БИЉАНА СЕКУЛВОСКА
Сакате да му кажете на светот дека сте многу повеќе, многу подобро, и поважно- дека никој не може и не смее да ви каже дека сте она- што некој сосила ве прикажува, ве присилува, ве силува.
Кога сте револтирани од бугарското вето и нивните барања да се определите како Бугари, дека го говорите всушност бугарскиот јазик, а историјата дека ви е бугарска, пред вас одеднаш се појавуваат разни патокази и опции, како да докажете дека всушност сте многу повеќе од тоа.
Дека воопшто не сте Бугарин, ниту сте биле, ниту сакате да бидете. Дека во исто време, вие сте многу повеќе од Бугарин, дека тој национален идентитет ве ограничува, ве притиска и пече, ве стега околу врат и не ви дозволува да бидете тоа што сте.
Сакате да му кажете на светот дека сте многу повеќе, многу подобро, и поважно- дека никој не може и не смее да ви каже дека сте она- што некој сосила ве прикажува, ве присилува, ве силува.
Сакате да му кажете на светот дека сте Македонец, се чувствувате како Македонец, сте се родиле како Македонец, ќе умрете конечно- само како Македонец.
Но, во исто време, тоа е само еден избор, еден живот, право на живот конечно- да се избере она што се чувствува и сака. За некого најдобриот избор, но за некого, има многу повеќе од тоа, и светот тоа мора да го знае.
Смее ли, може ли, дозволено ли е да се има и поинаков избор? Да бидам и Македонка, но и Албанка, а и Ромка, потоа Турчинка, па Влаинка, како и припадничка на сите народи на поранешна Југославија, а во исто време и Французинка, секако и Американка, да бидам цел еден свет, сиот свет да е собран во мене. Јас сум се што сакам да бидам, но не она што вие ме присилувате- да бидам Бугарка, да го говорам вашиот јазик, бугарскиот, да бидам дел од вашата бугарска историја.
Сакам да бидам секоја раса, секоја боја на кожа, секој родов идентитет да го чувствувам како свој, да бидам се што сакам во овој тажен свет, во кој за Македонците нема место, затоа што отсекогаш и не постоело.
Да не бидам, да не станам дел од „Убиствените идентитети“ на Амин Малуф, затоа што ако сакате да се определам, ќе мора да ми „ампутирате еден дел од самата себе“. Затоа што идентитетот не може да биде само еден, целината настанува кога сте се, кога сте збир на милион мали идентитети кои за вас се огромни, кога сте создаден и изграден од многу ситни делови, кои само така потоа стануваат крупни и важни.
Доколку бараат од вас да се одредите со сила, тоа дивјаштво ве боли, како да ве касапат парче по парче, одземајќи ви се- а најмногу гордоста, достоинството, слободата.
Кога ве сецкаат и ве расфрлаат на парчиња, за да признаете дека мора да станете она што не сте, што никогаш не сте биле, ниту посакувале да бидете, кога инсистираат да им ветите дека ќе се претворите затоа што тие ви наредуваат, тогаш светот мора да замре.
Тогаш европските татковци мора да застанат и да се замрзнат, кога ќе слушнат што тоа сакаат од вас. Така функционира светот, само така и никако поинаку. Доколку ги разделите и растргнете сите парчиња на идентитетот, кој е разнолик, шаренолик, богат и раскошен, ќе добиете ранети луѓе, болни луѓе, кои дотогаш биле склупчени, газени и отфрлани, но ќе станат огорчени, револтирани, навредени, поболени од таа омраза и беда која ги малтретира и силува.
Ќе се кренат, секако дека тоа ќе биде мирољубиво, но ќе ви кажат- заборавете, оставете не на мира, ви велиме – не, и тоа е засекогаш само не, ништо повеќе од тоа.