На повторните избори за градоначалник на Истанбул, опозиционерот Екрем Имамоглу од Републиканската народна партија убедливо го победи Бинали Јилдирим од АКП. Тоа е победа на турската демократија, смета Еркан Арикан
ЕРКАН АРИКАН
Екрем Имамоглу од опозициската Републиканска народна партија не само што ја повтори, туку и ја зголеми предноста пред својот противкандидат од АКП во споредба со изборите за градоначалник во Истанбул на 31. март. Дваесет и трети јуни без дилеми ќе влезе во историјата на Турција – точно во 19 часот и 15 минути по турско време, на различни телевизиски канали беше потврдено она што веќе се потшепнуваше за исходот на трката за градоначалник. На првите избори на 31. март Имамоглу имаше преку 13.000 гласови предност пред поранешниот премиер Јилдирим. Сега предноста се зголеми на близу 800.000 гласови. За многумина во Турција ова претставува повеќе од сигнал, знак дека демократијата уште живее.
Индиција за тоа е што бројни политички противници на Имамоглу, кои пред изборите го опсипуваа со навреди и презир, сега, иако тивко, му честитаат за успехот. Пред сите, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган. За него овој пораз мора да е жестока шлаканица. Тој со сите сили се обидуваше да му обезбеди победа на својот сопствен кандидат, ги придвижи сите лостови во земјата, ја стави под притисок Изборната комисија. Сепак, гласачите во Истанбул му ја испорачаа сметката.
Владејачката партија на Ердоган, Правда и право, се бореше дури и за гласовите на курдското население на досега невиден начин. Но, прокурдската партија ХДП ги повика своите приврзеници да гласаат за Имамоглу. Првпат во Турција доживеав луѓето својата глад за демократија да ја манифестираат толку отворено. Кратко откако Изборниот совет ги презакажа изборите за градоначалник за 23. јуни, во екот на летните одмори, се појавија апели истанбулците да го прекинат својот одмор и од летувалиштата да се вратат накратко на гласање. Беа ангажирани вонредни возови, дополнителни автобуси, луѓето се организираа за превоз со сопствени автомобили.
Навистина се покажа дека стотици илјади, некои тврдат дури и 1,5 милиони избирачи стигнаа во Истанбул на 24 часа за да го дадат својот глас. Двојките кои на овој ден склучуваа брак, пред да отидат на свадбената свеченост, заминуваа на гласачко место. Еден таксист ми изјави: „Секогаш гласав за АКП, но овојпат нема тоа да го направам. Потребна ни е праведност, ние сме луѓе-верници, а не лицемери!“
Ердоган е соочен со голема дилема. Неговиот тврд курс, ограничувањето на слободата на медиумите, политичкиот притисок против опозицијата, веќе нема да може да го продолжи на досегашниот начин. Загубата на Истанбул по 25 години владеење на АКП во метрополата, и кај Ердоган ќе остави траги. Дури, се згуснуваат знаците дека неговите некогашни сојузници чекаа токму на овој историски пораз во Истанбул. Гласовите кои почнаа да се шират минатите месеци и недели, дека поранешни соосновачи на АКП сакаат да формираат нова партија, со победата на опозицијата во босфорската метропола се засилуваат.
Дали е тоа крај на Ердоган? Тешко. Ердоган нема да биде обесхрабрен од овој пораз. Дали е ова пресвртница во политиката на Ердоган? Во секој случај! Сега тој има две можности: 1. Да спроведе уште потврд курс или 2. Да преземе сѐ за и понатаму да остане на власт. Негова важна цел е да остане претседател на државата најмалку до 2023. година, 100-годишнината од основањето на Турција. Но, Ердоган како претседател во иднина ќе мора почесто да прави компромиси, можеби првпат во неговата политичка кариера.