БИЉАНА СЕКУЛОВСКА
Се разбира, иако има жестоки несогласувања околу впишувањето на етничкиот идентитет во личните карти, не би требало да има дилеми дека тоа е повеќе од одличен концепт за се поголемата иднина на оваа земја
Додека светот одамна се обидува да ги сруши границите, да ги запечати етничките поделби, да стави крај на расните закрвувања, да се заборават препукувањата за сексуална поделба, ние не знаеме ништо подобро, не знаеме да станеме никогаш поголеми.
Се повеќе и повеќе се смалуваме, атрофираме и се топиме, се повеќе стануваме политички џуџиња- колку што станува желбата наша се поголема, да станеме џинови на политичката ретардираност.
Каков е тој божји дар кој го носиме како крст, да не знаеме ништо повеќе, од тоа да се вратиме наназад во вековите и да се зациментираме и мумифицираме во глупоста, која граници нема, која станува нашето средно име.
О, да, дури и племенските гозби понекогаш попуштаат, кога ќе се препнат низ дивините и ќе се срушат по пештерите, затоа што некогаш, ненадејно доаѓаат и такви моменти на отфрлање на се што ве затуцува, ограничува и прави жигосан. Доаѓаат денови дури и кога племето се опушта, и не му е важно именувањето, определбата, на која историја припаѓа, затоа што решава дека треба конечно да почне да и се поклонува на иднината.
Ви велам, одлично решение е да се запишеме кои сме и што сме, во личнте карти, затоа што иднината од тоа ни зависи, ако се погледне низ историјата. Сите војни, поделби, омраза, Холокауст, гасни комори, крвопролевања, протерувања, геноциди, сето ова било потпишано со крв од оние кои инсистирале да се обележат етничката определба, религиската, расната. Најпаметните во оваа земја можеби и ќе се потпишат на чело, ќе се жигосаат- дека се Македонци и Албанци, или што и да се според Уставот.
За нас останатите, кои одбиваме да се обележиме етнички, може да побараат графа во која ќе стои определбата будала- за да се знае на што сме се согласиле, кога сме им дозволиле да опстанат како политички партии, лидери, на земјата, која ја направија толку мала и толку жалосна, што станува неподносливо.