БИЉАНА СЕКУЛОВСКА
Мора да постои барем еден од нив, што не клима толку важно и подготвено пред неговиот лидер, кому главата му виси од толку што се расклимала од одењето надолу, кој не се однесува како патетичен безрбетник пред стрелање, добога
Консензус за одушевеност од идејата на Заев за непартиска администрација, може да се здивне и да се зачекори напред, во најсветлата иднина, која се препорачува. Како вели тој, за понудата за широка Влада, со опозицијата: “Кога сме двете страни во Владата, нема СДСМ и ВМРО да ја партизираат администрацијата”. Но, потоа додава- “Да, ќе се вработуваат и од двете партии, ќе победи на конкурсот, како најдобар, по критериуми, по нормативи, по се”.
Можеби ќе дојде таков ден, кога Заев ќе го посоветува некој од таа негова армија премудри и благословени советници, да му каже- дека може сосема поинаку, онака како што никој не сонува.
Видете, мора да постои барем еден од нив, што не клима толку важно и подготвено пред неговиот лидер, кому главата му виси од толку што се расклимала од одењето надолу, кој не се однесува како патетичен безрбетник пред стрелање, добога.
Некој кој ја сака државата повеќе од партијата, некој кој секојдневно не покажува дека дури и семејството и пријателите би ги предал за партиските привилегии и удобности, некој кој некогаш сфатил дека историјата им припаѓа само на тие што навистина нешто добро сториле за државата, кога веќе знаете дека треба да служите за повисоки цели и затоа сте се појавиле ненадејно на овој суров, проклет свет.
Да се случи таков ден, кога се ќе стане обратно од она за што досега било најважно и единствениот пат за успех во животот- да бидат покорни партиски мекотели, од најситните видови и форми, кои исклучиво се снаоѓаат со своето отсуство на интегритет и чест.
Да се проба, макар на еден ден, макар за момент, макар додека помине невидлив миг, но да го запише историјата, да го одбележува како значаен и крупен чекор за човештвото.
Да се дојде до одлука, важна, вистински пресврт за сите нас- во администрацијата да се вработуваат исклучиво луѓе без партиски книшки, без благодарници и признаници од партиите, без лепење плакати и коленичења пред партиските авторитети, да дојде слобода, до дишење со полни гради. Да дојде тој ден, мора да дојде тој ден на наша слобода.