Нов извештај на Центрите за контрола и превенција на болести во САД веќе предизвика заострени превентивни мерки за коронавирусот
Според извештаите објавени во „Вашингтон пост“ и „Њујорк тајмс“, Центрите за контрола и превенција на болести во САД (ЦДЦ) во петок објавиле интерен федерален здравствен документ за Делта варијанта на коронавирусот што може да се шири „лесно како сипаници“ кај вакцинирани и невакцинирани лица.
Весниците објавија дека документот е презентација со слајдови дистрибуирана до службените лица во агенцијата. Презентацијата детално ги опишува тешкотиите во убедувањето на некои популациони групи да се вакцинираат и да носат маски.
Презентацијата ги повикува службените лица на ЦДЦ да развијат пораки за јавните служби кои „ја нагласуваат вакцинацијата како најдобра одбрана против варијантата која е толку заразна што делува како различен, нов вирус, пренесувајќи се побрзо отколку еболата или настинката“.
Заради фактот што Делта варијанта на вирусот кој предизвикува Ковид-19 брзо да се шири низ целата земја, американскиот претседател Џо Бајден објави дека цивилите вработени во федерална влада мора да бидат вакцинирани или да се подложуваат на редовно тестирање и носење маски.
„Од секој вработен во федералната влада ќе биде побарано да го потврди својот статус на вакцинација“, рече Бајден во четвртокот во обраќање од Белата куќа. „Секој што не потврдува дека е вакциниран или не е вакциниран, ќе треба да носи маска без разлика каде работи, да се тестира еднаш или два пати неделно, да одржува социјално растојание и на тие лица нема да им биде дозволено да патуваат за работа “.
Федералната влада вработува повеќе од 4 милиони Американци, а над 2 милиони од нив се дел од федералната цивилна работна сила, се вели во соопштението на Белата куќа.
Откако по голем настан во американската сојузна држава Масачусетс изби зараза со коронавирус, почнаа истражувања за потеклото иширењето на инфекцијата. Сега е јасно – речиси три четвртини од заразените биле целосно вакцинирани.
По манифестациите во Барнстејбл се регистрирани 469 случаи на корона, од кои 74% кај лица кои биле целосно вакцинирани (примиле две дози од вакцината). Притоа, 133 случаи се анализирани детално и утврдено е дека кај 90% од нив има зараза со Делта сојот, се вели во студијата.
Количеството на вирусот кај инфицираните со Делта сојот било значително повисоко, а заразата полесна, се вели во интерната презентација на американскиот Центар за превенција и контрола на болести (ЦДЦ), чии делови објави весникот „Вашингтон пост“. Мора „да се признае дека војната е променета“, стои на една од фолиите на презентацијата.
Делта сојот е заразен колку и овчите сипаници (варичела), смета ЦДЦ. Овчите сипаници можат да се пренесат преку воздухот на неколку метри оддалеченост.
Директорката на ЦДЦ, Рошел Валенски, оцени дека студијата од Масачусетс предизвикува загриженост. ЦДЦ во претходните денови ги прилагоди своите насоки за пандемијата соодветно на ширењето на Делта сојот и препорача повторно носење маски во многу затворени простории и за вакцинираните лица.
Ново проширување на коронавирусот во Кина – Националната здравствена комисија јави за 55 нови случаи, меѓу другото и во провинцијата Фуџијан и градот Чонгчинг, каде живеат околу седум милиони луѓе. Претходно имаше информации за инфицирани со Делта сојот во четири провинции и во главниот град Пекинг.
Околу 200 лица се имаат заразено во градот Нанџинг, во источна Кина. Таму на 20 јули позитивни на коронавирус беа девет хигиеничарки на меѓународниот аеродром. Сите се инфицирани со Делта сојот, јавија кинеските здравствени власти. Во провинцијата Џијангсу, чиј главен град е Нанџинг, има локдаун од кој се погодени стотици илјади луѓе. Сите 9,2 милиони жители во Нанџинг се тестирани по двапати.
Да останат дома мораат и околу 41.000 луѓе во населбата Чангпинг во Пекинг. Во кинескиот главен град се регистрирани први случаи на инфекција по шест месеци.
Градот Жангџијаие, во провинцијата Хунан, поради неколку инфицирани лица, најверојатно во текот на театарска претстава, им наметна полициски час на сите 1,5 милиони жители, а затворени се сите туристички атракции.
Владата во Пекинг следи стратегија со цел „нула Ковид“ – доколку во некој град или провинција се појават мали кластери, тие подрачја се изолираат и се тестираат сите жители.
Сепак, ефикасноста на вакцините против Ковид-19 не се доведува во прашање. Вакцините, според ЦДЦ, пружаат и натамуголема заштита од тешко заболување и смрт на заразените со Делта сојот.
Со остри мерки реагира и Австралија. Во Бризбејн е воведен строг полициски час. Заменикот премиер на сојузната држава Квинсленд, Стивен Мајлс, соопшти дека милиони жители на Бризбејн од денеска ќе мора да останат три дена дома. „Единствениот начин за победа над Делта сојот е да се реагира брзо“, образложи Мајлс.
Претходно беа регистрирани вкупно седум случаи на заразени со Делта сојот, и тоа наставник, ученичка и нејзиното семејство. Властите се обидуваат да го откријат изворот на заразата.
Австралија се бори против коронавирусот со затворање на своите граници, брзо воведување локдауни во случаи на избивање на заразата и интензивно следење на контактите на заразените. Меѓутоа, досега во таа земја се целосно вакцинирани само околу 13% од населението.
Од пред еден месец, поради Делта сојот, се зголемува бројот на инфицирани. Сиднеј е веќе со недели во локдаун, но рестрикциите досега не го запреа ширењето на вирусот. Полицијата најавува поостри постапки кон луѓето кои не се придржуваат до рестрикциите и забраните за излегување.
Филипинскиот претседател Родриго Дутерте најави мерки за затворање во петокот за регионот на главниот град Манила, каде живеат 13 милиони луѓе. Тоа ќе стапи на сила од 6 август и ќе трае до 20 август.
Соседите на Токио се ставени под вонредна состојба од 2 до 31 август, според јапонскиот дневен весник „Асахи Шимбун“. Токио, каде во моментов се одржуваат Олимписките игри, и Окинава, веќе се под вонредна состојба поради ширењето на коронавирусот.
Саитама, Чиба, Канагава и Осака се новите префектури кои се опфатени со вонредната состојба.
Хокаидо, Ишикава, Кјото, Хјого и Фукуока, соседи на Токио, исто така ќе бидат ставени под мерки за вонредна состојба.
Под вонредна состојба бизнисот е суспендиран на локации што служат алкохол.
Јапонија објави рекорден број дневни случаи на Ковид во време кога земјата е домаќин на Олимписките игри во Токио. „Асахи Шимбун“ доцна во четвртокот соопшти дека Јапонија имала повеќе од 10.000 случаи на коронавирус дневно, што е прв пат дневниот преглед на земјата да ја надмине цифрата од 10.000. Весникот објави дека 24 лица поврзани со Олимписките игри биле позитивни на Ковид-19, вклучително и тројца спортисти, со што вкупната бројка достигнала 193 лица за луѓе поврзани со Игрите кои биле позитивни на Ковид-19.
Од СЗО стравуваат дека 47 од 54-те држави во Африка нема да ја постигнат целта за вакцинирање на 10% од нивната популација до септември. Во Африка се администрирани помалку од 1% од над 4 милијарди дози на вакцини дадени на глобално ниво.
Многу земји од Латинска Америка исто така заостануваат. Регионот, заедно со Карибите. има 1,25 милиони смртни случаи поврзани со Ковид-19. Аргентина, Бразил и Уругвај инокулираа околу 50% од нивното население, а повеќето од другите успеаја да вакцинираат само околу 30% – со Хондурас, Гватемала и Венецуела кои имаат помалку од 10% вакцинирано население.
САД испратија милиони дози вакцини во Латинска Америка на почетокот на овој месец, како дел од заложбата на Бајден да се стави крај на пандемијата во светот. Еден милион дози од вакцината „Џонсон и Џонсон“ биле испратени во Боливија, милион дози на „Фајзер“ во Парагвај во петокот и 1,5 милиони дози од „Модерна“ во Гватемала, соопшти Белата куќа.
Генерално, низ целиот свет, само 1,1% од луѓето во земјите со ниски примања примиле барем една доза на вакцина.
Ресурсниот центар на Џонс Хопкинс за коронавирус рано во петокот објави 196.634.210 глобални инфекции со ковид.