Бројот на студенти во Македонија секоја година се намалува за по 1.000! Генерациите што остануваат ја плаќаат сметката за неангажираноста на политичката класа за подобрување на квалитетот на образованието
ЗЕНЕЛ МИФТАРИ
Според британскиот теоретичар Ернест Гелнер, образованието е еден од главните столбови на развојот на државата и на општеството, Тој наведува три елементи кои еден народ го прават силен. Еден од тие елементи, според него, е силен образовен систем регулиран на најдобар можен начин. Двата други елементи кои Гелнер ги споменува се економијата и војската.
Но, иако нашата земја брои околу два милиона жители, и регулирањето на образованието може да се направи на полесен начин, таа не успева да формира соодветна стратегија и да ја подобри ситуацијата во која се наоѓа високото образование. Ова е последица на политичката класа која од осамостојувањето на земјата досега, не им го посветила потребното внимание на образованието и науката.
Новите генерации ја плаќаат сметката за неангажираноста на политичката класа која на главната агенда го немаше зголемувањето на квалитетот на образованието.
Значи, помладите генерации од Македонија, без соодветно образование и без еднакви можности со своите врсници од регионот, заостануваат на меѓународни тестирања, научни истражувања…. И, при најмала можност, заминуваат да студираат во странство. Ова го покажува студијата спроведена оваа година, според која, 21 процент од матурантите би студирале во странство ако им се даде можност. Според истото истражување, најатрактивни држави за матурантите од нашата земја се Словенија и Бугарија.
Се проценува дека причините за недостатокот на квалитет во образованието се различни: кадар, несоодветни учебници, непостоење дигитализација на универзитетите, недостаток на насоки за студирање на англиски јазик, како и низа други прашања. Затоа, матурантите излезот за нивното професионално усовршување и оспособување со вештини го гледаат во универзитетите во странство.
ЗА 30 ГОДИНИ – 20 МИНИСТРИ ЗА ОБРАЗОВАНИЕ Да се потсетиме дека Министерството за образование и наука често беше „златниот камен“ за размена на министерства во постизборни коалиции или кога се правеа акробации во владиното мнозинство. Значи, од осамостојувањето на државата до денес, нашата држава смени 20-тина министри за образование.
Според анализата на економистот Зоран Јовановски, во последните 30,5 години министерот за образование во просек се менува на секои 1,6 години. Според него, само еден министер има отслужено целосен четиригодишен мандат. Во меѓувреме, во текот на целиот период од 1991 година досега, вели тој, просечната возраст на министрите за образование во времето кога ја презеле функцијата била 40,4 години. Од 2000 година наваму, нема министер за образование кој имал над 45 години кога стапил на функцијата, а 8 од нив биле во своите 30-ти години.
Речиси секој од нив имал своја стратегија за развој и подобрување на квалитетот на образованието, особено на високото образование. Една од реформите која остави најголем белег беше Болоњската реформа на високото образование во периодот на поранешниот министер Панче Кралев. Во текот на овие години често имаше воведување на различни системи и стратегии на универзитетите кои го збунуваа академскиот кадар.
МАКЕДОНСКИТЕ УНИВЕРЗИТЕТИ ТОНАТ НА РАНГ ЛИСТИТЕ Но, стратегиите на ниту еден од министрите, се чини, дека не ги дадоа очекуваните резултати. Најстариот универзитет – УКИМ, продолжува да паѓа секоја година на светските универзитетски ранг-листи, а иста е состојбата и со Тетовскиот универзитет и Универзитетот на Југоисточна Европа. За жал, ниту еден од македонските универзитети не е рангиран во првите 1.000 најдобри универзитети во светот според најновата ранг-листа.
Во меѓувреме, на Шангајската листа, од поранешните југословенски републики – Словенија, Србија и Хрватска може да се пофалат со многу подобри резултати од Македонија. Во првите 500 универзитети има место за универзитетите на Љубљана, Белград и Загреб. Од регионот, Атинскиот универзитет е рангиран како најдобар и е меѓу првите 400 универзитети во светот.
Заминувањето на студентите од земјава влијаеше и на намалувањето на бројот на студенти на нашите универзитети. Според податоците објавени од Државниот завод за статистика (ДЗС), во 2010 година, на сите универзитети во земјата имало вкупно околу 63.000 студенти, додека оваа година имаме околу 51.000 студенти. Значи, за 12 години – бројот на студенти е намален на 12.000 студенти.
Оваа бројка е загрижувачка и алармантна, и треба да стане тема на дискусија во интелектуалните кругови, но за жал, досега немаше никаква акција ниту од надлежните институции, ниту од интелектуалците.
Аларм за итни реформи
Падот на бројот на студенти треба да послужи како аларм за политичарите и за сите политички актери да ги сфатат посериозно состојбите во високото образование и да почнат да размислуваат како да го подобрат. Потребно е да се врати достоинството на универзитетите и професорите. Состојбата создадена на нашите универзитети треба да служи како појдовна точка за креирање на долгорочна државна Стратегија за подобрување на квалитетот на образованието.
Но, стратегијата да не биде партиска, за во моментот кога ќе се смени владата да падне во вода. Значи, потребен ни е консензус во креирањето стратегија за високото образование. Само на тој начин може да се гарантира иднината, бидејќи со овој „напредок“ – ситуацијата само се влошува и иднината останува во рацете на судбината.
Исто така, вреди да се напомене дека еден од другите фактори што влијаеше на намалувањето на квалитетот на образованието и падот на светските ранг-листи е намалувањето на буџетот за наука од страна на Владата во текот на годините.
Значи, во последниве години, вниманието на Владата не е насочено кон унапредување на науката и образованието. На крајот на краиштата, дури и според методологијата за рангирање на универзитетите – за важни критериуми се земаат научно-истражувачките трудови на универзитетските професори, работните места што студентите ги заземаат по дипломирањето и квалитетот на образованието на универзитетот.
Но, ниту основното, ниту средното образование не се во подобра состојба. Треба само да ги анализираме резултатите од меѓународните тестови на нашите ученици. Од сите досега направени тестирања, Македонија се најде на дното на листите.
На пример, во ПИСА студијата, учениците од нашата земја секогаш имале негативни резултати. ПИСА е меѓународна студија за читање со разбирање, математика и природни науки која ги мери знаењата и вештините на 15-годишните ученици. Од 77 земји, Македонија е рангирана на 67-то место по читање со разбирање и математика, а по природни науки е рангирана на 63-то место.
За излез од оваа ситуација, Македонија треба да земе пример од методите на другите земји кои поминаа низ транзицијата – на пример, Словенија, Хрватска и Бугарија. На пример, пред нешто помалку од две децении, словенечкиот високообразовен систем се соочи со низа законски измени и мораше да го балансира квалитетот на студискиот процес со голем број студенти на ниво на универзитет.
Словенија во 1996 го вклучија стручното високо образование со краток циклус (višje strokovne šole), кое стана посебен дел од системот на високо образование и моментално е организирано од Министерството за Oбразование. Студиите се за период од две години и се оценуваат со 120 ЕКТС.
Нацрт Националниот план за високо образование 2011–2020 (НПЗО) зазема холистички поглед на целото поле на високото образование. Програмата вклучува и интеграција со науката, истражувањето и научната политика. Во однос на второто, ова е комплементарно на новиот нацрт на Стратегијата за истражување и иновации за Словенија 2011–2020 година (октомври 2010 година).
За да дојде до овој степен на образование, Словенија имала деценски стратегии за подобрување на квалитетот на образовниот систем.
Како понатаму?
Потребно е воспоставување национална рамка за квалификации која ќе овозможи поголема транспарентност во однос на образовните достигнувања и вештините потребни на поединците за влез на пазарот на трудот или за континуирано образование.
Во текот на изготвувањето на стратегијата за образование, неопходна и неизбежна е соработка со граѓанското општество и консултација со локални и странски експерти, што ќе донесе позитивни и неопходни промени за студентите од нашата земја. Промената на оваа ситуација барем малку ќе ги спречи нашите студенти да заминуваат на студии надвор од државата.
Реформите треба да почнат со дигитализација на студентските услуги, подобрување на квалитетот на образованието, воведување на студиски програми на англиски јазик за привлекување на студенти од земјите од регионот, создавање на повеќе студентски центри каде што може да се разменуваат идеи, а дополнително – да има простори каде што ќе можат да се организираат различни научни и културни настани за студентите