Процентот на странски студенти на Универзитетот во Бристол е 17,3% , на Универзитетот во Данди е 22%, што значи мнозинството се домашни студенти. Доника Клења, 22-годишна студентка од Дебар, е најдобар студент на Универзитетот во Бристол, Англија, од областа на клеточна и молекуларна медицина, а пред еден месец ги започнала докторските студии во Данди
За тоа како се стекнува титулата најдобар студент, за мотивацијата, студиите и наградите, во интервјуто за Факултети.мк младата Клења вели: Во текот на првата година имав највисока просечна оценка во рамките на клеточна и молекуларна медицина и ми беше доделена наградата Ede and Ravenscroft. Истата година бев најдобра студентка на факултетот за животни науки, со што ја заслужив наградата Alumni Academic Achievement Award. Во втора година ја добив првата награда и во клеточна и молекуларна медицина, како и првата награда на факултетот – Mark and Dare и Faculty Undergraduate Prize. Меѓутоа, во трета година, кога почнaвме да специјализираме во различни области, наградите беа дoделувани врз основа на највисокиот просек во областа на специјализација, така што ја добив наградата Lucy Brown како најдобар студент на додипломски студии во последната година бидејќи се занимавам со студии за малигни заболувања.
Кога се роди твојата љубов кон медицината?
– Медицината е многу широка област и на различни луѓе им се допаѓаат различни гранки. Во Македонија имаме студии за општа медицина, но немаме специјализиранa програма која овозможува медицинско истражување на клеточно и молекуларно ниво. На 11-годишна возраст ја изгубив мојата сакана баба од карцином на панкреас, еден од најсмртоносните видови карциноми. Со оглед на тоа колку бев блискa со неа, овој настан ми откри колку е важна медицината и станав љубопитна за етиологијата на карциномот. Растев со силна желба да го следам ова поле и еден ден да придонесам во потрагата по лек за болеста за која бев учена дека е неизлечлива.
Добив силна амбиција да го продолжам моето високо образование во оваа област во странство. Велика Британија беше мојот сон поради тоа што има глобална истражувачка извонредност и традиција во медицинските науки, а секако и поради кариерните можности што ги нуди, особено во науката и во здравството.
Кои се предностите на студирањето во странство и придобивките од студирањето на престижниот Универзитет на Бристол?
– Студирањето во странство не е само за стекнување можности, како престижна диплома и квалитетно образование, туку е и шанса да се надминат личните граници и со тоа да се постигне повеќе отколку што и самите очекуваме. Тука талентот секогаш се вреднува, а истовремено учиш како да живееш самостоен живот и да бидеш сам свој херој. Животот во странство те збогатува и така што те изложува на различни култури и луѓе од цел свет. Почнуваш да го гледаш светот со нови очи, ги прошируваш хоризонтите и ги рушиш границите околу себе.
Дипломата од Универзитетот во Бристол e како златен печат за моето сиви кога станува збор за аплицирање за работа. Има повеќе причини, од кои едната е самиот престиж на Универзитетот, но за да се стане успешна фигура во областа на медицината/медицинското истражување, потребна е и добра обука, а тоа е нешто што го обезбедуваат престижните универзитети.
Градот е многу посебен и му се восхитуваат сите во Обединетото Кралство. Добро е познат и по тоа што обезбедува одличен студентски живот.
Каков е односот на професорите кон студентите и на кој начин се одвива наставата?
– Генерално, исклучително сум задоволна од сета поддршка на менторите и од начинот на кој се изведува наставата. Само затоа што е престижен универзитетот не значи дека нема области за подобрувањe. Во секој случај, универзитетот е многу отворен за критики и предлози и често ги бара од студентите, што мислам дека е нешто што треба да биде пример за факултетите во Македонија.
Спомена дека професорите го препознаваат талентот кај студентите, но дали се залагаат за нивните понатамошни успеси?
– Дефинитивно да! Сите професори се многу посветени на својата работа и не само што ги препознаваат талентот и потенцијалот кај студентите, туку даваат и многу мудри совети за тоа како некој може да има корист од одреден талент и соодветно да ја насочи својата кариера. Секој студент на универзитетите во Обединетото Кралство има личен тутор, кој дава совети поврзани за какви било академски или кариерни проблеми. Иако добив место на Универзитетот во Оксфорд за магистерски студии за истражување на леукемијатa кај лица со Даунов синдром, токму мојот личен тутор инсистираше и ме охрабри да аплицирам директно за докторски студии, што беше одлична одлука.
Дали си учествувала на натпревари или планираш во иднина?
– Да, имам учествувано на државни и меѓународни натпревари во текот на целото мое образование во Македонија. Од нив би ги споменала натпреварите по математика, каде што ја добив 2. награда на републичкиот натпревар, како и златните медали што ги добив во Кенија, Африка и во Холандија за откривање на охридските алги како добар кандидат за извор на биодизел.
Во моментот не сум вклучена во такви активности кои би можеле да се дефинираат како натпревари, но можам да кажам дека полето во кое моментално сум е доволно конкурентнo, па сѐ што правам е дел од едно глобално натпреварување.
Кои се твоите цели по студирањето и како би ги мотивирала младите и идни студенти да ги остварат своите стремежи и амбиции?
– Тешко е да се предвиди иднината, но можам да кажам дека се стремам да станам независна жена која работи во компетитивно поле на медицинско истражување за малигните заболувања и се стремам да изградам медицинска научна кариера и во клинички и во академски средини. Се надевам, каде и да бидам, дека ќе придонесам и кон науката и медицината и во Македонија.
Врз основа на сите предизвици низ кои сум поминалa досега, сфатив дека среќен е оној што знае како да ги конструира своите соништа и има храброст и страст да ги следи. Секоја успешна приказна започнyва со сон. Затоа, најдобрата порака што би им ја далa на младите е прво да се осмелат да сонуваат, да го најдат патот дотаму и храбро да чекорат!
Би издвоила една изрека од Сократ: „Scito te ipsum“ што значи „запознавај се себеси“; cите сме различни, со свој оригинален идентитет и многу потенцијал да правиме чуда, да го направиме светот подобар и затоа oригиналноста, автентичноста и искреноста со себе се неизмерно важни вредности.
(fakulteti.mk)