Во сите три држави од Отворен Балкан досега околу 2.000 граѓани се пријавиле да добијат сертификат со кој ќе може да најдат работа во соседната земја. За нив, во тек се безбедносните проверки. Дел од оние кои аплицирале, велат дека процедурата е едноставна и не се губи време по шалтери. Македонските стопа
нственици стравуваат од одлив на работници
АЛЕКСАНДАР САМАРЏИСКИ
Ана Стамболиќ е 27-годишна девојка од Ужице, Србија, магистер по меѓународни односи која во своето студентско портфолио преку различни програми се образувала на универзитети во САД, Обединетото Кралство и Кина. Работно искуство, пак, има од неколку невладини организации. Сега, се надева дека ќе успее да најде работа во Скопје.
„По дипломските студии во САД и магистратурата во Кина, одлучив да се вратам на Балканот. Иако планирав да работам во Србија, во меѓувреме го запознав мојот партнер кој е од Скопје. Се одлучивме засега да живееме тука е бидејќи тој тука живее и работи, а и Скопје ми се допаѓа како град“, вели Стамболиќ.
Патот до работа во Северна Македонија решила да го започне преку Отворен Балкан. Таа е меѓу првите кои решиле да ја искористат можноста за олеснет пристап до пазарот на труд во трите земји кои се дел од оваа иницијатива – Северна Македонија, Србија и Албанија.
Мерката во пракса значи граѓаните да не губат време по институции, како МВР и Агенција за вработување, за да обезбедат дозволи за работа и за престој, туку целиот овој процес да се одвива електронски. На крајот се добива сертификат врз основа на кој може да се бара работа. Целата процедура е предвидено да трае 30 дена.
Оваа мерка стана достапна на 5 март, а кај граѓаните на трите држави, според податоците од македонската Влада, има интерес.
„Досега се издадени вкупно 2 000 сертификати (идентификациски броеви) во сите држави“ велат од Владата за РСЕ.
Иако ја прашавме Владата во Скопје, освен вкупниот број за сите три земји, не дадоа подетален одговор на нашите прашања – колку државјани на Северна Македонија се пријавиле за сертификат во Србија, а колку во Албанија, како и по колку државјани од овие држави аплицирале за сертификат за пристап на македонскиот пазар на труд.
Се уште не се знае профилот на работници, но што недостига?
Со оглед дека поминаа десетина дена од почетокот на мерката и за оние што аплицирале се уште тече рокот за добивање сертификат, надлежните засега немаат податок каков профил на работници од регионот сакаат да најдат работа преку Отворен Балкан.
„После издавањето и на тој сертификат, ќе може да се анализираат профилите на лицата кои аплицирале кај нас, и за нашите граѓани во Србија и Албанија“, велат од Владата.
Според последните податоци од Државниот завод за статистика објавени на почетокот на март, во Северна Македонија во последното тримесечје од 2023 година имало 9.518 слободни работни места. Најмногу од нив – 2.656 се за работници во услужни дејности и продажба. Следни се од групата „техничари и сродни занимања“ се 1.476, а над илјада слободни работни места има и за „ракувачи и составувачи на машини и постројки“ и за „занимања на неиндустриски начин на работа во производството“.
Колку е комплицирана постапката преку Отворен Балкан?
Олесниот пристап до пазарот на трудот преку Отворен Балкан не е само за овие дефицитарни професии туку може да го користат сите што сакат да се вработат во приватниот сектор.
Првиот чекор во целата процедура за државјаните на Северна Македонија, кои би сакале да се вработат во Србија или Албанија е да извадат идентификациски број на порталот на е-услуги. Истото важи и за српски и албански државјани. Секој го вади бројот на порталот на својата матична држава.
Со идентификацискиот број, како што објаснуваат од Владата, потоа се аплицира на порталот за е-услуги во државата каде граѓанинот сака да најде работа за да се добие Сертификат за слободен пристап до пазарот на трудот.
„Сертификатот за слободен пристап до пазарот на труд се издава електронски, преку автоматизиран процес, без водење на било каква постапка преку службени лица во Агенцијата за вработување односно Центрите за вработување“, се посочува во објаснувањето од Агенцијата за вработување.
При апликацијата се пополнува електронско барање и прашалник.
„Процедурата не е воопшто комплицирана, во прашање се со само неколку кликови. Направив профил на порталот за услуги во мојата земја, потоа со сертификат со ИД број од Србија, се логирав на македонската платформа за е-услуги каде што пополнив формулар за моите лични податоци, за тоа што би работела, каде би живеела и слично“, објаснува нашата соговорничка Ана Стамболиќ.
Електронското барање понатаму го презема Министерството за внатрешни работи кое треба да направи безбедносна проверка и да издаде единствен матичен број за странецот. Откако ќе му даде на странецот матичен број, Министерството преку веб-сервисот го доставува до Агенцијата за вработување која врз основа на тоа го издава Сертификатот за слободен пристап на пазарот на трудот.
Оние што аплицирале, ваквиот документ го добиваат електронски на профилот што го имаат на порталот за е-услуги. Целата постапка треба да трае 30 дена.
Сертификатот што го добиваат граѓаните е валиден две години односно тоа е рокот во кој странскиот државјанин има право да најде работа.
„Од моментот на обезбедување пристап на пазарот на труд, во сите следни фази кои подразбираат преговори за работа, вработување и пензиско-здравствено осигурување, правата и обврските на граѓаните и компаниите остануваат неизменети, односно исти како и до сега, во согласност со националните законодавства“, појаснија од Владата кога почна примената на олеснетата мерка за Отворен Балкан.
Која е разликата од досегашната постапката?
Досега, државјани на Србија и Албанија за вработување во Северна Македонија ја минуваа стандардната процедура предвидена со законите за странци и за вработување и работа на странци. Тие предвидуваат пристап до пазарот на трудот за странец откако претходно ќе се добие решение за регулиран престој по основ на работа. Постапка се води пред МВР, а во рамки на неа се обезбедува и мислење од Агенцијата за вработување за состојбата на пазарот на трудот и искористеноста на квотата во која странецот сака да се вработи.
На ваков начин во ИТ индустријата во Скопје се вработил Милош Марковиќ од Белград.
„Мерката е одлична бидејќи ја нема потребата од одење на шалтер и собирање документација. Јас во моментот немам потреба од неа бидејќи веќе сум во работен однос, но пробав да се регистрирам и лесно е да се добие ИД бројот. Но, во случајот со националниот портал за Северна Македонија имав одредени проблеми во дигиталните сервиси, првично не можев да ги закачам електронски сите документи. Но, во секој случај сето тоа е многу полесно од одењето по шалтери и бирократијата“, вели Марковиќ.
Отворен Балкан, како иницијатива, пак, зачетоците ги има во октомври 2019 година кога беа првите активности за негово формирање. Основачи беа Северна Македонија, Србија и Албанија, додека останатите три држави од Западен Балкан – Косово, Црна Гора и Босна и Херцеговина одбија да се приклучат. Иницијативата беше претставена како засилувач на регионалната соработка и поврзаноста кога станува збор за слободното движење на луѓето, капиталот, стоките и услугите. Првите официјални документи за регионална соработка беа потпишани во јули 2021 од страна на Вучиќ, Рама и тогашниот премиер на Северна Македонија, Зоран Заев.
(рсе)