Стопанска комора: малите хидроелектрани на Маркова Река воопшто не се дел од ГОИЕ. Надлежните порганио да стапат на сцена
Групацијата за обновливи извори на енергија (ГОИЕ) при Стопанската комора информира дека трите хидроелектрани на Маркова Река воопшто не се дел од Групацијата, во реакција на објавите на здружението Еко-свест, во врска со затрупувањето на Маркова Река како последица од градежните активности за трите мали хидроелектрани што се градат во погорниот тек на оваа река, и бара надлежните институции да го истражат случајот во целост
„Групацијата за обновливи извори на енергија најстрого ја осудува секоја злоупотреба на животната средина и нарушувањето на биодиверзитетот во и околу реките и како Групација се залагаме за одржливо искористување на ресурсите, за реализација на проекти за заштита на животната средина и за свет без емисија на јаглероден диоксид и метан,“ – велат од Групацијатa
Малите хидроелектрани, додаваат, ги користат природните водни ресурси, произведуваат чиста енергија без аерозагадување и имаат минимално влијание на природната околина само при градбата.
„Ние како Групација при Комората ги почитуваме одговорните градежни практики и работиме целосно согласно Законот и домашните регулативи, но го следиме и строгото европско и светско законодавство за заштита на животната средина со цел да се обезбеди нивна одржливост. Како Групација, неприкосновено се залагаме за доследно почитување на законите и регулативите, како и за нивно унапредување, но и понатаму продолжуваме да бидеме партнер на државата. Оттука, бараме надлежните институции да го истражат случајот во целост, со цел јавноста да не се доведува во заблуда и да ги препознае напорите на ГОИЕ за унапредување на животната средина, како и за вложување во проекти за општествена одговорност, за доброто на државата и за иднината на нашите деца, за свет без емисија на јаглероден диоксид и на мет“, порачуваат од Групацијата.
Нагласуваат дека остануваат отворени за поддршка и секаков дијалог со институциите за имплементација и креирање на политиките во областа на енергетиката и заштита на речните корита, како и за соработка со невладиниот сектор за пресретнување на потенцијалните проблеми и заедничко поттикнување активности и проекти за заштита и унапредување на животната средина.
Инаку екологистите деновиве посочуваат дека Маркова е целосно затрупана со камења, карпи и земја како последица од градежните активности за трите мали хидроелектрани што се градат во погорниот тек на оваа река. Посебно се гласни од Здружението Еко-свест. Тие се разочарани од она што го воочиле на терен откако алармирало локалното население. Со фотографиите кои ги испратија до медиумите укажуваат дека цели сегменти од реката се затрупани со материјал од градежните активности, при што е оневозможено нормално течење на реката и е уништен целиот екосистем.
Од Еко-свест потсетуваат на членот 44 од Законот за води кој гласи: „носителот на дозволата не ја врши дејноста согласно со условите утврдени со дозволата, односно врши битна и континуирана повреда на условите за вршење на дејноста од јавен интерес утврдени во дозволата“, и надлежниот орган треба да постапи. Посочуваат дека според член 49 од истиот закон, треба да се одземе водното право на концесионерот во случај кога е загрозено здравјето на луѓето и природната рамнотежа на водните екосистеми и екосистемите зависни од вода“.
„Живиот свет во и околу реката е загрозен, видливи беа мртви речни ракови кои едноставно останале заглавени во странични вирчиња оставени да пресушат. Штетата која е направена не може да се надомести, станува збор за страшно уништување на природата и комплетно игнорирање на секој постоечки закон и правило. Повеќе години водиме борба со институциите да запре ваквата уништувачка изградба на мали хидроелектрани особено во подрачја богати со ретки, загрозени и ендемски видови. И покрај ветувањата од институциите сепак се дозволува вистинска еколошка катастрофа“, вели Ана Чоловиќ Лешоска од Еко-свест.
Ова според Здружението е особено сериозно, бидејќи се случува во моменти кога земјата е соочена со продолжена суша и пожари. „Бараме од министерството за животна средина веднаш да започне постапка за раскинување на издадената концесија за хидроелектраните Маркова река 143, 144 и 145 на концесионерот Индиго Хидро Македонија – Скопје по основ на грубо прекршување на сите законски одредби за заштита на животната средина и за добра градежна пракса. Исто така бараме да се задолжи концесионерот да ја поправи состојбата на Маркова Река до степен до кој тоа е возможно. На долг рок, бараме од Владата да ги заштити своите граѓани и нивните извори на вода и ова да биде висок приоритет. Потребна е итна реакција поради моменталната состојба со продолжениот топлотен бран и ризикот по човековото здравје и животната средина“, се вели во реакцијата на Еко-свест.