Успешно испратен нов екипаж на Меѓународната вселенска станица. Во меѓувреме НАСА лансираше поторбитална ракета за повеќекратна употреба без екипаж
Тројца астронаути беа успешно лансирани на Меѓународната вселенска станица, за прв пат со користење на нов маневар со кој се стигнува до неа за само три часа.
Кејт Рубинс од НАСА, заедно со Сергеј Рижиков и Сергеј Куд-Шверчков од руската вселенска агенција Роскосмос полетаа според планираното во средата наутро од Бајконур во Казахстан, космодром кој го користи руската агенција.
Нивната мисија ќе трае шест месеци.
За прв пат беше искористен маневар со две орбитирања кој трае три часа. Претходно беше потребно двојно повеќе време за да се стигне до Меѓународната вселенска станица.
Тие ќе му се придружат на командатот на станицата Крис Касиди од НАСА и на космонаутите Анатолиј Иваншин и Иван Вагнер од Роскосмос кои се таму од април и кои треба да се вратат на Земјата за една недела.
На прес конференцијата пред лансирањето во Бајконур Рубинс нагласи дека екипажот минал недели во карантин во Sвездениот град, место за обука во близина на Москва, а потоа и во Бајконур за да се избегне евентуална закана од корона вирусот.
„Минавме две недели во Sвездениот град и потоа 17 дена во Бајконур во многу строг карантин“ рече Рубинс. „За време на комуникацијата со вработените носевме маски. Направивме два ПЦР тестови и три пати бевме тестирани со брзи тестови за антигени“ додаде таа.
Таа рече дека со нетрпение ги очекува научните експерименти кои се планирани за оваа мисија.
„Планираме да направиме многу интересни работи како биолошко печатење на ткива и делба на клетки во вселената и секако ќе продолжиме со работата за секвенционирање на ДНК’ рече Рубинс.
Комерцијалната компанија за вселенски летови Blue Origin во партнерство со НАСА лансираше поторбитална ракета за повеќекратна употреба без екипаж која потоа слета на истото место од каде и полета, во западен Тексас.
12 минутниот лет, на 100 километри од работ на вселената и назад, беше тест повеќе технологии меѓу кои и два сензорски системи на НАСА за прецизно спуштање и слетување кои би можеле да бидат користени при идни слетувања на Месечината и на Марс и кои имаат способност интелигентно да идентификуваат и да избегнат потенцијални опасности во зоните на слетување.
Лансирањето вклучуваше и капсула за шестчлен екипаж на Blue Origin која е дизајнирана за идни комерцијални патници која, според компанијата, има најголеми прозорци направени до сега на кое било вселенско летало. Кога стигна во вселената, капсулата се оддели од ракетата со која беше лансирана.
Ракетата за повеќекратна употреба која е наречена Њу Шепард, според првиот американски астронаут во вселената Алан Шепард, се врати на местото за полетување и слетување во западен Тексас при контролирано спуштање потпомогнато од мотори.
Капсулата слета кратко по отворањето на три падобрани кои помогнаа во процесот.
Капсулата содржеше низа експерименти и друг товар вклучувајќи и разгледници испратени од децата низ целата земја.
Blue Origin е во сопственост на американскиот инвеститор и претприемач Џеф Безос, главниот извршен директор на Амазон.