ВЕЛЕ МИТАНОВСКИ
Кај нас има мајтапчии, кои не убедуваат дека мерките на нашата комисија и на владата се само копи-пејст на мерките што се предлагаат во соседна Србија. И таму и овде се „рвааат некомпетентните политичари и лекари – слабаци”, и таму и овде, населението редовно бара поригорозни мерки, во одделни општини (Прилеп, Неготино, Гевгелија…) тоа го бараат и локалните самоуправи, и таму и овде има доктори кои се незадовони од мерките.
Еден наш лекар од примарното здравство, ситуацијата ја спореди со играта – руски рулет!? Истото го вели и градоначалникот на Прилеп, и самиот паталец кој ја прележа короната, но тој, ситуацијата ја опишува вака: ако излезам од дома и треба да стигнам до било која точка, нема шанса да промашам, заразен со корона вирусот!?
Овој човек, инаку лекар по професија, вели дека нашава „игранка” е многу поопасна од рускиот рулет, затоа што кај нас – нема промашување!
За да ви биде појасно, еве што се подразбира под кованицата руски рулет?
Руски рулет е екстремна игра која завршува со смртен случај. Според правилата на играта во празен барабан на револвер се става определен број патрони (обично еден), но секогаш остануваат празни места. Тогаш се врти барабанот и се става пиштолот на челотоа, по што се притиска петлето. Може да се случи токму единствениот (или еден од неколкуте) куршум да заврши во глава. Во оваа игра, која има и синоним- гусарски рулет, до денеска, со својот живот се поиграле повеќе од еден милион јунаци.
Има повеќе верзии за тоа како настанала, за најверојатна се смета онаа од 19 век. Кога на стражарите им било досадно времето, тие ги терале затворениците да ја играат оваа игра, а тие, пак, се кладеле кој од нив ќе се застрела. Не е за отфрлање и втората верзија, дека ова била војничка игра и ја играле офицерите за да ја покажат својата храброст пред љубените.
Рускиот рулет се споменува и во литературните дела: во „Херој на нашето време“, на Лермонтов, за играта пишува и Александар Грин, познат руски писател, во својот расказ „Зурбаганскиот стрелец“. За да не одиме многу далеку, и нашиот, а светски, Тоше Пројевски, љубовта ја опејуваше со песната насловена „Руски рулет“.
Во оваа прилика, мене посебно ме импресионира насловот на Лермонтов „Херој на нашето време“. Без омаловажување на лекарите, медицинските сестри и помошниот персонал во ковод-центрите, сепак, нека ми биде дозволено, оние што одлучуваат за нивните и нашите живот, сепак, да ги ставам во наводници.
Значи, овие „херои на нашето време” сѐ уште грдото лице си го подмладуваат со козметика, и кога, врапчињата пискаат дека е потребна сериозна и прецизна хируршка интервенција. Кога ситуацијата е неодржлива и кога, ако не се деси некое чудо, сите отидовме на рускиот рулет, ама во ново издание – сега на буренцето, сите места се полни, а само едно е празно! Значи – живот на коцка!
И додека ние се коцкаме со животот, сите подеднакво, има некои „малку поеднакви од нас!” (ах тој чичко Орвел!) кои се коцкаат во вистински казина, таму некаде во Абу Даби, Ака Пулко (Мексико),Занзибар….
Не дека и овде немаме казина. Ги имаме преку глава, лидери сме, јас од мојот прозор гледам 3, на двесте метри растојание!
Паталецот од Прилеп, вели дека казината, односно коцкарниците (игрите на среќа,де!), се едно од најголемите жаришта. Како тоа Комисијата и Владата не го гледаат. Прилепчанецов вели затворање од 7 часот навечер, овие од Скопје велат од 22 часот. Е, сега, кој знае повеќе – паталецов, или гаталциве!?
Гаталциве тргнуваат од прогнози, а паталецов од факти. Ако до скоро дневно прегледувавме по 70 пациенти, денеска прегледуваме по повеќе од сто! Британскиот сој, вели тој, е позаразен, напаѓа сѐ помлада популација, пацинетите се со сѐ потешка клиничка слика…
Тогаш што чекаат гаталциве .Истото го кажуваат и од Кавадрци, Неготино, Гевгелија, Охрид….Изгледа не ја разбираат неговата порака, односно критика: Прилеп, вели, ќе биде привиот град кој ќе се стекне со колективен имунитет!!!
А, која ќе биде цената?
Гаталциве велат деке мереле со шублер, вагале измеѓу здравјето и економијата. Паталциве велат дека она што не чека подоцна, ќе биде неспоредливо потрагично од две недели тотално затворање, или локдаун. Со други заборови: дајте локдаун, оти сите ќе бидеме во нокдаун!!!