?

– Сакам да споделам неколку работи за мојата најнова претстава MATCH („Поврзување“). Таа премиерно беше изведена во градот Кавала, Северна Грција, а потоа и во Атина, во театарот „Плифа“ (PLYFA). MATCH е копродукција помеѓу Општинскиот театар на Кавала (DIPETHE KAVALA) и атинската уметничка компанија „Проектор“ (Projector). Имам подолга историја на соработка со театарот во Кавала – мојата претходна претстава исто така беше изведена таму, а учествував и на една нивна летна школа, фокусирана на преосмислување на античката драма. Затоа со голема радост повторно се вратив во Кавала. Соработката беше лесна, продуктивна и исклучително креативна, и искрено сум им благодарна за сè.

ИНТЕРНАЦИОНАЛЕН УМЕТНИК Лиодаки е режисерка која поставува претстави во Германија и во Грција

Од Атина сте. Како вашето културно потекло влијае врз вашата уметност?

– Потекнувам од Атина и секако, тоа културно наследство има силно влијание врз мојот уметнички израз. Но, не помалку важно е и моето искуство во Германија – веќе осум години работам таму, во Бремен, Касел, сега и во Лајпциг, а извесно време и во Берлин. Германскиот театар и културната продукција таму силно влијаеле на мене. Тоа искуство беше и инспирација за создавањето на MATCH, претстава што се занимава со современи форми на поврзување, како што се апликациите за запознавање, кои се многу пораспространети во Германија отколку во Атина. Таму станаа популарни, особено за време на пандемијата, но сепак сè уште не се толку интегрирани во секојдневието, како во Германија.

Со какви теми најчесто се занимавате во вашите дела? Што ве инспирира?

– Во моите текстови и режии често обработувам политички теми. Работев на претстави што се занимаваат со миграција на млади во северна Европа (т.н. „одлив на мозоци“), феминистички теми, женско пријателство, отпор кон неофашизмот итн. Дури и MATCH, иако зборува за љубовта, ја разгледува од политичка перспектива – како коментар за дигиталната ера, индивидуализмот и тешкотиите во градењето заедници. Ме инспирираат токму овие социјални прашања, особено темата на заедништво, повторното поврзување и отворањето кон другиот.

ПРЕТСТАВА ВО ПРЕТСТАВА „Поврзување“ има две парарелни игри – главната поента произлегува од едно шоу кое станува глобална драма

Што ве поттикна да ја создадете MATCH и што сакате да пренесете преку неа?

– Главната мотивација беше набљудувањето како апликациите за запознавање стануваат доминантен начин за воспоставување романтични и сексуални врски – особено во Германија. Тоа ме наведе да се запрашам: што значи тоа за нашата социјализација и градење на заедници? Сакав да создадам претстава која ја истражува љубовта во ерата на технологијата – како таа се трансформира, но и како можеби може да преживее и опстои.

Како мислите дека љубовта може да опстане во дигиталната ера?

– И самата не сум сигурна – мислам дека љубовта мора да ги менува своите форми. Мораме повторно да размислиме за начинот на кој се поврзуваме и сакаме. Треба да се бориме да не ги изгубиме љубовта, романтиката, блискоста – тие се дел од автентичните човечки средби. Кога љубовта е вистинска, таа ни помага да се надминеме себеси и да го видиме светот преку очите на другиот. Тоа беше еден од моите водечки мотиви во MATCH.

Како ги избравте актерите и каква улога имаат маските во претставата?

– Двајца од актерите се мои колеги уште од драмското училиште, а и добри пријатели. Третата актерка, Марија, ми беше препорачана. Заедно функционираме и како група – BPM Theatre Group. Имаме долга историја на соработка и меѓусебна почит. Работата со нив секогаш е инспиративна. Што се однесува до маските – тие доаѓаат од сцена каде што главниот лик учествува во шоу налик на Dragon’s Den, кое во претставата го нарековме „Диносауруси“. Маските стануваат симбол – на чудовишноста, на анксиозноста што ја носи модерната романтика, но и како метафора за љубовта како загрозен вид – нешто што треба да се зачува и за кое треба да се бориме.

Filed Under: Ревија

ИМА, НЕМА И СЕПАК – ИМА ТУРБУЛЕНЦИИ ВО ВЛАДИНАТА КОАЛИЦИЈА
СДСМ ЗА ЗАКОНОТ ЗА КОЧАНИ: МОРА ДА ПОКАЖЕМЕ СОЛИДАРНОСТ СО РОДИТЕЛИТЕ
УНИВЕРЗИТЕТИТЕ ПОД НАПАД ОД АМЕРИКАНСКАТА АДМИНИСТРАЦИЈА: ХАРВАРД НАСПРОТИ МАШИНИТЕ
ДАНАИ ЛИОДАКИ : ЉУБОВТА Е ЗАЕДНИЦА, НЕ АПЛИКАЦИЈА
ПУТИНОВ ПОКЕР ИЛИ РУСКИ РУЛЕТ 128: КУЛТУРА НА СТРАВОТ НАМЕСТО БУНТ – АНАТОМИЈА НА РУСКАТА ВОЕНА МАШИНЕРИЈА

Најново

  • ИМА, НЕМА И СЕПАК – ИМА ТУРБУЛЕНЦИИ ВО ВЛАДИНАТА КОАЛИЦИЈА
  • СДСМ ЗА ЗАКОНОТ ЗА КОЧАНИ: МОРА ДА ПОКАЖЕМЕ СОЛИДАРНОСТ СО РОДИТЕЛИТЕ
  • УНИВЕРЗИТЕТИТЕ ПОД НАПАД ОД АМЕРИКАНСКАТА АДМИНИСТРАЦИЈА: ХАРВАРД НАСПРОТИ МАШИНИТЕ

Импресум

Издавач - Здружение за нови политики и слобода на медиуми "Јавност" - Скопје,

Партизански одреди 23/1/3 Скопје

globus@globusmagazin.com.mk

Барај

Сите права задржани© 2025 · ГЛОБУС · Log in

Developed by Unet