Чудно е колку се блиски пропагандните стории на Белград и ВМРО ДПМНЕ. Нјановите стории се врзани за Британците како трајни кројачи на балканската иднина и за „катилката“ Меркел која сака да ни ги земе младите а да ни донесе бегалци…
ЉУБОМИР КОСТОВСКИ
Дека меѓу Белград и Скопје постојат се’уште врзани пропагандни садови покажува приказната за британската стратегија и „економската политика“ на Меркел на Балканот. Луѓето од Владата на Вучиќ го користат спинот за овие „странски опасности“ за да ја оправдаат рачната која меѓународната заедница им ја подигна во однос на стратегијата за „оправданоста“ од прекројувањето на границите меѓу Косово и Србија. Кај нас вмроовските маалски агитатори ја ставаат во контекст на потребата да се стави некој „бибер“ во антиреферендумската манџа која му ја готват на овој народ. Има ли потреба да има врска меѓу овие „шеми“? Навидум, никакви. Ама што би рекол Иванов, „шашаво е ама дејствува“.
Најпрвин за Бритите.
Во едно очебијно нарачано интервју на РТС, Дачиќ во петокот, рече дека една голем сила, која има постојано место во Советот за безбедност на ОН им го наместила сето она со неуспехот на нивните преговарачки позиции (околу размената на територии). Спомена дека тоа не се Русија и САД, не се ниту Франција и Германија…а новинарката сама заклучи, во тој „квиз“ пред камерите дека секако се работи за Велика Британија.
Српската кујна во овој случај од својата безнадежна позиција во која се најде се обидува да излезе од позицијата дека „цел свет е против Белград“ со констатација дека е доволно некој да не сака (од членовите на Советот на безбедност, каде косовското прашање мора да заврши, бидејќи, размената на територии неминовно ќе значи и носење на нова Резолуција за Косово), во тоа дека има само еден душман кој не стои зад плановите на Вучиќ.
Ситуацијата во која Вашингтон истакна дека нема ништо против она што Приштина и Белград ќе го договорат, дури и ако тоа значи размена на територии, одеднаш направи ситуација кога јужната политика на нашиот северен сосед одеднаш требаше да му ја симне ѓаволската наметка на вујче Сем, којстана „ангел на надежта“. Изборот на Британија е добар бидејќи оваа земја излегува од ЕУ, па значи дека нема да им прави пречки во намерите да влезат во Унијата, која е дозволива опција за српската власт, за разлика од, нели, влезот во НАТО.
Некој од надвор, за шефот на кујната Дачиќ мора да биде против, за да не се чуе најнапред хорски изречениот крик на целата десница, па и центар во неговата земја, која никако не сака да ја срка подготвената попара наречена „решено косовско прашање“, додека невладиниот сектор, оној прогресивниот дел на Србија, не сака, од друга страна, да слушне за никакви решенија од типот на „чисти територии“.
Каде сме тука ние? Како стана употреблива оваа „арија“ на Дачиќ кај нас?
Вмроовските кафеански емисари пак сега исто така велат дека „Бриоанија ова ни го смести“, поврзувајќи го тоа со лордот Овен и оние посредници кои доаѓале од оваа земја од Островот. Кај опозицијата на референдумот и онака имаме најмалку двајца ексамбасадори во Британија?! Луѓето си знаат колку биле неуспешни, ако ја прифатиме таа чорба. Но, да се вратиме на тезата. Демек, политичарите од Островот прво „ни го зедоа знамето од Виргина“, па ни го дадоа привременото име и така натаму, се до Преспанскиот договор кој наводно бил нивно масло. Не е важно кој е тој што го напишал тој документ, Битно е да има некаков текст за рефрен за уличнитеа гитпроп шлагери. Оваа теза има некакви случајни врски со Белград и настојува да ги покрие убедувањата на сите оние емисари и гласници кои говорат дека земјава треба да биде зад Преспанскиот договор. Со сторијата на Дачиќ одеднаш сите тие лидери, високи политичари, партии и држави се прават невидливи, избирајќи позиција „контра Лондра граду“ кој ете може да биде клетникот кој ни ја преде црната волница.
Совпаѓањето на двете пропаганди има еден извор, па затоа на дпмнеовска страна нема многу аргументи, како што и Дачиќ не ја спомена Британија по име, само со цел и да не објаснува ништо понатаму! Во стилот јас ќе направам промаја а вие затворајте ги прозорците! Да остане името и толку, велиме и ние и не треба да се бара мост кон премиерката Меј со таа теза, на пример! Која беше во мај кај нас и исто така ни ја даде поддршката. Едноставно, таа груба редукција на вистинските пријатели на земјава, мораше да има и тајмкинг со Вучиќевиот пропаганден штаб кој ги дава клучните музики по кои играат вмроовците на Мицковски кај нас. Впрочем, таа речиси бесконечна низа која се случува пред наши очи со високите политичари кои не посетуваат, која просто се рои, треба да исчезне за врвот на ДПМНЕ да се почувствува слободен во ширење на својата идиотска пропаганда, која полесно влегува во ушите на простиот, обичен народ ако ги нема сликите на угледниот политички џет-сет на екранот, и кому питулиците од лаги полсено му влегуваат во подзинатите усти, кои чекаат храна која ќе му дава калории на нивниот познат инает кога се „комуњарите во прашање“. Ако Мицковски веќе треба да има непријател од надвор, нека биде само еден, па тоа нека е Британија, колку да нема воопшто.
Како Меркел се најде на „црната листа“ во двете земји?
За Белград особено е болен шамарот кој им го даде најможната политичарка во Унијата – Меркел, која Вучиќ до вчера ја нарекуваше „нашиот најголем сојузник“. Таа беше тврда во спречувањето на какви било игри со границите на Балканот. Потоа следуваа и други земји, па и Франција, која дури е и најтврда. Да се потсетиме дека Меркел во петокот, еден ден пред да дојде во Скопје, го укори и премиерот Заев, идниот домаќин, за неговите изјави (па би можело тоа и да се титтлува и како незадоволств кај канцеларката заради средбата со Вучиќ, кога не му е време), инсистирајќи на поголема усогласеност со политиката на Унијата (!).
Во исто време се намножени коментаторите по српските медиуми против Меркел, во кои таа сепак не е „пријател“ во оваа ситуација, туку дека таа стои зад меѓународна завера, со тоа што душмански ги земала најдобрите млади кадри од нивната земја и имала за цел во државата со толкав генетски дефицит потоа да ги внесе бегалците, кои доаѓаат од сите страни! При тоа се турка настрана фактот дека извозот на кадри во Германија, како кај медицинските сестри е поддржана со меѓусебен договор меѓу Германија и Србија од пред три години.
Објаснувањето од Белград ама во влакно се поклопува со она што го говорат деновиве уличните емисари на ВМРО ДПМНЕ кај нас. Демек, Меркел има за цел да ни го земе квалитетниот кадар (како што се лекарите и сестрите) а на нивно место во испразнетата земја да се донесат утре бегалците. Ова со бегалците не е ново, нели дури и се „градеа“ станови за нив, ама сега посетата би завршила со договор со Заев за полесно преземање на економските бегалци од страна на Берлин. Како таму, на Улицата на липите да нема и преку глава проблеми од економските емигранти. Такви кои ја загрозуваат дури и политичката иднина на Меркел. Канцеларката замина без никаков договор во саботата попладне. Којзнае дали се напи и две кафиња… Имаше порака до гласачите и ја кажа на наше тло.
Целта на оваа усна пропаганда против Меркел е да се минимизира секако посетата на еден политичар од најкрупен калибар и таа нејзина посета да добие целосно поинаква природа, која нема врска со референдумот. И со нејзината стимулација да се излезе масовно на гласање на 30 септември. Таа сторија контра Меркел во исто време треба да сигнализира дека зад Договорот од Преспа стојат многу темни сценарија кои го загрозуваат македонскиот народ и неговата иднина. Колку потемни и помистични, толку покорисни за опонентите на референдумското прашање, без потреба директно да се објаснуваат сценаријата.
Што треба да очекуваме понатаму од мензата на ДПМНЕ? Па, треба да гледаме во устата на Дачиќ …