Глобус-Неделен весник

  • Македонија
  • Свет
  • Ревија
  • Архива
  • Контакт
  • Фељтон
  • Колумни

ДЕМОГРАФСКАТА КРИЗА СЕ ПРОДЛАБОЧУВА

September 25, 2026 Filed Under: Македонија

Дури и во Тетово и Гостивар стотици раѓања помалку отколку во 2021 година

ЈАСНИ БРОЈКИ Статистиката неумолливо не потсетува дека нешто треба да се преземе за бројот на породувањата да не паѓа и понатаму

АНЕТА ДОДЕВСКА

Најмногу деца родени во Скопје, ниту едно во општина Зрновце. Откако и првиот и вториот квартал од годинава донесоа нов демографски „шамар“, со пад на бројот на живородени деца и негативен природен прираст на државата, извесно е дека и на крајот од оваа 2026 та ќе се соочиме со поразителна демографска состојба, пишува Порталб. Тетово и Куманово го изгубија “водството“ на општини со по над 1 000 живородени деца.

Се намалува бројот на живородени, во најголем дел од општините повеќе починати од родени

“Порталб“ направи детален увид на демографските податоци во базата на Државниот завод за статистика – какви се компаративните  бројките за природниот прираст и за живородени? На крајот на второто полугодие најголем дел од општините се со негативен природен прираст, што значи повеќе починати од родени.

Во Скопје природниот прираст изнесува -36 а најдлабок природен прираст има во Битола  – 118, Аеродром -62, Куманово и Прилеп -59,  Гостивар и Кочани -58, Велес -57 и Охрид -51.

 

Природен прираст ( втор квартал 2026)

Скопје                 -36

Битола              -118

Аеродром           -62

Куманово            -59

Прилеп               -59

Гостивар             -58

Кочани                -58

Велес                  -57

Охрид                 -51

Извор ДЗР

Во општините со поголем број на жители состојбата е различна. Во Тетово во првиот квартал било во „негативна зона“ со природен прираст од –18 додека на крајот на јуни во ова општина имало 44 повеќе родени од починати.  Слична е состојбата и во Струга, каде до март природниот прираст бил – 37 а на крајот на јуни преминува во 20. Во Куманово и во првиот и во вториот квартал има повеќе починати од родени, заклучно со март – 81 а на крајот од јуни -59. Во Кичево се одржува негативниот тренд на природен прираст од -80 на крајот на март и -26 на крајот на јуни. И состојбата во Гостивар е со негативен предзнак, -50 односно  -58 на крајот на второто тромесечје.  Арачиново е во зоната на позитивен природен прираст со 32 односно 33 повеќе родени од починати. И во Чаир позитивен тренд со природен прираст од 12 во првиот квартал со значајно зголемување на 92 во второто тромесечје .  Иако бројките на ниво на тромесечје варираат, сумираните статистики на крајот од годината се поразителни.

Деталните податоци од ДЗС покажуваат дека во 2025 та година за прв пат во државата бројот на живородени се спушти под 16 000. Скоро сите општини се соочуваат со пад на бројот на живородени деца во период од пет години. Тетово и Куманово ја изгубија предноста на единствени општини каде има по над 1000 живородени деца.

Во општина Тетово во 2021 та имало 1 025 живородени и оваа бројка во годините потоа се намалува до 822 во 2025 та. И во Куманово повеќе не се раѓаат над 1 000 деца – во 2025 та бројката се намали на 829.  Пред пет години во Струга имало 543 а лани 474 живородени деца. Во скопски Чаир во Арачиново, во анализираниот период, бројките не се значајно променети.

Живородени деца

2021 година                               2025 година

Тетово                          1 025                                          822

Куманово                     1 011                                          829

Чаир                               873                                           833

Сарај                             618                                            575

Гостивар                       583                                            440

Струга                            543                                           474

Кичево                          368                                            277

Арачиново                   254                                           240

Дебар                             169                                           148

Извор : ДЗС

Податоците за состојбата на крајот на јуни навестуваат дека на повидок е уште една година во која ќе имаме демографски пораз.

„Во второто тримесечје од 2026 година, во споредба со истиот период од 2025 година, бројот на живородените деца изнесува 3 684 и е намален за 3.0 %. Природниот прираст е негативен и изнесува  -1 005, што значи дека за толку лица е помал бројот на живородените деца од бројот на умрените лица“ – наведуваат од Заводот за статистика.

Владејачката Вмро Дпмне во својата предизборна програма најави пакет мерки за борба со демографската криза заедно со Национална стратегија за демографија. По повеќе од две години на власт, овој документ сеуште не е донесен.

“Нашата определба е јасна, наместо политика на страв, градиме политика на отпорност. Наместо краткорочни мерки, создаваме долгорочна стратегија. Наместо декларативни заложби, поставуваме системски решенија. Токму затоа ја подготвивме новата Стратегија за демографска отпорност 2026–2046. Не како формален документ што ќе остане на хартија, туку како национална рамка за иднината на државата“ – изјави премиерот на почетокот на мај, годинава.

Во меѓувреме дел од пратениците најавија иницијативи за законски измени за подобрување на финансиската состојба на мајките и на семејствата со деца.

(Portalb.mk)

Filed Under: Македонија

ПРИВИД НА ЕКОНОМСКИ РАСТ СО ПРАЗНА ДРЖАВНА КАСА И ДОЛГОВИ
Бројките на ПИОМ отвораат дилеми за идното финансирање на пензии
МАКЕДОНСКО ЗЛАТО ВО АВСТРИЈА: БЛАГОЈ ГУГИНОВ ГО ОСВОИ ЕВРОПСКИОТ КУП
ЕВРОПА ИМА ГОЛЕМ ПРОБЛЕМ, БУГАРИЈА – ГОЛЕМА ЗАДАЧА
ПРОБИВАЊЕ НА ОГНЕНИОТ ЅИД

Најново

  • ПРИВИД НА ЕКОНОМСКИ РАСТ СО ПРАЗНА ДРЖАВНА КАСА И ДОЛГОВИ
  • Бројките на ПИОМ отвораат дилеми за идното финансирање на пензии
  • МАКЕДОНСКО ЗЛАТО ВО АВСТРИЈА: БЛАГОЈ ГУГИНОВ ГО ОСВОИ ЕВРОПСКИОТ КУП

Импресум

Издавач - Здружение за нови политики и слобода на медиуми "Јавност" - Скопје,

Партизански одреди 23/1/3 Скопје

globus@globusmagazin.com.mk

Барај

Сите права задржани© 2026 · ГЛОБУС · Log in

Developed by Unet