Даночниот експерт Павле Гацов е дециден во тврдењето дека барањето за линеарно зголемување на пензиите нема економска логика
Потсетувајќи дека пензијата не е социјална туку економска категорија, чија висина зависи од уплаќаниот придонес за време на работниот стаж, Гацов во обид да ја ислустрира неоправданоста на ваквото барање на пензионерите, поставува контра прашање за правото на осигурениците од Вториот пензиски столб.
Дали има логично оправдување осигурениците во приватните пензиски фондови да добиваат иста исплата без оглед колкав придонес уплатувале! Имено, да уплатуваат симболично, но да добиваат солидарно од прибраната маса на пари од сите осигуреници (повеќе од уплатата).За вакво постапување економско оправдување нема. Истото правило важи и за осигурениците во државниот пензиски фонд, вели Гацов за Локално.
Главниот виновник за малите пензии според него е малата маса на уплатен социјален придонес за времетраењето на работниот стаж на пензионерот но и востановената практика на плаќање придонеси од страна на работодавачите.
Во пракса се плаќа придонес за ПИО на минимална плата, се плаќа точно 15 години и се одјавуваат работниците, зашто ги исполниле минималните законски услови… се пријавуваат работниците на скратено работно време за да се плати и половина од минималниот износ на придонесот …Кои се ефектите од ваквото постапување? Додека биле во работен однос трошоците за придонесот за ПИО биле минимални за сметка на нето платата на вработените или компаниската добивка… но кога треба да се користи бенефитот од уплатениот придонес за ПИО тогаш се бара од масата пари на Фондот за ПИО кој и така дефицитно се финансира, заради недостатокот на тековни приходи, бројот на пензионери и висината на пензиите, објаснува Гацов.
По низата протести на дел од пензионерите, доколку дојде до неоправдано зголемување на пензиите, Гацов не ја исклучува можноста од зголемување на даноците.
Да не се заборави дека Фондот за ПИО и понатаму дефицитно се финансира, односно се врши негово капитализирање преку буџетот на товар на даноците и другите јавни давачки што ги плаќаат сите граѓани. Ако дојде до економски неоправдано зголемување на пензиите, ќе се зголеми дефицитното финансирање од буџетот, што за ефект ќе има зголемување на даночниот товар за сите граѓани, односно зголемување на дефицитот и јавниот долг, што повторно ќе доведе до одложено зголување на даноците. Со ваквата поврзаност на јавните финансии, парите што ги бараат пензионерите за своите внуци сега, ќе ги отплатуваат нивните внуци во иднина, дециден е Гацов.
Според него не смее да се заборави дека државата пропишала најнизок износ на пензија кој се дотира од парите собрани од сите работници но пропишала и највисок износ на пензија, за да остануваат пари во Фондот токму за дотирање на најниските пензии.
Според Законот, пензијата се усогласува (зголемува) на 1 март и на 1 септември секоја година според процентот кој се добива како збир на порастот на индексот на трошоците на живот во претходното полугодие и процентот на порастот на просечно исплатената плата на сите вработени во Македонија во претходното полугодие во однос на полугодието кое му претходи.
(локално.мк)