Новогодишни средби со наши познати уметници
Даниела Ивановска, актерка во театарот „Војдан Чернодрински“ од Прилеп која е убедена дека „треба да се игра и да се ужива во играта“. И, да се говори и пишува гласно и моќно.
Си замислувам, како сите сме станале луѓе, а не идиоти,какви што сме!
Си замислувам, како секој од нас, навечер пред легнување, се прашува-Кој сум? Колку вредам?Дали сум добар човек? и Каде ми е местото?
Си замислувам како Уметноста ја лечи и ја облагодарува душата!
Си замислувам, како Културата не е тоалетна хартија!
Си замислувам, како театарските претстави се единствениот Театар, наместо сѐ друго што ни се случува во државава!
Си замислувам,како зборовите: политичка партија, политичка припадност, коалиција, пазар, купувам-продавам, бизнис, полтронство…се зборови кои се избришани од речникот и забранети за употреба и примена во нашава Македонија.
Си замислувам,како луѓето имаат достоинство и не се продаваат за ситни пари и ствари, како се храбри и не се плашат од промени.
Си замислувам дека не работам во свињарник, каде што постојано прокиснува, смрди на мувла, има промаја и се смрзнувам!
Си замислувам, како овој свет би бил поубав, кога возрасните би знаеле да бидат искрени и да сакаат, онака,како што децата умеат!
Си замислувам како сме направиле еволутивен чекор!
Си замислувам дека сѐуште има надеж!
Си замислувам, како, сѐто ова што си го замислувам, ќе стане реалност во која ќе успееме да проживееме неколку квалитетни години и дека нема да се срамиме што ќе им оставиме во наследство на идните генерации!
Да сме Здрави и Живи, со полна душа и очи кои светкаат од радост!
Костадин Шурбановски – Шурбе, правник, радио водител и уредник во Канал 103, продуцент во Скопје џез фестивал и заколнат велосипедист
Имам еден сон… Сонувам дека живеам во град каде што се сите насмеани, добро расположени, љубезни едни кон други, грижливи кон природата, емпатични кон послабите од себе, кон различните, кон децата, кон животните… Сакаат музика, добра музика, ја слушаат секојдневно, уживаат во неа, редовно одат на концерти. Читаат книги, посетуваат изложби, театарски претстави, кино-проекции… обожаваат културни настани. Не гледаат вести, политичарите ги дожувуваат како нужно зло, како некоја елементарна непогода. Скромни се, немаат многу, доволно за пристоен живот. Оние што имаат повеќе од другите гледаат да не го покажуваат тоа на секој чекор и во секоја прилика. На работа (и не само на работа) одат со велосипед или пеш. Свесни се дека е тоа добро за нив, за нивното здравје и за околината. Вредни се, трудољубиви, одговорни, сакаат да станат подобри, да напредуваат, отворени се кон нови знаења, почитуваат инаквости, не знаат што е тоа завист, љубомора, омраза. Полни се со љубов. И имаат одлична смисла за хумор!
Имам еден сон…
Ивана Настески, графичарка и ликовна уметница за која критиката ќе забележи дека поседува „автентичен јазик и писмо преполно симболика“
Се чини, дека како да почнавме да го броиме времето од пред пандемијата и по неа.
Како наеднаш, да се сепнавме, посакувајќи да сфатиме колку вистински е важно здравјето, менталното и духовното или пак вистински да разбереме дека сепак, домот е онаму каде што е семејството.
Интимно и над се* чезнеам, да надвладее добрината и човечноста. Колку и тоа да звучи романтично, лично, гласно посакувам да ни се врати пламенот на разумот, свеста и совеста.
Дали глобалната несреќа која му се случи на целото човештво и се уште лебди над нас, ќе не’ освести и вразуми е прашање кое сите нас, треба длабоко да не замисли! Одговорите лежат во секого од нас. Ганди вели: ” Биди ти, промената, што светот сака да ја види!” Во таа насока, посакувам ронката добрина да започне со секој од нас!
Она што може да делува и да не’ излекува во позитивна смисла, е уметноста во нејзиниот најширок контекст и облик!
Таа има лековита моќ и е мошне благородна!
Или со зборовите на Гете:
„Секојдневно во животот, човек би требало да слуша малку музика, да прочита понекој стих, да ѝ се восхитува на добра слика, за грижите да не му го засенчат чувството за убавина што Бог го всадил во човечките души.“
Дино Имери, еден од најмногу респектираните македонски пијанисти од новата генерација класични музичари и уметник кој е вбројан во 10-те најдобри во Европа
фото: Маја Аргакиева
Заглавени во молскавичното секојдневие, во нашите реални и нереални проблеми, во нашето постојано трчање од едно до друго, често пати забораваме на најважното – животот не е проблем што треба да се реши, туку мистерија што треба да се доживее.
Посакувам да не бараме смисол, туку да му дадеме смисол на нашиот живот живеејќи со љубов, почит и неуморна љубопитност.
Дороти Пачкова, академска сликарка, една од најгласните активистки во заштита на самохраните мајки, борец против семејното насилство, двигател на ЕДНА МОЖЕ …сонувачка и креаторка на нови светови
Замислувам…
Кога почнав да откривам за светот и поставеноста во него, на нас како поединци, во раните пубертетски години, се запишав во средно уметничко и паралелно се затрупав со тешка артилерија од литература. Читав лудачки, исклучителни, генијални уметнички дела. Посипував со добра/квалитетна музика и пополнував празни платна со нови креирани светови. Можеби понекогаш премногу интензивно се дружев со моите создадени светови, читани ликови, визуелизирани сценарија, отколку со оние во реалниот свет, зошто имагинацијата ми прави силни визуелизации.
Затоа денес, мојата силна визуелизација, огромниот број насликани платна, безбројните испишани реченици и искреирани ситуции, ми овозможија да го насликам во материјалната стварност она кое научив да одбирам да го визуелизирам најпрво а потоа и живеам својот сопствен сон.
Па така, одбирам да замислувам, рајот на земјава да е достапен за сите нас, замислувам да се будиме покрај нашите љубени, замислувам да сме свесни дека слободата е огромна одговорност и да знаеме да ја уживаме сите индивидуално и како заедница исто така.
Замислувам дека сите како мене, си го пронаоѓаат својот животен повик и се во постојан контакт со себе си. Замислувам дека нема гладни и страдни деца на светов а ние возрасните сме им достоен пример за човеково битисување во спокој и радост на едноставното бидување живи.
Замислувам дека раката ми е волшебно стапче и со едно замавнување ги тргам сите транс генерациски рани кои ги провлекуваат луѓето и ги пренесуваат на идните генерации. Замислувам дека на сите ни е удобно, топло и меко, на душичките и во домовите, за овие празници и за годините кои доаѓаат.
Замислувам дека светот за сите нас станува со вкус на омилените колачиња од детството и во него живееме со чувството кое се буди кога се прегрнуваме со омилените личности од нашите животи. Замислувам дека рајот не е далечно место а ние го уживаме во овие животи, сега и тука. Замислувам дека секој ден расте бројот на луѓе со слични замисли и дека доживеавме да ги гледаме плодовите на овој нов свет, и дека секој ден ни се придружуваат најпрво во сонувањето на ваков свет а потоа и во материјализирањето на истиот. Каде што сите можеме, љубиме и растеме повлекувајќи ги кон рајски живот сите останати.
Можеби сум сонувачка која материјализира, можеби сум вештерка на денешното време, можеби ова е само моја молитва за подобар свет, но сигурна сум дека функционира и дека стануваме вакви како мене во се поголем број.
Овде застануваме. Само за миг. И, потем продолжуваме со соништата и вербата за подобро утре. Небаре пламти и натаму искрата што никогаш не смее да згасне во никого од нас.
Нека ни е среќно летото Господово 2022!
(Радио Слободна Европа)