Глобус-Неделен весник

  • Македонија
  • Свет
  • Ревија
  • Архива
  • Контакт
  • Фељтон
  • Колумни

ДВЕ СУГЕСТИВНИ АПСЕЊА

March 24, 2026 Filed Under: Македонија

Иако за тоа нема докази ама некаква екслузива е во два дена да се уапсат носители на важни јавни функции и тоа на првиот ден кога Собранието на РСМ избра нов републички јавен обвинител!

ОБВИНИТЕЛСТВО Пoчетокот на работата на новиот јавен обвинител започна со две спектакуларни апсења

Со слики на извлечен човек од неговиот автомобил, легнат со лицето надолу на асфалтот започнаа неколку тв дневници во четвртокот. Во претресот кај претресениот се пронајдени 50.000 евра наменети за поткуп на лице кај кого се префрлени претходно уште една висока сума од која на обичниот човек му се врти во главата. Веќе следниот ден имаше редукција на сознанијата од акцијата во провладините медиуми (на пример Канал 5 ја исфрли бројката за најдените пари и ја замени со повеќе десеттици илјади евра), дојде соопштение од Социјалистичката партија во одбрана на легнатиот функционер во стилот „зошто само нашите“…

Да појдеме по ред. Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција соопшти дека до Основниот кривичен суд Скопје е побарано определување на мерка притвор за директорот на Државниот инспекторат за земјоделство осомничен за примање поткуп.

Како што се посочува во соопштението од ОЈО ГОКК, како резултат на кратка предистражна постапка и успешно реализирана акција што под координација на јавен обвинител од ОЈО ГОКК ја спроведе Единицата за корупција при Секторот за криминалистички истраги во Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, е донесена Наредба за спроведување на истражна постапка против едно лице. Врз основа на дотогаш обезбедените докази и поднесената кривична пријава на лицето му се става на товар дека сторило кривично дело „Примање поткуп“.

Осомничениот, во период од 5-ти овој месец до 8 март, како службено лице – директор на Државниот инспекторат за земјоделство, директно побарал значителна имотна корист за себе за да „изврши службено дејствие што би морало да го изврши“ вршејќи притисок врз службени лица да не се одобри увоз на стока на правно лице, иако истата многупати претходно била увезувана. Како оправдание на шпедитерот му било истакнато дека стоката што требало да се увезе не е во согласност со законските прописи. Како резултат на притисоците стоката повеќе денови стоела на граничен премин, па откако оштетениот побарал образложение за забраната, осомничениот започнал дејствие на барање на поткуп, објаснуваат од ОЈО ГОКК.

Имено, на 13 март година бил одобрен влез за стоката на друг граничен премин, а осомничениот на средба со шпедитерот и оштетениот увозник директно побарал поткуп за одобрениот увоз и за идните увози, при што побарал првата рата од 50.000 евра да му биде дадена до тој ден, а останатите две рати во деновите што следат. Откако оштетениот ги предал парите на шпедитерот кој требало да биде посредник при исплата на ратите, шпедитерот се сретнал со осомничениот и извршиле примопредавање на паричните средства, по што осомничениот е лишен од слобода од страна на полициски службеници, наведуваат од Обвинителството.

Сознанијата со кои располага Обвинителството и досега обезбедените докази, како што се посочува, укажуваат на околности дека е оправдан предлогот што јавниот обвинител го достави до Основниот кривичен суд Скопје за определување на мерка притвор за осомничениот.

Во некои вести емитувани во петокот се вели дека вредноста на рушветот требала да биде 100 илјади евра.

Откако вчеравечер во полициска акција е уапсен актуелниот директор на Државниот инспекторат за земјоделство, Васе Анакиев, поради сомнение за примање мито, денеска со соопштение излезе неговата матична Социјалистичка партија на Македонија (СПМ), која воедно е и дел од владејачката коалиција.

„Во дел од медиумите се објавени фотографии од чинот на апсење на функционерот на СПМ, Анакиев, за што од партијата сметаат дека одговорните институции треба да дадат издржано објаснување.

НЕ ТРЕБАЛО Социјалистичка партија рагира зошто е објавена оваа слика на нивниот уапсен функционер

Оттаму ги повикуваат надлежните институции да постапуваат според закон, одговорно и без селективност да ги преземаат сите активности во разоткривањето на кој било случај за кој постојат основани сомненија за сторен криминал или злоупотреба на службената должност.

„Почитувањето и примената на законот исклучува селективност или пристрасност и обезбедува праведност“, велат од партијата.

Инаку, Анакиев е потпретседател на Социјалистичката партија на Македонија.

Од СПМ сметаат дека за протекување во јавноста одговорните институции треба да дадат издржано објаснување. Се чини во оваа партија заборавија како во нивниот ТВ Сител беа претсетставување снимнките од апсењето на Љубе Бошковски во кафеаната „Воденица“ во 2011 година, надвор од секако човечко достоинство иако нив ги коментираше со потсмев тогашниот продуцент Латас! Како за потсетување.

„СПМ жестоко реагира на нападнатото партиско етикетирање на актуелни случаи со сериозни обвиненија и тенденциозното објавување фотографии со кои се гази врз човековото достоинство, а за што од одговорните е потребно издржано објаснување“, пишува во реакцијата.

Портпаролот на ВМРО ДПМНЕ кусо реагиеаше во стилот „од било која да е партија, од СДС…“, демек нема да има селекција ама социјал-демократите ги спомена први, иако логиката е прва да биде секако онаа партија која може да има најдиретно влијание врз третата власт, особено од четвртокот!

Анакиев е именуван на таа фунција во јули 2024 година, веднаш на стартот на работата на оваа влада во која – одново – министер за земјоделие е Цветан Трипуновски од Социјалистичката партија!

Индикативно е дека за кусо време се уапсени двајца функционери од ова Министерство! За кратко време се деградирани две значајни државни институции за македонското земјоделство – Агенцијата за поддршка на земјоделскиот развој и Државниот инспекторат за земјоделство, откако и двата директори беа уапсени за примање мито.

Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција во ноември лани отвори истрага против директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и рурален развој, Илија Стоилев и протов четири други лица, за поткуп и за давање и примање награда за противзаконско влијание и побара судот на сите петмина да им определи притвор.

Стоилев бил пријавен од апликант на кому му побарал мито за да му додели договор за финансиска поддршка преку програмата ИПАРД, по што апликантот, инаку познат поранешен функционер, го пријавил во полиција.

Иронично, само пред неколку месеци, Стоилев и Анакиев потпишаа договор за засилена соработка меѓу институциите со цел поголема транспарентност и контрола во распределбата на средствата за земјоделците.

Надлежните органи најавуваат продолжување на истрагата.

ФАХРИ СТАФА Нема свршување на работа под 50 илјади евра

Истовремено е уапсен и поранешниот државен правобранител Фехми Стафа, потврдуваат извори од истрагата за „360 степени“. Случајот го води Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, а МВР потврдува за апсење на лице со иницијали Ф.С. Фехми Стафа ја извршуваше функцијата државен првобранител од август во 2018 година до 23 август 2022 година кога беше разрешен.

Државниот правобранител го назначува Владата, а институцијата со која раководи е задолжена да ги штити имотните и други права и интереси на државата.

Во јуни 2022 година, „360 степени“ објави случај за четири семејства од Скопје кои 15 години се по судови поради незаконски спроведена денационализација, каде се појавува и Државното правобранителство на чие чело беше Стафа. Од Министерството за внатрешни работи (МВР) без повеќе детали само велат дека е уапсено лице Ф. С., а за во иднина најавуваат повеќе информации околу причините за неговото лишење од слобода.

Неколку медиуми пишуваат дека Стафа е осомничен за поткуп од неколку десетици илјади евра. Фехми Стафа, кој во последниот период работеше како адвокат, е меѓу пријавените на последниот јавен оглас на Собранието за член на Судскиот совет.

Според обвинителниот акт, обвинетиот во периодот од октомври до 13 декември 2025 година, со намера да прибави противправна имотна корист, примил вкупен износ од 50.000 евра за да посредува и да го искористи своето реално влијание со цел да интервенира кај судија во Апелациониот суд Скопје и преку давање поткуп да влијае за да се изврши службено дејствие што не би смеело да се изврши”, соопштуваат од ОЈОГОКК и бараат од судот продолжување на мерката притвор.
Со истрагата за Стафа која се отвори за митото во скопска Апелација, почна и предистрагата за судијата Ѓоко Ристов во чиј дом од родителите се пронајдоа соѕидани илјадници евра за кои се сомничи дека се земено мито.

Стафа му беше адвокат на осомничениот во случајот „Синџир“, Љупчо Пецов-Ѓаволот, кој пак е лицето за кое поранешниот државен правобранител Фехми Стафа, во својство на адвокат, требало да издејствува укинување на мерката притвор кај апелациониот судија. Ристов додека трае истрагата е отстранет од работното место и се наоѓа во домашен притвор.

Како и да е интересни настани поврзани календарски со стртот на рботата на републичкиот јавен обвинител.

Filed Under: Македонија

ЈОВАНОВИЌ: МЕРКИТЕ НА ВЛАДАТА СЕ ИМПОТЕНТНИ
КАНФИЛОВА ПАНОВСКА: ВЛАСТА САКА ДА ГО РАЗНЕБИТИ СДСМ
САД: ОСТАВКА ШТО ГО РАЗГОРЕ НЕЗАДОВОЛСТВОТО ПОРАДИ ВОЈНАТА СО ИРАН
ХOЛАНЃАНКАТА АНЕКЕ БРАСИНГА Е ГОДИНЕШЕН ДОБИТНИК НА „ЗЛАТНИОТ ВЕНЕЦ“
ВОЗДУШНИОТ КОРИДОР ЗА ДОСТАВА НА МУНИЦИЈА ФУНКЦИОНИРАШЕ ВО ВРЕМЕТО НА ЗАБРАНАТА ЗА ИЗВОЗ

Најново

  • ЈОВАНОВИЌ: МЕРКИТЕ НА ВЛАДАТА СЕ ИМПОТЕНТНИ
  • КАНФИЛОВА ПАНОВСКА: ВЛАСТА САКА ДА ГО РАЗНЕБИТИ СДСМ
  • САД: ОСТАВКА ШТО ГО РАЗГОРЕ НЕЗАДОВОЛСТВОТО ПОРАДИ ВОЈНАТА СО ИРАН

Импресум

Издавач - Здружение за нови политики и слобода на медиуми "Јавност" - Скопје,

Партизански одреди 23/1/3 Скопје

globus@globusmagazin.com.mk

Барај

Сите права задржани© 2026 · ГЛОБУС · Log in

Developed by Unet