ИЈАН БУРУМА
Ако заминете, ризикувате да станете ирелевантни во вашата земја и непожелен гостин во друга. Ако останете, може да завршите во затвор, или уште полошо
Не е сосема јасно колку Руси ја напуштиле земјата од почетокот на војната во Украина. Некои велат над милион, некои велат помалку. Но, чистата бројка е помалку важна од калибарот на оние што ја напуштаат земјата. Тие се меѓу најдобро образованите Руси: писатели, компјутерски експерти, новинари, филмаџии, музичари, научници, актери…
Некои заминуваат затоа што немаат друг избор. Новинарите кои ја критикуваат војната – како што е Евгенија Албац, уредничка на весникот Новое време – мораа да побегнат за да избегнат апсење за наводно ширење „лажни вести“ или обвинети дека се „странски агенти“. Други си заминуваат затоа што дошле до заклучок дека животот во Русија на Владимир Путин станал неподнослив.
Олга Смирнова, примабалерина на театарот Бољшој, се пресели во Амстердам. Таа вели дека „никогаш не ни помислила“ дека еден ден може да се „засрами од Русија“, но дека војната ѝ оневозможила да остане во татковината. Стотици илјади млади мажи одлучија да ја напуштат земјата поради неодамнешната „делумна мобилизација“ на Путин, не сакајќи да ризикуваат да бидат испратени во војна што не ја сакаа.
Еден мој пријател од Москва ми рече дека бројот на оние кои имале можност да ја напуштат земјата и го направиле тоа сега го надминува бројот на оние кои исто така ја имале таа можност, но решиле да останат. Но, некои истакнати личности кои се противат на војната на Путин се’ уште се во Русија поради различни причини. Некои не сакаат да ги остават своите семејства зад себе; некои не гледаат начин да продолжат да ја вршат истата работа на друго место; некои сакаат да бидат сведоци на она што се случува во нивната татковина. Независниот новинар (и добитник на Нобеловата награда за мир за 2021 година, уред.) Дмитриј Муратов даде ветување: „Ќе продолжиме да работиме овде додека студената цевка не ги допре нашите жешки чела“.
Изборот помеѓу тие опции никогаш не е лесен. Во други времиња и други земји, како нацистичка Германија или комунистичка Кина, луѓето се соочуваа со слични дилеми. Ако заминете, ризикувате да станете ирелевантни во вашата земја и непожелен гостин во друга. Ако останете, може да завршите во затвор, или уште полошо.
Оние кои заминуваат честопати се обвинети дека се кукавици или предавници, додека дисидентите кои остануваат во својата татковина се наоѓаат фатени меѓу странските сили и нивната сопствена влада. Русите кои ја сакаат својата земја, но мразат војна се во иста позиција како и германските патриоти кои ги презираа нацистите. Таквите луѓе имаат многу малку пријатели.
Изборот помеѓу останување и заминување неизбежно предизвикува многу праведни негодувања на сите страни. Оние кои се наоѓаат безбедни некаде надвор од земјата, заштитени од бруталноста на војната и диктатурата, честопати инсистираат на тоа дека оние што остануваат мора видливо да го покажат своето противење на режимот. На конференција во Рига, поранешниот светски шампион во шах и политички активист Гари Каспаров рече дека Русите кои сакаат да бидат „на вистинската страна на историјата треба да ги пакуваат куферите и да ја напуштат земјата“. Оние кои не го прават тоа, додаде тој, „се дел од воената машининерија“.
.Филмскиот режисер Кирил Серебреников со години беше малтретиран од руските власти, но одбиваше да ја напушти земјата додека војната не се покаже како последната капка. Тој добро го формулираше проблемот со кој се соочува секој Русин кој му се спротивставува на Путин: „Војната ја водат претседателот и политичарите за кои не гласав, но во очите на многумина јас сум нивен неволен соучесник“. Томас Ман, најпознатиот германски писател во своето време, ја напушти нацистичка Германија веднаш штом Хитлер дојде на власт во 1933 година. Со оглед на тоа дека неговата сопруга има еврејско потекло и дека тој се залагал за ставови кои би го турнале во затвор, тој немал избор. Неговите жестоки напади врз режимот на Хитлер беа емитувани на Би-Би-Си за време на војната. По војната, Ман тврдеше дека сите Германци биле извалкани од нацистичките злосторства. Тој веруваше дека истото важи и за писателите кои ги наведнале главите.
Ваквиот став на Ман предизвика остар одговор кај писателите како Франк Тис, кој не бил нацист, но избрал да остане во земјата. Токму Тис го измислил терминот „внатрешна емиграција“ за интелектуалците кои се држеле настрана за да не влезат во неволја. Кукавици беа луѓе како Ман кои им го свртеа грбот на своите сонародници, тврди тој.
Тис отиде подалеку, инсистирајќи дека оние што останале покажале поголема храброст. На овој начин, тој зборуваше за многуте Германци кои останаа и кои никогаш не им простија на заминувањето на оние како Ман или филмската ѕвезда Марлен Дитрих.
Длабоката поделба на луѓето кои треба да бидат на иста страна, но направиле различни животни избори е еден од триумфите на угнетувачките режими. Тоа дополнително ја ослабува можноста за силен отпор кон таквата власт.
Секогаш кога кинеската влада ослободува неколку познати дисиденти од затвор и им дозволува да емигрираат на Запад, многумина брзо ги поздравуваат ваквите настани како победа за човековите права. И всушност, протерувањето од земјата е ефикасен начин да се ослободи режимот од критичарите кои брзо ќе бидат заборавени дома или дискредитирани како ирелевантни и обвинети дека го изгубиле чувството за реалност. Цената на слободата некаде во странство често води до осамени животи на огорчените критичари на оние што ги оставиле во својата татковина.
Егзодусот на најдобрите и најквалификуваните луѓе што ги има Русија може да им даде поттик на научните, уметничките и академските институции на Запад. И тоа секако ќе им наштети на долгорочните економски перспективи на Русија. Но Путин веројатно нема да се грижи за тоа се додека остане на власт.
Русите кои останаа во земјата ќе ги трпат долгорочните последици од милитаризмот на Путин, можеби дури и поголеми од оние на кои Украинците моментално се изложени во воени услови. Според зборовите на Илја Колмановски, познат биолог и научен новинар кој конечно решил да ја напушти земјата поради војната, „со тек на време луѓето ќе почнат да сфаќаат дека инвазијата на Путин е истовремено и напад на Русија“.
(Авторот е публицист и писател чија последња књига е The Churchill Complex: The Curse of Being Special, From Winston and FDR to Trump
and Brexit). Авторот е уредник на Њујорк бук ривју)