Глобус-Неделен весник

  • Македонија
  • Свет
  • Ревија
  • Архива
  • Контакт
  • Фељтон
  • Колумни

ДАН ЛАУСТЕН Е ДОБИТНИК НА „ЗЛАТНА КАМЕРА 300“ НА 47. ИЗДАНИЕ НА „БРАЌА МАНАКИ

June 30, 2026 Filed Under: Ревија

Фестивалот ќе се одржи од 19 до 25 септември во Битола, со рекордни над 600 пријавени филмови и богата програма што ќе ја собере светската филмска елита

ДАН ЛАУСТСЕН Годинешниот добитник на главната награда е два пати номиниран за Оскар

ЕЛЕНА АНГЕЛОВСКА

Меѓународниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ годинава ќе го одржи своето 47. издание од 19 до 25 септември во Битола, а престижната награда „Златна камера 300“ ќе му биде врачена на прославениот дански кинематографер Дан Лаустсен

Претседателката на Друштвото на филмски работници на Македонија, Марија Димитрова, истакна дека фестивалот претставува еден од најзначајните проекти на Друштвото и е препознатлив бренд на меѓународната филмска сцена.

„47-то издание за нас претставува особена чест и задоволство што повторно го организираме, но и огромна одговорност, бидејќи ИФФК „Браќа Манаки“ е еден од најзначајните фестивали во нашата земја. Низ годините успеавме да изградиме бренд по кој сме препознатливи во светот“, рече Димитрова.

Таа нагласи дека фестивалот има особено значење за филмските професионалци, бидејќи, овозможува средби и размена на искуства со врвни светски директори на фотографија, меѓу кои Дариус Конџи, Роџер Дикенс и многу други.

„Фестивалот им овозможува и на домашните автори да ги претстават своите филмови пред светската и домашната публика. Уверена сум дека и годинава ќе имаме значајни македонски остварувања во програмата“, рече Димитрова, упатувајќи благодарност до Агенцијата за филм како најголем поддржувач на фестивалот.

Директорот на фестивалот, Димитрија Доксевски, оцени дека според бројот на пријавени филмови и програмските активности, годинашното издание е најамбициозното досега.

„Среќен сум што достоинствено се приближуваме кон 50. издание и што фестивалот расте од година во година, прераснувајќи во еден од најзначајните фестивали не само во регионот, туку и пошироко. Особено ме радува што минатогодишниот лауреат, оскаровецот Воли Фистер, годинава повторно ќе биде во Битола како член на жирито“, рече Доксевски.

ЗГОЛЕМЕН БУЏЕТ Годинава Фестивалот Манаки доби 12 милиони денари а лани имаше – 9 милиони

Тој соопшти дека годинашниот добитник на „Златна камера 300“ е Дан Лаустсен, еден од најреномираните светски директори на фотографија.

„Од 19 до 25 септември Битола ќе биде домаќин на светската филмска елита, предводена од Дан Лаустсен – двократен номиниран за Оскар и автор на препознатлив визуелен стил кој ги обединува европската уметничка сензибилност и холивудската техничка прецизност“, рече Доксевски.

Лаустсен е роден на 15 јуни 1954 година во Олборг, Данска. По студиите по модна фотографија дипломирал на Националната филмска школа во Данска во 1979 година. Во повеќедецениската кариера изградил препознатлив стил, заснован на атмосфера, контраст и внимателна употреба на светлината.

Светската афирмација ја стекнал преку долгогодишната соработка со режисерите Гиљермо дел Торо и Чад Стахелски. Со Дел Торо ги реализираше визуелно впечатливите филмови „Обликот на водата“, „Алејата на кошмарите“ и „Франкенштајн“, додека како директор на фотографија на второто, третото и четвртото продолжение од франшизата „Џон Вик“ постави нови стандарди во снимањето на акциони сцени.

Лаустсен двапати беше номиниран за наградата Оскар – за „Обликот на водата“ и „Алејата на кошмарите“, а денес се смета за еден од највлијателните кинематографери во светот.

Во однос на програмата, Доксевски информираше дека годинава фестивалот бележи рекордни повеќе од 600 пријавени филмови, најмногу во неговата историја. Покрај филмските проекции, ќе бидат организирани и работилници за студенти од земјава и странство со еминентен директор на фотографија од Белгија, како и со режисерите Марија Џиџева и Фејми Даут, во рамки на програмата „Еразмус“.

Директорот на Агенцијата за филм, Сашко Потер Мицевски, истакна дека институцијата ја продолжува поддршката за фестивалот со зголемен буџет.

„Годинава фестивалот доби поддршка од 12 милиони денари, за разлика од минатата година кога изнесуваше девет милиони. Веруваме во брендот што го изгради Друштвото на филмски работници заедно со сите досегашни директори на фестивалот“, рече Мицевски.

Тој потсети и дека фестивалот неодамна доби признание од Британската асоцијација на кинематографери, што, според него, претставува уште една потврда за неговиот меѓународен углед.

„Како Агенција за филм се гордееме со ИФФК „Браќа Манаки“, кој претставува исклучителен бренд што ги обединува Агенцијата за филм, Друштвото на филмски работници, Кинотеката и Општина Битола“, истакна Мицевски.

Filed Under: Ревија

МЕСТО ПРОГРАМА ЗА ОПСТАНОК НА ЗЕМЈАТА ВЛАСТА НУДИ ЗАКАНИ ЗА ОПОЗИЦИЈАТА
ШТО ДОБИВА МАКЕДОНИЈА ОД НОВИОТ ФРАНЦУСКО-ГЕРМАНСКИ НОН ПЕЈПЕР?
ЛУКАРЕВСКА: ОПТИМИЗАЦИЈАТА  СОЗДАВА ТЕХНОЛОШКИ ВИШОК ВО ОБРЗОВАНИЕТО
АНАЛИТИЧАРОТ КОЈ ЈА РАЗОТКРИ ЛАГАТА НА ВУЧИЌ ЗА „СТУДЕНТСКИОТ“ ЗВУЧЕН ТОП, ПОБЕГНА ОД СРБИЈА
ЦРНО ЗЛАТО НА НАШИТЕ БАЛКАНСКИ ПОРАЗИ

Најново

  • МЕСТО ПРОГРАМА ЗА ОПСТАНОК НА ЗЕМЈАТА ВЛАСТА НУДИ ЗАКАНИ ЗА ОПОЗИЦИЈАТА
  • ШТО ДОБИВА МАКЕДОНИЈА ОД НОВИОТ ФРАНЦУСКО-ГЕРМАНСКИ НОН ПЕЈПЕР?
  • ЛУКАРЕВСКА: ОПТИМИЗАЦИЈАТА СОЗДАВА ТЕХНОЛОШКИ ВИШОК ВО ОБРЗОВАНИЕТО

Импресум

Издавач - Здружение за нови политики и слобода на медиуми "Јавност" - Скопје,

Партизански одреди 23/1/3 Скопје

globus@globusmagazin.com.mk

Барај

Сите права задржани© 2026 · ГЛОБУС · Log in

Developed by Unet