ВОЈО МАНЕВСКИ
Кој чека, ќе дочека! Ете и редовните избори се на прагот иако четири години живееме во нивна најава од опозицијата. За почеток на кампањата не пишувам зошто ние сме постојано во некаква политичка кампања. Како одењето во кафеана, редовно и во секој слободен момент
Во наредните месеци и навистина сѐ ќе ни биде кафеанска атмосфера во која музиката го одредува расположението. Ако се свират полки и маршеви ќе има станување и ракоплескање, а ако се свират рубато ритми богами ќе има и сечење вени кај опиената публика. Еден мој драг пријател со километарско искуство од избори вели дека ќе чека да помине времето. Не братче, нема да помине времето, ние ќе си поминеме, ама проблемите и решенијата за нив ќе останат.
Во претстојниве месеци ќе имаме музика која политичарите ќе ја свират за слухот на публиката како суштина на атмосферата, избегнувајќи да одредат што тоа конкретно ќе прават за да се решат насобраните проблеми и која песна тогаш ќе ја пеат.
Ќе има разни анкети и анализи за еднократна употреба до следниот митинг, исто како кога после неколку „жолти“ оркестарот ја засвири „и тебе сам сит кафано“. Зборовите од оваа песна ги знае публиката и ја пее со зарипнатиот пејач. Никој не протестира, туку повторно ја пее истата песна после секој митинг. Па нели си сит од кафеаната братче? Или важно е да се пее со сите во кафеаната, за значењето на зборовите не е време да се мисли.
После кафеанските атмосфери следува мамурно утро со фрагментирано сеќавање од синоќешната вечер и голем број на прашалници. Одговорите следуваат по изборите.
Ете таква, според мене, ќе биде кампањата што ќе се води на две нивоа и со различна сериозност. Едната ќе биде за публика со пригодна атмосфера, а другата далеку од очите на јавноста каде ќе се договараат нужните чекори. Прв ваков потег се гласините за можно продолжување на седницата за уставните измени во периодот до распуштањето на Собранието. Чуварите на идентитетот се надеваат на мали потреси од ваквата постапка и се согласувам, бидејќи принципите и етичноста во ставовите не е нешто што ја краси нашава политичка сцена, а богами и партиското членството.
Што и да донесе одлука опозициската ВМРО, нема да има големи последици затоа што стратегијата на кампањата е да нема одлив од нејзините членови, бидејќи се очекува апстиненција од оние што себеси се доживуваат како неопределени, разочарани од општата состојба и контузирани од беспоштедната популистичка пропаганда. Состојбата дека повеќе се мрази политичкиот противник отколку што се оправдува политиката на партиското раководство е тежок камен врз иднината на оваа држава и идните генерации.
Ете, да прашаме на време. Зошто имаме декларативно определување за реформи, а нив не ги правиме? Затоа што реформите треба да донесат нормализирање на државата како систем и малку ќе има место за негово користење како политички плен на победниците на изборите. Оваа е констатација на најголемиот број на граѓани кои се загрижени за иднината. Значи, реформите се нужни и потребна е помош од надвор за да се спроведат затоа што за 30 години докажавме дека самите немаме таква способност.
Ако 74% од граѓаните сметаат дека членството во ЕУ ќе донесе во главно добро за државата и конкретно за нив, нема дилема за алтернативите од членството во ЕУ. До душа секогаш има алтернативи, ама се работи за тоа да се одбере најдобрата. Ако така смета толкав број на граѓани, тогаш има ли поголем патоказ за политичките партии и нивните предлози во кампањата. Посебно ако се сериозни со преземањето на обврска како власт.
Ако во составувањето на техничката влада опозицијата се судри со правилата на НАТО за сертификати за безбедност за кандидатите, ако помошта за Украина е условувана со консензусот на сите членки на ЕУ. Колку е голема веројатноста за измена на рамката што ни ја достави ЕУ кога тоа се прави со консензус на сите членки? Споредете ја важноста на состојбата во Украина и важноста на Република Северна Македонија во геостратешките процеси во светот. Одговорот сами дајте си го, ама после кафеанската атмосфера на митинзите и говорите на раководството на ВМРО-ДПМНЕ, по можност со расолница и со смирени чувства.
Уште поважно за иднината на сите нас е да го поставиме прашањето кој и со кои знаења и искуство ќе ги прави реформите и колкав е неговиот капацитет да ги ангажира сите потребни ресурси во материјална и посебно во кадровска смисла. Без обзир колку е голема партијата, нејзиното автократско устројство го фаворизира клиентелизмот, а тој не е ни стручна, а уште помалку етичка категорија која мора да ја имаат лицата што треба да ги спроведат реформите. Клиентелизмот е брана за поширока каптажа на потенцијалите во општеството, напиша Царатан уште пред една деценија.
Да си кажеме на време! Важен е коалицискиот потенцијал да се направи влада, ама важен е и потенцијалот на една партија или коалиција да има сили да ги привлече кадрите кои се способни без разлика на нивната неопределеност, па дури и определеност, за реформите кои следуваат, а сѐ повеќе од потребни. Без разлика на нивната национална или друга лична определеност. Одговорите од партиските членства ги знаеме, ама од лидерствата ги очекуваме.
Посебно од опозициските лидерства кои досега немаат докажано дека можат да бидат точки на собирање на националниот позитивен потенцијал. Инаку единствено ќе докажат дека не се лидери, туку само членови што низ негативната селекција на подобни кадри стигнале до партиските врвни тела. На таа тема предност има СДСМ и коалицијата, бидејќи има помала ригидност во партиското кадрирање. Полесно ѝ е да привлече кадри кои не сакаат да бидат поставувани во партиски структури и сакаат да ја задржат својата интелектуална самобитност. Ова секако ќе биде сложена задача поради воспоставените сфаќања дека треба да се задоволат интересите на партиските членови. Сепак седум години на власт ѝ дава појасна слика за можностите на членовите и симпатизерите.
Од друга страна, популистичкото обликување на политиките и барањата за цврсти партиски рамки на ВМРО-ДПМНЕ им ја стеснува ваквата можност. Тоа добро го знаат сите лидери досега на таа партија. Секогаш кога дојдат на власт бараат кадри за најодговорните функции меѓу периферните личности од партиското делување, а за најистакнатите како да е резервирана пратеничката функција.
Тоа правило ги мачи сите премногу централизирани партии кои се така структурирани што речиси сѐ зависи од лидерот. Кога им требаат на лидерите способни кадри за државни институции ги бараат по сопствени канали, а дури потоа ги поставуваат во високите ешалони на партијата. Овој број на способни кадри денес е лимитиран поради негативната кампања што цело време се води. Тешко човек со интелектуален капацитет прифаќа да биде мета на партиски „ботови“ или страстите на социјалните мрежи. Цената на популизмот е таква, многу навивачи, а малку играчи за на терен. Ова мораме да го кажеме уште сега за да не ни го кажуваат оние што издаваат разни сертификати.
Значи ќе биде весело и со врева во текот на оваа пролет со кафеанска атмосфера и турбо музика. Само се плашам дека покрај утринскиот мамурлак атмосферата на крај ќе биде во духот на кафеанските песни „и тебе сам сит кафано“ и „дотако сам дно живота“. Мораме како граѓани да размислиме за кого ќе гласаме за да си ја пееме United, united Europe!
(civilmedia.mk)