Глобус-Неделен весник

  • Македонија
  • Свет
  • Ревија
  • Архива
  • Контакт
  • Фељтон
  • Колумни

ДЕЗИНФОРМАЦИИТЕ СЕ РЕЗУЛТАТ НА МЕДИУМСКАТА НЕПИСМЕНОСТ

October 12, 2021 Filed Under: Македонија

Последни сме во Европа според медиумската писменост, лажните вести се во подем во македонското општество

ДАВИД ГИР Лоши резултати зе земјата според индексот на медиумска писменост

ТОШЕ ОГЊАНОВ

На последно место според Индексот на медиумска писменост се наоѓа Северна Македонија. Ова, меѓу другото, беше нагласено на Конференцијата што деновиве се одржа во Скопје, а на која фокусот беше ставен на борбата со дезинфформациите. Неодамнешниот Индекс на медиумска писменост од Институтот отворено општество од Софија, покажа загрижувачки податоци за Западен Балкан, а особено за Северна Македонија. Извештајот покажа слабо справување со лажните вести и недоверба во науката, истакна евроамбасадорот во земјава, Дејвид Гир..

Домаќин на Конференцијата беше Македонскиот институт за медиуми. Од таму велат дека причината за оваа состојба во е повеќестрана.

„Проблемот не потекнува само од медиумските професионалци, туку е системски проблем во кој се вклучени повеќе релевантни актери. Тоа се некогаш таканаречени новинари, бизнисмени, бизниси кои ги поддржуваат финансиски и многу често, политички актери“, вели Билјана Петковска, директорка на МИМ.

Ширењето на лажните вести, како што беше нагласено, особено се зголемило со појавата на ковид-19.

Пробивот на дезинформациите, пак, според истражување во рамките на проектот Борба против лажни наративи, на граѓанската асоцијација „Мост“, се одвива низ пет столба. Тие се: Напаѓање или навредување, извртување, одвлекување на вниманието, вознемирување и креирање поделби или нивно продлабочување.

„Исто така имаат за цел да поттикнат и страв, да влеат сомнеж или да внесат забуна кај граѓаните во врска со одредени настани и теми. Или, пак, да ги дискредитираат институциите и процесите, било да се домашни или меѓународни“, вели Росана Алексоска, раководителка на проектот за борба против лажни наративи, во рамките на „Мост“.

Познавачите редовно укажуваат дека најплодно поле за ширење дезинформации се социјалните мрежи.

„Најголемиот проблем од аспект на манипулација, извртување на фактите, манипулација со вистината се јавува на социјалните мрежи и кај интернет порталите. Тоа го покажуваат сите мерења на содржината на медиумските објави“, додава Петковска од МИМ.

БИЛЈАНА ПЕТКОВСКА Проблемот не потекнува само од медиумските професионалци, туку е системски проблем

Новинарската фела стравува дека дезинформациите ќе пораснат и со кампањата за локалните избори. Како причина се наведува Изборниот законик што овозможува државни пари за политичко рекламирање да им се доделуваат и на новоформирани онлајн медиуми.

„На ваков начин се стимулира ширењето на дезинформациите, особено ако знаеме дека дел од тие медиуми, или онлајн медиуми се креираат со намена да создаваат дезинформативни наративи за да наштетат или за да придобијат некого во политичката кампања“, укажува Младен Чадиковски, претседател на Здружението на новинарите на Македонија.

Од ЗНМ прифаќаат одговорност кај медиумските чинители, ја нагласуваат потребата од саморегулација и од регистар на професионални медиуми, но бараат и сите општествени фактори да се вклучат во процесот.

„Дека целосно ќе се уништат лажните вести, тоа е невозможно. Интернетот е океан. Тоа не е направено никаде во светот, освен во Северна Кореја, а натаму не сакаме да одиме. Токму поради тоа, ќе мораме да се носиме со таа појава, но да ги ублажуваме последиците максимално колку што е можно“, заклучува Чадиковски.

(Глас на Америка)

 

 

Filed Under: Македонија

СДСМ НА МЕЃУНАРОДНА СЦЕНА ГИ БРАНИ НАЦИОНАЛНИТЕ ИНТЕРЕСИ А ВЛАДАТА?
ОРДАНОСКИ: ВОЈНАТА ВО УКРАИНА ГОДИНАВА НЕМА ДА ЗАВРШИ, РУСИЈА НЕ Е ПРОБЛЕМ ЗА НАТО
ИСТОРИСКИ МОМЕНТ ЗА ДЕМОКРАТИТЕ ВО ЊУЈОРК: КОЈ Е ЗОХРАН МАМДАНИ
БЛАГОЈ МИЦЕВСКИ (2): ИДЕНТИТЕТИ – БУДЕЊЕ И УМЕТНИЧКАТА СОРАБОТКА СО РИСИМА РИСИМКИН
СТУДЕНТИТЕ И ГО ОДЗЕДОА ВИДОВДЕН НА ВЛАСТА

Најново

  • СДСМ НА МЕЃУНАРОДНА СЦЕНА ГИ БРАНИ НАЦИОНАЛНИТЕ ИНТЕРЕСИ А ВЛАДАТА?
  • ОРДАНОСКИ: ВОЈНАТА ВО УКРАИНА ГОДИНАВА НЕМА ДА ЗАВРШИ, РУСИЈА НЕ Е ПРОБЛЕМ ЗА НАТО
  • ИСТОРИСКИ МОМЕНТ ЗА ДЕМОКРАТИТЕ ВО ЊУЈОРК: КОЈ Е ЗОХРАН МАМДАНИ

Импресум

Издавач - Здружение за нови политики и слобода на медиуми "Јавност" - Скопје,

Партизански одреди 23/1/3 Скопје

globus@globusmagazin.com.mk

Барај

Сите права задржани© 2025 · ГЛОБУС · Log in

Developed by Unet