Руско-украинската војна не може да го „разболи“ денарот
Воената агресија на Русија врз Украина, веќе е сосема извесно, дека дефинитивно ќе ги зголеми цените на сите производи, почнувајќи од енергенсите, па до сите основни животни намирници. Експертите велат дека колку повеќе или помалку ќе потраат воените дејствија, толку поголеми или помаали ќе бидат последиците врз економијата.
Сепак, од Владата тврдат дека не се очекуваат големи поскапувања кај храната, како и дека земјава има доволни резерви од храна и од нафта.
„Нема да има притисок врз цените на основните прехранбени производи, земјата има задоволително ниво на залихи на прехранбени производи и нафтени деривати во стоковите резерви. Нема место за паника кај граѓаните, не се очекуваат ценовни шокови“, изјави вчера министерот за економија Крешник Бектеши, во врска со Одлуката за замрзнување на маржите на основните прехранбени производи која стапи на сила од вчера, први март.
Во секој случај, она прашање што многумина ги мачи во вакви премногу сериозни гео-политички околности, е дали е стабилен девизниот курс на домашната валута на земјава, и дали нема опасност од промена на неговата вредност, или, пак, од евентуална промена на начинот на неговото утврдување.
Таа дилема особено ги загрижува граѓаните кои имаат влогови во денари во нашите банки, и кои повеќе пати досега се изложени на шпекулации за евентуална промена на курсот, а особено кога има било какви здравствени, економски или политички кризи.
Но, од Народна банка повторно ја демантираат најдецидно таа шпекулација, со став дека нашите девизни резерви, кои се бедем на заштита на девизниот курс, се на високо ниво, поголемо дури и од пред да почне пандемијата.
„Курсот на денарот е стабилен, девизните резерви се на исклучително солидно ниво и имаме капацитет и простор да ја одржуваме стабилноста на девизниот курс“, изјави за медиумите вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска.
Таа нагласи дека со оглед на режимот на девизен курс што го имаме, она што е за нас клучно е девизниот пазар и девизните резерви.
„Досега сите промени кај девизните резерви, во целост се конзистентни со нашите очекувања. Нивото е високо, некаде околу 3,4 милијарди евра, и да нагласам дека ова ниво е повисоко и во однос на нивото коешто го имавме на самиот почеток на пандемијата. Всушност, по сите параметри на резервите што ги следиме, тие се адекватни и се, де факто, огледало на нашиот капацитет да ја одржуваме стабилноста на курсот“, објасни Митреска.
Според неа, и во извештајот за нашата економија Меѓународниот монетарен фонд, јасно и експлицитно се кажува дека курсот е целосно конзистентен, не само со економските параметри, туку и со политиките коишто ги водиме и оттаму нема апсолутно никаква потреба од промена на неговото ниво.
Фактор на оваа тема разговараше и со универзитетскиот професор Марјан Петрески, кој е и член на советот на НБМ. Тој е дециден дека курсот е стабилен и дека кај граѓаните не треба да постои никаква загриженост во тој поглед.
„Денарот е стабилен, не треба да постои никаква загриженост во тој поглед. Гарант за стабилноста на денарот се девизните резерви кои изнесуваат околу 3,4 милјарди евра, односно околу 30 отсто од БДП, што е особено висок износ. Освен девизните резерви, Народната банка има и редица други инструменти на располагање за да одговори на било какви поместувања на девизниот пазар. Да потсетам дека ваквата дискусија ја водиме при секоја криза од внатрешен или надворешен карактер, и тоа искуство докажува дека денарот останува стабилен и во кризни времиња. Позитивен момент во целокупните моментални околности, кој е важен и за стабилноста на денарот, е што во нашиот финансиски систем немаме никаква изложеност на руски и украински капитал во банкарскиот систем“, вели за Фактор професорот Марјан Петрески.
Според дефиницијата на НБМ, девизните резерви се средства коишто ѝ се веднаш расположливи на монетарната власт и се контролирани од монетарната власт, а служат за финансирање на платниот биланс преку интервенција на девизниот пазар со цел да се влијае врз девизниот курс или за други цели. Останатите девизни средства се составени од девизните средства на централната банка коишто не ги исполнуваат основните критериуми за нивно вклучување во девизните резерви.
Според последните податоци на НБМ, на крајот на јануари годинава, официјалните девизни резерви изнесуваат 3,465 милијарди евра. Најголем дел од девизните резерви се пласирани во хартии од вредност, и тоа 69,8 отсто, по што следуваат валутите и депозитите, со 19,8 проценти, како и монетарното злато, со 10,3 отсто.
Неодамна универзитетскиот професор Ванчо Узунов, за Фактор изјави дека поради војната во Украина, се поглсни ќе станат барањата од многу субјекти, и тоа главно од компании кои се извозно ороиентирани, монетарната власт да го промени курсот на денарот.
„Клучно за Владата сега е да се настојува колку што е можно повеќе да се одржи макрофинансиската стабилност, односно да не се дозволи во земјава да дојде до превисока инфлација и, не дај може да се помислува за промена на девизниот курс. Точно дека тоа е обврска на Народната банка, но тоа да се утврди заеднички во пакет со Министерството за финансии. Ова го кажувам од причина што очекувам дека во наредниот период сигурно ќе се зголемат барањата и повиците до Владата за девалвација, особено од некои компнии“, вели Узунов и додава дека доколку годинава успееме да ја завршиме со едноцифрена стапка на инфлација, би требало да кажеме дека добро сме поминале.
Според него, Владата нема тука што многу да направи за да им помага на фирмите или на граѓаните за пребродување на тој ценовен удар.
(Н.Н.Ф.)