Глобус-Неделен весник

  • Македонија
  • Свет
  • Ревија
  • Архива
  • Контакт
  • Фељтон
  • Колумни

ДВЕ МАРИИ, ТРИ АНИ, ТРИ МАРИИ … КАКО ДЕЛ ОД НАСЛЕДСТВОТО НА СЛАВКО ЈАНЕВСКИ

March 18, 2026 Filed Under: Ревија

Наградата „Роман на годината“ за 2025 ја доби „Три Марии“ на Оливера Ќорвезироска. Во едно претходно интервју авторката призна дека постои некаква асоцијативна врска со делото на Јаневски а  излегува дека од пазувите на овој наш класик излегоа повеќе уметнички дела

ПОВТОРНО ЈАНЕВСКИ Насловната страница на романот на Ќорвезировска е еден вид на репродукција на сликата „Бош“ на писателот кој имаше и ликовни амбиции

„Три Марии“ е трет роман за возрасни на Ќорвезироска, по ’Заклученото тело на Лу’ и ’Аб’т’. Тој е внимателно осмислен омаж на Славко Јаневски, којшто не е класична посвета, ниту римејк на конкретно дело. Авторката поетички сака да се надоврзува на своите претходници, па оттаму доаѓаат и игривото варирање на насловот на романот на Јаневски ’Две Марии’ од 1956 година, и именувањето на еден од машките ликови само со Славко, и присуството токму на тој роман на полиците во станот… Уште една референца и посвета на Славко Јаневски е дизајнот на корицата на книгата, каде што е  употребен детаљ од неговата слика ’Бош“. Ова стоеше во една најава на промоцијата на споменатото дело на Ќорвезировска некаде пред речиси една годинља.

Споменувањето на овој пасус од претставувањето на романот „Три Марии“ на писателката Оливера Ќорвезироска во издание на „Арс либрис“ лежи во фактот дека истиот е добитник на наградата „Роман на годината“ за 2025 година – беше соопштено во петокот каде се објави одлуката на петчленото жири во просториите на Друштвото на писателите на Македонија во Скопје.

Да се потсетиме дека наградата ја доделува Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“ и се состои од плакета, оригинална статуетка и паричен износ од 150.000 денари. Генерален покровител е Комерцијална банка АД Скопје, а таа е поддржана и од Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија.

Во конкуренција за оваа престижна книжевна награда, што се доделува 27. пат, беа 46 романи, а одлуката за нејзиното доделување ја донесе жири-комисијата, во состав: Калина Малеска, писателка и минатогодишна лауреатка, Иван Антоновски, Ивана Трајановска, Иван Шопов и Катерина Богоева, претставничка на Фондацијата „Славко Јаневски“.

– Беа одржани пет состаноци, а во финалето за наградата, освен романот „Три Марии“ на Ќорвезироска, влегоа и романите: „Александар јава на запад“ од Венко Андоновски („Три“), „Необјавен фељтон“ од Владимир Илиевски („Македоника литера“), „Кривата Дијана: (роман за верижната вина)“ од Фросина Пармаковска („Арс либрис“), „Фобос: деконструиран роман“ од Соња Станковска („Или-или“) и „Повратник со две лица“ од Ивица Челиковиќ („Паблишер“). Романот на годината за 2025 година беше избран со тајно гласање и со мнозинство гласови на последниот состанок – информира Малеска, која се обрати пред присутните во име на жири-комисијата.

СЦЕНА Филмот на Бауер „Три Ани“ се смета за македонски бидејќи Вардар фиклм го платил проектот

Во своето образложение членовите на жири-комисијата посочуваат дека „Три Марии“ е мајсторски напишан роман, во кој секој лик е внимателно изграден и секој детаљ има важно место во мозаикот на приказната.

– Во трите приказни, од кои е составен романот, има по една Марија како главен лик, а лајтмотивот што се протега во книгата е топосот на станот во кој се поврзуваат отсечките на животите на протагонистките. Сите три приказни почнуваат со вртоглава брзина, од смртта на Марија Пребирлиева преку потрагата по стан на Марија Зара до драматичниот повторлив сон на Марија Деспотовска-Солев. Потоа преку ретроспектива сите се враќаат назад низ времето за да ја доведат протагонистката до критичниот момент во животот. Централниот интерес во сите три приказни е љубовта – возвратена, невозвратена, нагло прекината, но, во сите случаи љубов што ги надминува општествените норми, кои сепак на крајот надвиснуваат и го оневозможуваат остварувањето на љубовта. Овој конфликт меѓу емотивната сила на протагонистките и традиционалните норми чии носители се другите ликови во нивното опкружување ја гради динамиката на сложените меѓучовечки односи. Ќорвезироска умешно успева да избегне морални осуди, и наспроти тоа, се впушта во пресек на комплексните мотиви на трите Марии, стегите кои тие ги чувствуваат, нивниот страв, чувството на вина, гневот, самодеструктивноста и интензивните емоции. „Трите Марии“ е роман што внесува бескомпромисно искрено претставување на психолошките состојби на главните ликови, кои се соочуваат со вистината и тогаш кога е болно таа да се прифати, избегнувајќи самозалажување или идеализирање, посочуваат тие во своето образложение.

Ќорвезироска е родена во Куманово. Основно и средно образование завршила во родниот град, а Филолошки факултет во Скопје, каде што живее и работи како уредник. Автор е на книгите „Трети кат“ и „Високите бели“ (поезија), „Кифличката Мирна“ и „Мојот брат од тринаесеттиот кат“ (романи за деца); „Дедо Миле“(сликовница), „Отвораат ли сништата работа“, „Еден Текст и една жена“ и „На полпат“(критика и есеистика), „Заклученото тело на Лу“, „Аб’т“ и „Три Марии“ (романи за возрасни), „Страдањата на младиот лектор“, „(С)плетени раскази“, „Две перници“, „(Со)шиени раскази“, „Новелички без шеќер“, „Улиците што ги нема“ и „Престапни години“ (раскази за возрасни).

Годинава, како што беше најавено на денешниот настан, свеченото врачување на наградата за романот „Три Марии“ на Ќорвезироска ќе се одржи во средината на мај.

РУСКИ РУЛЕТ Плакат на филмот „Јазол“ каде Јаневски е сценарист по мотивите од својот роман „Две Марии“

И да се вратиме на романот на Славко Јаневски. Веќе спсоменавме дека тој предизвика низа на други творби како инспирација. Најпрвин доаѓа филмот за кој многу малку се знае – „Три Ани“ на режисерот Бранко Бауер. За овој филм многу малку се знае а и јас не ум го гледал бидејќи кога го преставуваше Кинотека на Македонија физички бев спречен, бев во ЈНА. Тоа е еден од оние чудни ситуации кога вардар фиклм е продуцент на дело во кое нема ниту клинец од земјава! Има и други такви твроби ама не до толку отуѓени од ареалот на Македонија! Бауер е режисер а сценарист е Слободан Глумац а играат Дубравка Гал, Душан Стефановиќ, Бранка Петриќ, Светлана Мишковиќ … Стројата се врти околу еден пензиониран железничар кој дознава дека неговата ќерка Ана не загинала во војната, како штѕо тој знае, туку дека преживеала. Истражувајќи тој доаѓа во допир со дури три девојки кои се викаат Ани и пледираат дека му се ќерки. Истрагата завршува така што тој заклучува дека сепак негоата ќерка загинала. Бауер ќе рече дека е инспириран од делото на Јаневски, филмот не добива некакво признание на Пулскиот фестивал а практиката Вардар филм да стане само кириџија на пари за творби од пошироката тогашна татковина ќе си продолжат, но тоа е друга тема.

Во филмот „Јазол“ (1985) на Кирил Ценевски сценарист е самиот Јаневски а делото говори за деновите на нацистичка окупација на Скопје. Колку што се сеќавам добар дел од филмот е сниман во бочните делови на старата железничка станица како мизансцен за условно железничкиот јазол како во нашиот град како место каде се вкрстуваат многу судбини и глобални интереси. Улогите ги толкуваат Лазар Ристовски, поколната Костадинка Велковска, Петар Арсовски, Ацо Јовановски, Кирил Ристоски, Александар Шехтански низа други. Ова е едно од оние дела кои ќе се допаднат при секое ново среќавање со него. Инспирацијата сценаристот ја црпел од својот роман „Две Марии“.

И така стигнавме до романот на Ќорвезировска кој по една година од издавањето се окити со оваа најзначајна награда во нашата современа проза.

 

 

Filed Under: Ревија

ФАТМИР БИТИЌИ ЗА НОВИОТ ЦЕНОВЕН УДАР И МИНИМАЛНАТА ПЛАТА
ПРАТЕНИЦИТЕ НА СДСМ ЗА МИНИМАЛНАТА ПЛАТА: НАМАЛЕТО ГО ЛУКСУЗОТ И ЌЕ ДОЈДЕМЕ ДО МИНИМАЛНА ПЛАТА ОД 600 ЕВРА
ДВЕ МАРИИ, ТРИ АНИ, ТРИ МАРИИ … КАКО ДЕЛ ОД НАСЛЕДСТВОТО НА СЛАВКО ЈАНЕВСКИ
ННАЈНЕПОПУЛАРНАТА ВОЈНА ВО САД
ЗОШТО ЕПМАТИЈАТА Е СЕЛЕКТИВНА?

Најново

  • ФАТМИР БИТИЌИ ЗА НОВИОТ ЦЕНОВЕН УДАР И МИНИМАЛНАТА ПЛАТА
  • ПРАТЕНИЦИТЕ НА СДСМ ЗА МИНИМАЛНАТА ПЛАТА: НАМАЛЕТО ГО ЛУКСУЗОТ И ЌЕ ДОЈДЕМЕ ДО МИНИМАЛНА ПЛАТА ОД 600 ЕВРА
  • ДВЕ МАРИИ, ТРИ АНИ, ТРИ МАРИИ … КАКО ДЕЛ ОД НАСЛЕДСТВОТО НА СЛАВКО ЈАНЕВСКИ

Импресум

Издавач - Здружение за нови политики и слобода на медиуми "Јавност" - Скопје,

Партизански одреди 23/1/3 Скопје

globus@globusmagazin.com.mk

Барај

Сите права задржани© 2026 · ГЛОБУС · Log in

Developed by Unet