Да го освоиме универзумот со добрина и убавина, она што го правиме да одекнува во вечноста, да се научиме да го поимаме Другиот, да го зачуваме здравиот разум во ова неразумно време…се само дел од желбите на еден грст македонски творци кои едновремено сонуваа со „Imagine“ на Ленон во близина.
ЉУПЧО ЈОЛЕВСКИ
Почитувани дами и господа, другарки и другари, драги пријатели, нека ни е среќна и бериќетна Новата 2022 година. И, не само како уште една пригодна желба, туку како искрена мисла во времево.
Зад нас е уште една која сите ние би сакале главно да ја заборавиме. Да ги документираме само убавите моменти, а се* друго да оставиме водата да го носи. Неповратно.
А, пред нас уште една „традиционално историска“, во која би сакале да надвладее човештината, љубовта едни за други, емпатијата, срцевината, сончевината… и така со ред. Ете затоа овојпат решивме да замислиме. Да замислиме поубав и по хуман свет. Исто како во Леноновата и сечија химна „Imagine“ чии пораки „стари“ точно половина век и натаму предупредуваат. И, тераат на наново промислување. На повеќе простор за сонување.
Со таа мисла им се обративме на десеттина македонски културни дејци, во името на сите нас, гласно да ги кажат своите замисли. Да сонуваат.
Добрила Грашеска, филолог, пејачка и мечтателка чиј глас слободно ѕвони во ЧАЛГИЈА САУНД СИСТЕМ и дуото Добрила и Доријан
фото: Татјана Ранташа
Се чувствувам како пилот кој само што не полетал од аеродромот во Ливерпул од каде што ме поздравува ликот на Џон Ленон и неговата „Above us, only sky…“
И ако треба да го почнам патувањето, тогаш тоа би било најдобро од себеси: се прашувам што беше важно во изминатава година и замислувам што сакам да стане допрва, се прашувам што правам јас за себе и за оние околу мене, односно им правам ли јас сенка во лето или ги стоплувам како гети во зима? Правам ли јас нешто добро за мене и за луѓето што ги сакам и за оние што ми се важни?
Ама ајде по ред да не биде сѐ поезија: По „корончето“ од изминатава година кое воопшто не беше забавно за дружба, сепак стасав до една вистина за мене: дека животот е убав, море најубав за да се простиме од него туку така. Да не веруваме во себеси, во науката, во убавото, во добрината, мудроста, смеата, во поезијата, музиката и во љубовта…
Па, некако логично ми е да кажам дека замислувам следнава година да се прогласи војна. Ама војна во која ќе го освоиме универзумот со добрина и убавина. Затоа замислувам дека е можна тактика со која ќе се одбраниме од глупоста и лошотијата. Замислувам секакви стратегии на најмали жртви од лоши зборови, погледи и простотилаци, од лоши вкусови и погрешни избори, па дури и од погрешна употреба на мајчиниот јазик кој е единствениот дух кој ни дозволува и да пееме и да сонуваме на него.
На светов постојат толку многу патишта што можат да нѐ одведат на убави места и замислете, дотаму може да се стаса со учење, со добро воспитание, со кажување „Добар ден“ и насмевка кога влегуваме в лифт или во автобус. Замислете колку е убаво кога ќе ги прашаме луѓето како се, а одговорот го чекаме со вистински интерес, или кога нешто ќе ветиме, и ќе го одржиме ветувањето. Замислете колку би било убаво кога би биле искрени и кога би кажеле дека некој убаво изгледа, дека направил нешто добро или едноставно, да признаеме дека ни е убаво покрај него.
Замислете, дека сето ова е можно и дека толку одлучно ќе влеземе во ваквата битка што на крајот ќе го збуниме универзумот со добрина и убавина.
И ако за ова не вреди да се наоружаме до заби со насмевки, јас навистина не знам за што би требало…
You may say I’m a dreamer
But I’m not the only one
I hope someday you’ll join us
And the world will be as one
Среќна нова 2022 година!
Страхил М. Петровски, професор, визуелен уметник и „ловец на ехото на иднината
Прилично е инспиративна, реална и хумана но и некако „идеалистичка” во исто време (од денешен аспект земено…) антологиската песна на Џон Ленон „Imagine“, за светот во кој живееме. Камо да беше се* така како во текстот од песната. Да не се лажеме, многу би сакал! Но, за жал не е!?
Денешницата е прилично тешка и траорна, со оглед на ситуацијата со вирусот ( и не само тоа…) кој не демне сите на глобално ниво веќе две години, со многу нерешени системски прашања во државата ни, каде владее тотална анархија и безредие на сите нивоа, комплетна девастација на се она што би требало да ни биде „свето и хумано“.
Јас лично имам рој желби се разбира! А, се’ она што си го посакувам себе си (а нормално е човек да си ги посака најдобрите нешта за себе и своите најблиски…), го посакувам и на другите. Знам, дека ќе звучи како клише и ако, но најпрвин здравје, па останатото ќе го делкаме лека полека. Многу уметност се разбира и многу љубов кон себе и другите.
Има многу нешта за кои би можел да говорам и пишувам, дека сакаме подобар стандард, почиста животна средина и услови за живеење, генерално “ПОДОБРО” од сите аспекти…итн.
Но, сето тоа зависи од нас и идните генерации, впрочем за тоа мораме сами да се избориме.
Иако би можел уште многу да говорам на темата, сепак во интерeс на времето јас би завршил со еден прекрасен цитат од Марко Аврелиј кој кажува се’ и гласи вака:
„Она што го правиме сега, одекнува во вечноста”
Фросина Пармаковска, писателка и добитничка на наградата Роман на годината за „Одбројување“ во 2017 година
Моите желби за Новата првенствено се поврзани со добро физичко и ментално здравје на сите, па дури потоа сѐ останато…
А останатото подразбира многу и нема да бидам скромна, ќе продолжам со инспирација, тргнувајќи од себе, ќе си посакам инспирација за нова прозна книга, но уште поважно, за сите нас посакувам многу голема инспирација за сите мали и големи нешта кои не сме успеале да ги оствариме, инспирација за нови идеи, за спротивставување на летаргичноста во која сѐ повеќe „здружено“ тонеме и пополнување на времето со убави, поучни, забавни, оригинални содржини, значи, инспирација за живот – полн, квалитетен, содржаен и радосен живот (но, и живот во физичката, материјална, опиплива реалност).
На едно место прочитав дека после ниту едно патување, човекот не останува ист, па ќе посакам многубројни такви внатрешни трансформации како последица на патувањата, па каде и да се и колкави и да се, многу повеќе патувања, навраќања на местата кои некогаш ни оставиле трага во срцето но и запознавање на нови предели, луѓе, култури затоа што искрено верувам дека тоа е важен дел од животот а ако тргнам од себе, богами и важно за пишувањето.
Сакам барем да се обидеме да се учиме како да ги надминуваме и прифаќаме разликите, особено оние најбаналните и најбеззначајните што создават недоброј фронтови на кои постојано се одвиваат полни со отров и омраза битки. Сакам конечно да се научиме да го поимаме Другиот како можност за лично надополнување и спознавање себеси.
Софија Ристевска Петрушева, режисерка во Битолски и Интимен театар. Бунтовничка и гласноговорничка за рамноправноста на жените
Во новата година сакам Интимен театар да добие повеќе и поголеми финансиски грантови, за да можам да ангажирам колку што е можно повеќе млади артисти и да ја засилам документарната платформа, проектите што ги работиме повеќе години. Со тоа ќе им дадеме шанса на повеќе граѓани од различни профили да зборуваат на сцена.
Исто така во Новата година сакам да направам еден феминистички stand-up и лично неизмерно сакам да имам повеќе време за спиење. Да се наспијам.
Сакам мојата Битола да не биде град што луѓето го напуштаат, а да биде град во којшто сите се враќаат. Сакам да влеземе во Европската Унија, и сакам секој ден да биде лето!
И, уште поважно, сакам да има чист воздух во секој град во нашата држава. Некако магично да се исчисти воздухот, пошто се гледа дека системски, организирано, не се превзема воопшто ништо за решавање на овај капитален проблем. Исто така сакам да исчезни целокупната беда и сиромаштија. Мислам дека ковид кризата уште повеќе ја потенцираше сиромаштијата и се плашам дека во оваа 2022ра година, гладот ќе почука на многу врати, на многу семејства, и несакам да се случи тоа. Сакам македонскиот граѓанин конечно да живее достоинствен живот, и еднаш засекогаш да не стравува како ќе ги плати сметките, или како ќе се прехрани.
Откако станав мајка на две прекрасни девојчиња, неможам да поднесам да гледам деца што страдаат. Сакам нашата држава да има стабилна стратегија за заштита на сите деца, и за загарантиран безбеден дом и живот за секое една дете. Сакам да исчезни семејното насилство врз жените и сакам еднаш засекогаш ова општество да се извлечи од патријархалниот модел на функционирање, за жените НАВИСТИНА да бидат РАМНОПРАВНИ со мажите.
Драги Неделчевски, фотограф кој на сликите од секојдневието им ја дава патината од вечноста. Рокенрол тип кој и натаму без резерва му верува повеќе на Френк Запа отколку на било кој светски политичар.
Изморен од секојдневните обврски, се навалив во фотелјата и ја пуштив „Imagine“ од Џон Ленон, прекрасна песна од 1971 година. Машината доби задача да ја повторува. Одново и одново.
И, сега, по цели 50 години од кога Ленон ја испеа „Imagine“ , почувствував дека конечно живееме во еден свет каде што нема војни, каде што сите луѓе се еднакви, нема богати и сиромашни, нема религии, нема земји и граници… Универзалните и длабоко хумани соништа и барања од Џон Ленон се исполнија. Секое разумно човечко суштество би го посакало истото. Така и јас. Ме обли пријатно чувство.
И? И тогаш се разбудив!
Знаев дека Ленон повикуваше да бидеме сонувачи, ама изгледа јас навистина сум сонувал! Реалноста, ме тресна по глава. Суровата реалност на поделен свет, малку богати и многу сиромашни, граници и ѕидови насекаде, фарса од демократија и човекови права, полуписмени ликови кои решаваат за нашата судбина. Тие, или пак светскиот корпоративен капитализам, сеедно. Живееме во време на лажни вести, орвелијански јазик, пандемии, медиуми кои мозокот ни го прават попара, примитивизам завиткан во светкава обланда… Очекував дека дваесетипрвиот век ќе донесе подобра иднина. За жал, тоа не се оствари, а соништата од “Imagine”, се сé подалеку од нас.
И сега, што?
Очигледно сме многу далеку од светот на “Imagine”. Од друга страна, животот мора да се живее. Навираат прашања: Што да се прави? Што да направам на моите блиски да им биде полесно во еден ваков свет? И конечно, што да очекувам дека ќе се случи со светот во времето пред нас?
Прво, да се помириме со фактот дека човештвото нема никогаш да го отсонува идеалот од Џон Ленон за еден поубав свет. Очигледно е дека хомо сапиенсот има „фабричка грешка“.
Второ, да го зачуваме здравиот разум во ова неразумно време.
Трето, колку што можеме, да живееме по некаков наш терк, колку-толку изолирани од грдата стварност, по можност во друштво со фини, писмени луѓе, со уметност, со почит и љубов…
Можеби тоа е најмалку и најмногу што можеме да направиме.
Ако Ве разочарав, жал ми е. Но, тоа е. Сепак, да оставиме времето да покаже дали сум во право.
Продолжува)