Филмот на сестрите Митевски влезе во официјалната конкуренција на Берлинскиот филмски фестивал е целосно во согласност со осната концепција на овогодишната смотра – половата еднаквост
ЕКИПА НА ГЛОБУС
Македонскиот филм „Господ постои, нејзиното име е Петрунија“ на Теона Стругар Митевска, што е во официјалната конкуренција на Берлинскиот филмски фестивал, во неделата во 9 часот беше прикажан пред новинарите и филмската критика. Проекцијата беше проследена со аплауз, а прес-конференцијата предизвика голем интерес кај новинарите, јави МИА од Берлин.
На бројните прашања на прес конференцијата потоа одговараа режисерката Стругар Митевска, продуцентката и актерка Лабина Митевска, актерката Зорица Нушева и сценаристката Елма Татарагиќ.
Оваа приказна е снимена по веродостоен настан што се случил во Штип, кога жена скокнала по крстот за Водици во река, предизвика лавина од прашања за позицијата на жената во малите средини и воопшто за севкупниот менталитет на малите средини.
– Овој вистински настан беше за мене голема провокација да го сработам на филм. Тука приказната е повеќеслојна и отвора многу прашања за македонското општество. Ликот на Петрунија е сложен и оваа хероина со нејзиниот пркос се обидува да ја смени свеста и погледот на нештата заробени во традиционалните рамки, рече Стругар Митевска на прес-конференцијата.
За актерка Зорица Нушева, која првпат се појавува на големото платно, било лесно да се игра Петрунија бидејќи таа препознала многу сличности во карактерот.
– Голем предизвик беше да се одигра Петрунија. Таа е олицетворение на храбра жена која се обидува да ја смени својата позицијата во односот на семејството и институциите, рече Нушева.
„Господ постои, нејзиното име е Петрунија“ ќе има на Берлинскиот филмски фестивал се предвидени осум проекции. Сценариото е на Стругар Митевска и Елма Татарагиќ, а во улогите покрај Нушева играат и Мони Дамевски, Суад Беговски, Стефан Вусиќ, Џевдет Јашари, Виолета Шапковска, Лабина Митевска. Директор на фотографија е Вирџини Сент-Мартен, а сценографијата е на Вук Митевски. Филмот од македонска страна е поддржан од Агенцијата за филм, а во копродукција се Словенија, Хрватска и Белгија. Филмот доби поддршка од повеќе европски фондови меѓу кои „Еуроимаж“ и програмата на Кретивна Европа МЕДИА.
Филмот на Теона Стругар Митевска, „Господ постои, името и е Петрунија“ беше оценуван од жирито на Screen Media во Берлин, при што доби одлични првични резултати.
Нашиот претставник моментално се наоѓа на врвот на листата на жирито, заедно со Öndög на Ванг Куанан, со просечна оцена од 2,8, иако „Господ постои, името ѝ е Петрунија“ го очекуваат уште два резултати, со што веројатно e дека ќе се искачи на самиот врв.
Screen Media за сите престижни фестивали, од рангот на Берлин, Венеција и Кан, повикува 7 најдобри новинари-филмски критичари од целиот свет кои заедно со уште еден филмски критичар од Screen International ги оценуваат филмовите на скала од 0 (многу лошо) до 4 (одлично). Годинешната жири комисија е сочинета од реномирани новинари од филмската фела од престижните медиуми Dagens Nuheter – Шведска, Frankfurter Allgemeine – Германија, Film Art – Русија, Die Zeit -Германија, The Paper – Кина, The Morning Star – Велика Британија, Segnocinema – Италија и еден филмски критичар од самиот Screen International.
Реалниот настан кој се случил а кој е мотив во филмот инаку е од 19 јануари 2014 година. Тогаш за прв пат девојката го фати крстот во Ново Село во Штип. Но, настанот помина со недоразбирање, бидејќи, само што го фати крстот, истиот ѝ беше одземен од друго момче, што беше причина да реагираат и свештените лица. За среќа, тогаш преовлада разумот, па крстот беше вратен на младата Васкова која посака вработување, здравје и љубов. Девојката доби бројни подароци од градоначалникот на Штип.