Еден процент од населението зема 14,4 отсто од вкупниот доход во земјата. Тоа е најстрашно во Европа, никаде нема 1 отсто од популацијата да заработува толку. Значи, Македонија со пропорционалната стапка на персонален данок ги зголеми социјалните разлики. Кого штитат коморџиите? Дузина лица од страниците на Форбс! Македонија е најдолу на листата според вкупните приходи што ги собира како процент од БДП, односно 27,8 отсто за разлика од европскиот просек од 41 отсто
ЉУБОМИР КОСТОВСКИ
Сиромашниот народ во земјата од ден на ден од се’ подалеку ги гледа најбогатите сограѓани кои се околу еден отсто, а во исто време огромниот дел од населението е жртва на рамниот данок воведен пред повеќе од една деценија. На изјава на Владата дека става точка на тој тип на данок и тоа само делумно и би рекле срамежливо вовдување на друг концепт (прогресивен данок) веднаш скокнаа македонските коморџии. Очевидно е дека стисокот на македонските тајкуни е голем!
Јасно е дека со новиот концепт – прогресивниот данок, Македонија ја напушта политиката на рамен данок која беше воведена во 2007 година од страна на тогашната Влада, предводена од ВМРО ДПМНЕ.
Од земјите во соседството, Албанија во 2014 година направи слична промена во даночниот систем и воведе прогресивно оданочување. Ваквата мерка во оваа земја, според надлежните, дала позитивни ефекти. Рамниот данок сѐ уште е оперативен во Србија и Бугарија.
На Mакедонија и треба прогресивен данок. Само така можат да се зголемат буџетските приходи и да се намали социјалниот јаз – истакна викендов на малите екрани ексминистерот за финансии – професорот Никола Поповски, кој сугерира стабилизиација на даночната политика а не нејзино менување на мали временски периоди.
Нема сомнение дека делот од Владата задолжен за финансиите, пред се двоецот Драган Тевдовски – Бранислав Јовановиќ се обиде во стартот на своето устоличување, на почетокот на работата на новата Влада, да го промовира новиот, лев идеолошки поглед кон оваа тематика, значи симнување од тронот на спротивниот концепт што го постави екипата на Груевски. Во подготовките на промена на власта, СДСМ одеше кон промовириање на концептот на создавање на средна класа, изгубена во годините после дисолуцијата на Југославија, која е услов за стабилност на едно општество и секако наоѓање на нов систем во промена на социјалните релации во земјата. Тогаш таа идеолошка влошка ја промовираше професорот Узунов, но по неговата оставка на партиските функции напред дојде сегашната гарнитура (тука влегува и актуелната министерка за социјала). Во првиот обид имаше жестока реакција од коморџиската структура, која преку нејзиниот доста моќен застапник, потпретседателот на Владата – Анѓушев изгледа успеа да го убеди премиерот тој напад на парите на најбогатите да го тргне од дневниот ред. Дали тоа беше сепак само одложување? Оние кои ги следеа тематските средби на економската екипа на СДСМ во опозиција во зградата на тогашниот Скопски саем, знаат дека предложената промена на системот на оданочување, во порадикална форма беше тогаш предложен како една од изборните столбови на партијата. Дали со рушењето на комплексот на Скопски саем од страна на новиот сопственик оди и паралелното менување на новиот идеолошки здив на социјалдемократите и бегство од нивната замисла за наоѓање на праведлив систем кој ќе не извлече од презадолженоста на земјата?
Се чини дека Министерството за финансии во меѓувреме ја подигнало лествичката за оние кои ќе мораат да бидат надвор од кругот на „еднаквите пред даночниците“ – истата од илјада евра нето примања месечно сега е скокната на над 1.500 евра нето како месечен приход. На ова, велат некои коментатори, Тевдовски и екипата се охрабриле од смирувањето на политичката криза и поминување на првиот филтер од уставните измени. Па додека е железото жешко, Владата брзо го подметнува законското решение за персонален данок и воведува прогресивна даночна стапка од 10 и 18 отсто за приносите од труд и една средна стапка од 15 отсто за капиталните приноси. Иако се’ уште е несигурен прагот над кој ќе важи повисоката стапка, професорот Никола Поповски вели дека рамниот данок треба да се напушти, бидејќи ги крати буџетските приходи и го продлабочува проблемот со растечките социјални разлики. Ваков модел, додаде тој, е карактеристичен за популистички и конзервативни власти.
Еден процент од населението зема 14,4 отсто од вкупниот доход во земјата, тоа е најстрашно во Европа, никаде нема 1 отсто од популацијата да заработува толку. Значи Македонија со пропорционалната стапка на персонален данок ги зголеми социјалните разлики, вели професорот Поповски.
Перспективите во даночната политика се прилично нејасни вели Поповски, бидејќи 25 години наназад моделот на оданочување го менуваме во просек на секои пет години. Даночните обврзници се несигурни во системот, дали стапката ќе биде прогресивна или пропорционална и затоа неопходно е, вели тој, даночната политика да се стабилизира и да се внесе поголема сигурност
Во настапот на телевизијата во неделата ексминистерот процени дека новата даночна стапка ќе ни носи само 2 до 2,5 милиони евра поголем принос од данок во касата. Тој нема да биде од некаква поголема помош во покривање на буџетските дупки, на потребите, но сепак е чекор напред во однос на сегашните приходи по кои – да го употребиме тој израз – „сите сме исти пред даночниците“. Имено, има дилеми дали може да издржиме со данок од 10 отсто на персоналните примања или треба да одиме на 20-30 отсто, зашто таквото оданочување нас ни носи проблем со прибирање на јавните приходи. Ние мора еднаш да решиме колку високи приходи ќе имаме за државата, кои, како и колку јавни добра ќе финансираме, сметаат аналитичарите.
Податоците покажуваат дека Македонија е најдолу на листата според вкупните приходи што ги собира како процент од БДП, односно 27,8 отсто за разлика од европскиот просек од 41 отсто. Зад нас, велат, се единствено Косово и Албанија. Според првичните реакции и според најавата за време на викендот а и според она што се готви во големата Комора за седницата од вторник (6 ноември) бизнисот се готви решително да побара од Владата да ја одложи даночната реформа за најмалку пет години, бидејќи наводно ефектот од зголемувањето на буџетските приходи ќе биде далеку помал од негативните последици врз бизнисот.
Иако има голема разлика во позициите на најбогатите во земјава, со различни видови, цела панорама на бизниси зад нив, како и оние со поситен капитал, засега не се гледа разликата во нивните редови – дали сите тие „на нож“ го примаат прогресивниот данок, со кој за приходите над 90.000 денари месечно во нето износ, се воведува персоналец од 18 отсто.
Многу патетично делува кога ќе се чуе дека „ова ќе бил удар по нивниот џеб“. Просто веднаш да ги вадиме марамчињата од нашите скинати џебови. Е сега некои тврдат дека оние стручњаци кои имаат приходи меѓу 1.500 и 2.000 евра би побегнале од земјава. Демек тоа се главно вработени во ИТ секторот, нешто и во финансискиот сектор, по кои плачел пазарот на работна ила во Европа. Или дека ќе се зголеми даночната евазија?! Или дека дури зголемените трошоци за плати ќе се компензираат со пад на платите на вработените.
Еден економист во неделата рече дека зошто некој стручњак со плата од да речеме 2.000 евра и нов данок на тоа од 8 отсто би побегнал на Запад каде би земал да речеме 3.000 евра ама би плаќал данок од 30 отсто!
„Знаете онаа ментална бариера која ја имаат граѓаните и бизнисмените и за таа имавме реакција од 60 000 денари. Не верувам дека ќе бидат спремни да издвојат дополнителни пари за даночна обврска. Ова е проба на владата како ќе се однесуваат граѓаните и бизнсмените за да може да се оди во подлабоки реформи“ – вели Миле Бошков од Бизнис конфедерација на Македонија.
Со сличен став излезе и Организацијата на работодавачи. Велат мерката е прифатлива, но само доколку од основицата се исклучат приходите од плата, бидејќи платата веќе била оданочена со 42 проценти и ако се додадат дополнителни 8, оданочувањето ќе изнесува половина плата. Некои експети, наклонети кон побогатиот дел од општеството бараат јавна дебата, посебно за прогресивниот данок.
Бараат нешто што се нарекува „точна поценка и пресметка не само на моменталните заштеди“, стравувајќи дека допрва прететстојат порадикални посегнувања по приходите на најбогатиот слој.
Според министерот за финансии Драган Тевдовски, прогресивното оданочување ќе се однесува на сите вработени со месечни примања поголеми од 90 илјади денари. Над оваа сума, оданочувањето дополнително ќе се зголеми за 8 проценти, односно ќе изнесува вкупно 18 проценти. Од оваа мерка, според пресметките, годишно ќе се обезбеделе над 25 милиони евра во буџетот.
„Дополнителните 8 проценти би се плаќале само на дополнителни доходи над 90 илјади денари. Ова значи дека за мнозинството граѓани даночната стапка ќе остане 10 проценти. Прагот од 90 илајди денари го избравме бидејќи ги опфаќа најдоходовните 1 проценти од вкупното население“, рече Тевдовски.
Тој образложи дека главна цел на владата на РМ била еднаква шанса и можности за подобар живот за сите граѓани, и борба против социјалната нееднаквост, според која Македонија е на прво место во Европа. Ваквата мерка, според првиот финансиер носи фер даночен систем за социјална сигурност, наместо социјална нееднаквост.
„Корист од рамниот данок имаат само најбогатите. Тој беше воведен во Македонија да им служи на малкумина кои заработуваа многукратно повеќе од најголемиот дел од граѓаните. Тој им дозволи на најбогатите да се богатат уште полесно, оставајќи го мнозинството да се мачи да ги задоволи своите основни потреби за живот. Праведниот данок ѝ оди во прилог на целата економија и на сите граѓани“, изјави Тевдовски.
„Ова е еден вид компромисно решение кое го поддржуваме. Нема логика некои со менаџерски договори да земаат по 3 или 4 илјади евра плати, а да плаќаат ист данок со работниците. Ако може тоа да функционира во Европа, зошто не и кај нас во Македонија? Но, клучно е овие пари да завршат на вистинско место и да се помага стопанството за да се обезбедат услови и за повисоки плати“, изјави викендот Пеце Ристевски, претседател на СИЕР, Синдикат на вработени во металургија, енергетика и рударство.
Дел од експертската и бизнис јавност во мерката на власта повеќе гледаат популизам, отколку стабилна база за позначајни промени:
„Јазот помеѓу богатите и сиромашните не се намалува со воведување на данок на богатите, туку со комплетна даночна контрола. Па само со казни годишно се собираат повеќе средства во буџетот од оние што владата планира да ги собере со оваа мерка. Вака, на прва повеќе звучи како популизам, а мерката беше и најавена. Но треба да се види колку и кои ќе бидат ефектите и врз кои вработени. Ако се од странски фирми, кои имаат претставништва во соседството каде нема прогресивен данок, тогаш може да се случи дел од нив таму да ги подигнуваат парите за да избегнат поголемо оданочување“, предупредува бизнисменот Горан Рафајловски за Дојче веле.
Во првите реакции на коморџиите се забележува дека медиумите главно ги фаворизираат претставниците на капиталот. Во наредните денови може да се очекува дека силниот „стисок на раката“ ќе допре до главните уредници и дека оние кои не гледаат од насловните н Форбс ќе потсетуваат кога и како помогнале некој медиум во земјава.