Професорот Армаколас од Грција беше најцитиран од настанот. Тој пак вели дека политичките случувања во Македонија и Грција се исти, односно кога станува збор за името и преговорите, власта се труди да дојде до решение, а опозицијата во двете земји се обидува да добие политички поени со тоа што се противат на патеката по која се развива процесот.
Јавна дебата посветена на спорот меѓу Македонија и Грција околу името насловена „Каде е јазот: името ли е или непознавањето едни со други?“ се одржa минтата недела во Скопје.
Дебатата е во организација на Фондацијата Фридрих Еберт – канцеларија Скопје и Евротинк – Центар за европски стратегии, а целта е да се отвори темата за соработката, односно комуникација меѓу Македонија и Грција надвор од официјалните канали на институциите на двете држави.
Колку знаеме едни за други?, Дали ксенофобичните изјави на поединци може да влијаат на перцепциите на генералната јавност во двете земји и како да се корегира тоа? Дали „новонастанатата“ историја, налик на проекти како „Скопје 2014“ е трајна и колку таквите наметнати ставови влијаат врз обидите за наоѓање заедничко решение во спорот за името прифатливо за двете страни? се темите на кои ќе се разговара на дебатата.
На дебата се обратија Јанис Армаколас од ЕЛИАМЕП, Грција, Ева Елерат од Фондацијата Фридрих Еберт, универзитетскиот професор Ана Чупеска и Љупчо Петковски од Евротинк – Ценрар за европски стратегии.
Стравот од крадење на историјата е главната причина поради која грчкиот народ остро се противи на употреба на терминот Македонија во новото име. Ова беше најчесто цитирана реченица од овој собир а е наводно став на грчкото општество што го пренесе професорот Јанис Армаколас од универзитетот „Македонија“ во Солун. Тој вели дека огромната кампања во 90-те години од минатиот век го „задоила“ грчкото општество дека северниот сосед им ја краде славната грчка историја и има територијални претензии. Армаколас вели дека секогаш кога ќе се актуелизира прашањето за името, буди силни патриотски чувства кај народот во Грција.
„Јавното мислење и понатаму ќе претставува проблем. Секогаш кога ќе се појави прашањето со името и тоа секогаш е дел од рационалните пресметки на политичките партии, особено, имајќи ги предвид демонстрациите и повторната мобилизација на јавноста уште еднаш ги потсети политичарите колку е тоа важен фактор кој мора да се земе предвид“, продолжи Јанис Армаколос од солунскиот „Универзитет Македонија“.
Посетата на грчкиот професор на Скопје се совпадна со веќе остварената средба меѓу шефовите на дипломатиите на Македонија и Грција, Димитров и Коѕијас, на маргините на квадрилатералниот состанок во Солун. Од средбата, да потсетиме, се виде дека многу е намален просторот за водење преговори. Армаколас пак вели дека политичките случувања во Македонија и Грција се исти, односно кога станува збор за името и преговорите, власта се труди да дојде до решение, а опозицијата во двете земји се обидува да добие политички поени со тоа што се противат на патеката по која се развива процесот.
„Двете страни, односно власта од една и опозицијата од друга страна ќе направат се за да постигнат политички поени, дали тоа станува збор за да се минира и сруши владата или да се остане што е можно повеќе на власт. На тој начин можете да разберете зошто „Нова Демократија“ е поттикната да се игра со идејата, и ќе ја користи можноста да ја минира Владата“, вели Армаколас.
Според дел од познавачите на односите, можеби е добра идејата дел од македонските интелектуалци да испратат отворено писмо до грчката јавност и преку него да ги презентираат ставовите кои веруваат дека ќе сменат дел од цврстите ставови на грчката јавност.
„Зошто Грците да не разберат преку наше отворено писмо, какви се позициите на мнозинството на македонските интелектуалци и граѓани. Дека ние не сме налудничави националисти кои земале да ја крадат историјата туку едноставно делиме многу работи“, рече Љупчо Петковски од Евротинк.
Кога станува збор за процесот на преговори, иако сè уште не е потврдено, сепак се очекува утре Димитров и Коѕијас да имаат средба на која би биле презентирани најновите детали за ставовите на земјите. Последната средба во рамки на преговарачкиот процес шефовите на дипломатиите ја имаа со медијаторот Нимиц на 25 април во Виена.
Спорот меѓу Македонија и Грција не се состои само во името, станува збор за повеќеслојно прашање, кое во себе освен политичко-дипломатскиот контекст, содржи културни, идентитетски и емоционални елементи.
Поради тоа освен на ниво на политички елити мора да се решава и на ниво на цивилно општество, односно да се прават обиди за освестување на граѓаните во двете земји за важноста од надминување на спорот, заклучија учесниците на јавната дебата на тема „Каде е јазот: Името ли е или непознавањето едни со други?“, што се одржа денеска во Скопје во организација на Фондацијата Фридрих Еберт – канцеларија Скопје и Евротинк – Центар за европски стратегии
– Прашањето за името не е само името, тоа е еден цел спектар прашања, а изминатите 25 години само се додаваат дополнителни проблеми. Прашањето расте и се зголемува во однос на присуството на емотивниот набој што го содржи во себе, изјави грчкиот професор и претставник на тинк-тенкот ЕЛИАМЕП, Јанис Армаколас.
Појасни дека ова не е само дипломатско-политички спор, туку прашање, кое во себе содржи идентитетски, културни и емоционални елементи.
– Овие две насоки одат паралелно една со друга, се надополнуваат. доколку не би постоеле тие идентитетски и културолошки елементи можеби политичките елити ќе најдат начин да го решат прашањето, но многу често политичарите ги одржуваат тие елементи, користејќи ги за да ја задржат власта, додаде грчкиот гостин на дебатата.
Нагласи дека работата на политичарите е да им објаснат на граѓаните како да ги надминат стереотипите и перцепциите, но додаде дека прашањето не може да се решава само на ниво на елити, мора да се вклучи целото општество.
Армаколас, кој рече дека не е голем оптимист оти во поставениот рок ќе се најде решение за името, напомена дека во целиот процес предвид треба да се имаат и различните нивоа на кои се наоѓаат двете влади. Македонската е на почетокот на мандатот, додека грчката е во заминување.
Го потенцира и прашањето за довербата. „Не станува збор само за решавање на проблемот и наоѓање на вистинската формула, туку и да се даде гаранција дека тој недостиг на доверба нема да го уништи евентуалното решение, додаде Армаколас.
Нагласи дека во Грција по обновување на преговорите на виделина излегол и емотивниот отпор и додаде дека грчката јавност треба да биде разубедена во тоа дека „вашата земја сака да преземе дел од нашата историја од античкиот период“. Според него, јавното мислење секогаш ќе прави проблем кога ќе се отвори ова прашање и додаде дека за Грција е мошне важен консензусот со опозицијата со цел да се сведе на минимум користењето на јавното мислење во нивните политички агенди.
Смета дека временската рамка до ова лето е прекуса за да се најде решение, а не верува дека земјава ќе добие покана за влез во НАТО и датум за почеток на преговорите од Советот на ЕУ без решение за името.
Љупчо Петковски од Евротинк напомена дека проблемот со името е повеќеслоен и додаде дека сите тие слоеви изминатите години наместо да се тргаат еден по еден, од претходните структурти на власта само се зголемувале и се додавале нови.
– Различни се амбиентите во двете земји, Македонија е во фаза на постшарена револуција, додека Грција е пострауматска фаза по излегувањето од кризата, рече тој и додаде дека е оптимист во однос на можноста спорот, конечно да се реши. Посочи дека прв пат по долго време, имаме две влади, кои се рационални, кои имаат волја за решение, кои знаат дека тоа е позитивно за двете општества. Сепак, емоционално набиените прашања не може да се решаваат само со рационални средства на ниво на политички елити. Затоа е важно општествата да си приоѓаат едни на други, да се запознаваат повеќе, да ги урнеме стереотипите, рече Петковски.