Ако во почетокот на пролетта започне вакцинацијата, ќе имаме постепено намалување на епидемијата – смета овој стручњак.
Eпидемилогот д-р Дрaган Даниловски изнесе предлог за воведување викенд карантин за намалување на бројот на заболените од коронавирус и бројот на починатите, а за поефикасно справување со епидемијата посочи дека најдобри резултати би придонел тринеделниот карантин во државата. За предлозите, импликациите и односот на населението кон заканата од корона и спроведувањето на мерките за заштита зборуваше во емисијата „Студио 10“ на ТВ24. Тој предупреди за дополнителниот ризик кој го носат претстојните слави и апелираше да се почитуваат мерките.
– Начинот за да се намали бројот на позитивни и починати е со спроведување на 24 часовен карантин, полициски час од 24 часа во траење од еден викенд, ако треба и да се повторува, со што ќе се спушти нивото на позитивни, а со тоа и бројот на починати. Дали ќе биде тоа спроведено зависи од проценките на одговорните колеги во Комисијата за заразни болести којашто го советува министерот. Со вакво темпо, ако продолжиме и со овие мерки, стагнирана е состојбата на просечен број нови случаи на 1 000. Според една студија реалниот број на позитивни е 10 пати повисок, тоа значи дека се 10 000 дневно. 60 отсто од населението треба да имаат контакт со вирусот за да се обезбеди она што се вика праг на колективниот имунитет за епидемијата да почне да згаснува. Со оваа динамика, милион жители ќе бидат инфицирани отприлика за 90 дена, тоа е месец март. Ако со краткотрајни карантини го смалиме интензитетот за 70 отсто, наместо 1.000 просечно да имаме 300 новозаболени, тогаш пропорционално и периодот за којшто би се постигнал колективниот имунитет се продолжува за два месеци, накај месец јуни. Останува Комисијата за заразни болести да одлучи кое сценарио ќе го одбере“, вели Даниловски.
Според него најлесно може да се реши проблемот со тринеделен карантин, но дека тоа може да донесе други последици како раст на сиромаштија, психички заболувања, самоубиства и сл.
– „Народот е тој што е, менталитетот е тој. Постои отсуство на епматија, на сочувство, на совест. Независно што се на сила одредени мерки на рестрикција, имам впечаток дека нема адекватна контрола, сведоци сме на полни кафулиња, собири, журки. Тоа е нешто што не може преку ноќ да се смени во свеста на граѓаните особено на младите. Пандемијата ги извади на површина сите недостатоци и во иден период полни раце работа ќе имаат не само докторите туку и психолози, социолози да проучат да дојдат до причините и факторите што доведуваат до отсуство на емпатија. Се плашам дека славите ќе донесат нови ризици и апелирам славите, чествувањата да бидат со високо ниво на свест. Храмовите се отворени, но и црковните великодостојници повикаа дека во црква треба да се влезе во маска. Со малку повеќе внимание и контрола верувам дека претстојните празнувања нема скапо да не’ чинат“, вели Даниловски.
Даниловски посочи дека дополнителен ризик носат претстојните слави и апелираше да се почитуваат мерките. Тој додаде и дека треба да се зајакне контролата врз оние што ги кршат мерките за заштита.
Со вакцинацијата пандемијата ќе згасне делумно по пат на заразување по природен пат, или со вакцинација, но вирусот нема да исчезне туку ќе остане ендемски аналогно на грипот и настинките
Брзата вакцина ќе го врати животот брзо во нормала. Но дилемите се: колку бргу тоа може и да се очекува да се случи?
Доколку продолжи актуелниот тренд и доколку се исполнат најавите за процесот на набавка, почетокот на пролетта би можел да донесе и одредено стивнување на епидемијата и постепено враќање во нормала, смета епидемиологот Драган Даниловски.
„Независно што очекуваме вакцини, тоа сигурно дека ќе биде трајно решение, но имунитетот се стекнува и на природен начин. Некои прогнози велат дека ако се оди со оваа динамика, некаде во март и април во Македонија ќе бидат заразени асимптоматски или со симптоми околу 60% од населението. Тоа е доволно да стивне епидемијата дури и без вакцина, но дефинитивно вакцините ќе бидат потребни за ризичните вработени, здравствените работници, вработените во услужните дејности, војската, полицијата, постарите од 65 години, како и хронично болните- вели Даниловски за Дојче Веле.
Тој објаснува дека на ваков начин пандемијата ќе згасне делумно по пат на заразување по природен пат, или со вакцинација, но вирусот нема да исчезне. Тој ќе остане кај нас и ќе биде ендемски, секогаш ќе има ризик да се добие вирусот од страна на ризичните групи и ќе имаме ситуација аналогна на грипот и настинките.
Властите најавија дека првите дози вакцини против ковид-19 во земјава ќе пристигнат на почетокот на годинава.
Владата веќе одобри гаранции за набавка преку Ковакс системот, а постогнат е и договор со производителот „Фајзер“, но во колкаво количество, засега нема конкретна информација.