Донацијата на сценографот сега ја збогатува колекцијата на дела на Симон Узуновски во Музејот на современата уметност, во која влегуваат некои од неговите најзначајни дела со леплива лента, како што е “Тркалајката“, „Човек и птица“, осум колажи од циклусот „Ливада“ и објектот „Преспа“
ЉУПЧО ЈОЛЕВСКИ
Крсте Џидров – Џиби, познатиот македонски сценограф деновиве на Музејот на современа уметност му донираше серија концептуални дела од циклусот „Белешки“ што му ги оставил на чување неговиот пријател и соработник, еден од пионерите на интерактивните инсталации кај нас – Симон Узуновски – Симе.
За релативно краток временски период, само неколку месеци, уште една вредна донација за колекцијата на Музеј на современа уметност. По Глигор Стефанов кој на оваа наша институција и ги подари сламените „Ангелски крила“ и други 20 дела, сценографот Крсте Џидров – Џиби со безмалку идентичен потег. Тој, на Музејот на современа уметност му ја отстапи на заштита и чување серијата концептуални дела од циклусот „Белешки“ на неговиот пријател и соработник, еден од пионерите на уметничките интерактивни инсталации кај нас – Симон Узуновски.
„Симе беше еден од моите најдобри другари. Пријателувавме уште од крајот на 1970-те години, од кога и датираат овие негови дела, кои за првпат беа изложени во галеријата „Ко-Ра“. Тој постојано се селеше и поради тие селидби, ги остави кај мене со цел да ги заштитам за да не ги оштети при транспорт. Не можам да кажам дека се во моја приватна сопственост, туку беа во долгогодишна привремена сопственост кај мене. По неговата смрт овие четири дела ги подарив на Музејот на современата уметност – Скопје со цел да ја дополнам колекцијата на оваа институција со уште дела од Узуновски, која пак трајно ќе ги заштити“, ќе напише во својата изјава за медиумите Џидров.
Донацијата на сценографот сега ја збогатува колекцијата на дела на Симон Узуновски во Музејот на современата уметност, во која влегуваат некои од неговите најзначајни дела со леплива лента, како што е “Тркалајката“, „Човек и птица“, осум колажи од циклусот „Ливада“ и објектот „Преспа“.
И, кога сме веќе тука уште збор -два за нивното другарство. Симон Узуновски бил еден од првите соработници на сценографот Крсте Џидров-Џиби во 80-те години од минатиот век. Тие заедно работеле на 15-тина сценографии за театарски претстави, а десеттото јубилејно издание на Млад отворен театар одржано во септември 1985 година било отворено токму со нивната заедничка изложба.
Инаку, роден 1949 година Симон Узуновски е еден од пионерите на интерактивните инсталации во Македонија. Тој речиси пет децении беше активен на уметничката сцена во земјава, а повеќе години живееше и работеше на италијанскиот остров Капри.
Неговата појава на македонската ликовна сцена во половината на седумдесетите години на минатиот век започнува со работата на слики во традицијата на апстрактниот експресионизам, по што набрзо следи неговиот интерес за концептуалистичките практики на темелно преиспитување на традиционалните сликарски и скулпторски медиуми.
Започнувајќи ги своите истражувања со серија објекти изработени со леплива лента („Тркалајки“, „Марија“, „Преспа“), по кои настануваат бројните апликации со селотејп на стакло и хартија, Узуновски ги реализира неговите познати просторни инсталаци во аулата на Филозофскиот факултет и во Дом на младите „25 мај“ во Скопје, кои ја означуваат за првпат во македонската уметност појавата на „сајт-специфичните инсталациите“.
Симон преку овој опус воспоставува релации во најширока смисла со пост-авангардните движења од средината на 1970-те години, со кои беа пробиени конвенционалните јазични бариери во уметничкиот израз. Со циклусот „Белешки“, во кои спаѓаат и делата донирани од Џидров, Узуновски ги превзема семејните пораки и потсетници за пазарење дневни намирници, воведувајќи го како и со лепливата лента, „баналниот“ секојдневен предмет, или во овој случај исечокот од секојдневниот живот во сферата на уметничкото.
Од друга страна творештвото на Симон Узуновски – Симе на островот Капри, Италија е втората линија во неговиот уметнички израз. Мотивите се концентрирани кон главните урбани знаци на местото што, барем во неговото сликарско творештво, „со нивната повторливост и упорност во изнаоѓањето на нови мали елементи на новата варијација на основната визура, од нив создаваат мал мит за просторот и крајоликот“. Неговата изложба „40 години творештво на Капри“, 30 дела масло на платно во кои убаво се гледаат релациите со поп-културата, во октомври 2011година беше прикажана во Музеј на Град Скопје.
Симон Узуновски почина на 69-годишна возраст, на 10 декември 2018 година, а погребан е во Скопје.