Сместена во срцето на демократијата, имено Парламентот, ВМРО е добро позиционирана да ги блокира легислативните обиди да се зајакнат демократските институции. Нејзината единствена парламентарна агенда се активности на институционална непопустливост и опструктивност (исконските методи на антидемократот). Нејзините претставници би одбиле да го следат исходот од демократските процедури кога би имале избор, а во исто време бараат демократите да ги земат за сериозно нивните преференци
ЕЛЕНА МИХАЈЛОВСКА СТРАТИЛАТИ
Македонскиот демократски систем e под континуиран напад и спречување да се етаблира. Статусот на самата демократија станува предмет на постојана дебата и дури насилна борба. Непријателите на демократијата кои ги влечат конците зад сцената, агитирајќи во подземјето, делумно учествуваат во политичкиот процес прикриено или отворено се борат против сегашниот политички систем.
Стабилноста ќе зависи од нашата ефективна демаркација од минатите режими, демократскиот систем мора да исцрта директна спротивност со претходниот авторитарен режим, неговите чинители, злосторства и криминали и да ја вгради оваа антитеза во колективната свест на популацијата, така што луѓето ќе знаат на какви препреки да внимаваат и за подобрите принципи кои треба да се поддржат.
Постои само еден проблем: многу граѓани претпочитаат авторитаризам пред демократија; овие индивидуи просперирале под стариот систем, и тие немаат желба да живеат во форма на граѓанско организирано општество. При секоја можност, тие ќе туркаат кон враќање на авторитарниот популизам.
Со други зборови, Груевски повеќе не е на власт, но војската која тој ја водеше продолжува да управува со големо влијание и, Вмро, најистакнатата опозициска партија ги задржа своите позиции на доминанта народна организација под новата влада. Одлуките кои таа ги прави ја дефинираат македонската политика длабоко во иднината. Нејзините недемократски политики не се едноставно остатоци или артефакти од некое наше предддемократско минато. Тие се втакени во сегашниот политички систем како интимни, заеднички компоненти на македонската политика.
Ваквата реалност ја држи власта заглавена во менгемето помеѓу потребата допрва да го воспостави демократскиот систем од една страна, и истиот да го одржува или унапредува од друга страна. Тоа значи дека власта мора истовремено да артикулира контрадикторни процеси на водење на „секојдневна политика на демократија“ и „политика на создавање на демократија“. Овој парадоксален услов бара извесна концентрација на авторитет со цел државата да биде способна да го извршува контекстуално специфичното множество од задачи (поради што често e обвинета дека не го почитува правото кога истото треба допрва да го воспостави).
Новите правила на игра и процесите низ кои треба да се дефинира демократскиот систем е малку веројатно да никнат низ спонтана заедничка акција. Напротив, таквите промени обично се поведени од некои неформални и неавторизирани потфати направени од мала група на силни индивидуи (вклучувајќи ја и помошта однадвор – експертска: Ван Хојте или политичка: САД, ЕУ). Во реалноста овие одлуки често се преговарани помеѓу елитите. Пактови, округли маси и тајни преговори се речиси сеприсутни елементи на политичките транзиции. Тие се конкретниот доказ на тешкотијата со која ќе се соочат демократите ако сакаат да вопостават легитимна форма на власта преку легитимни процедури. Дали треба да се основа ад-хок суд, специјално обвинителство, кој треба да се избере за нивен претседател и слично, не може да биде определено преку демократски процедури. Според тоа, дури и во сценарио во кое стариот режим едноставно се распаднал, демократските правила, во една важна смисла ќе бидат наметнати. Кога демократите воспоставуваат демократија, тие се ангажираат во значајно и процедурално нелегитимно наметнување.
Со наметнувањето на институциите (и нивниот де факто авторитет) демократите драстично ја намалуваат потребата за натамошни акти на наметнување и им даваат на нивните опоненти политички пат за бранење на своите интереси – тоа е самиот демократски процес.
Власта не смее да остане заглавена во оваа стапица: обвинета дека го крши правото во моментите кога истото се обидува да го воспостави. Опстојувањето на недемократските политики укажува дека не само што таа има можност да го направи новиот систем подемократски, туку и дека исто така, ќе изникнат ретки ситуации во кои нејзината заложба за демократијата како „постоечки сет на институции“, радикално ќе се судри со нечија заложба за демократијата како метод на „легитимно носење на одлуки“ – низ која, иронично, во моментов е маскиран нападот врз самата демократија.
Ова бара точно разбирање на тоа што е Вмро и што таа прави. Сместена во срцето на демократијата, имено Парламентот, таа е добро позиционирана да ги блокира легислативните обиди да се зајакнат демократските институции. Нејзината единствена парламентарна агенда се активности на институционална непопустливост и опструктивност (исконските методи на антидемократот). Нејзините претставници би одбиле да го следат исходот од демократските процедури кога би имале избор, а во исто време бараат демократите да ги земат за сериозно нивните преференци. Со други зборови, тие ги користат своите позиции во Паралментот за да осакатат било какви изгледи за ефективно управување, да ја дестабилизираат државата и да се постават себе си како наследници на демократија што не успеа. Тоа е партија која ја отфрла демократијата, додека во исто време ги цица нејзините ресурси и процепи на либералниот демократски поредок.
Паралелно, со својата „политика на емоционална манипулација“ го окупира целокупниот јавен простор. Нејзините фанатични антидемократи се многу видливо присутни во јавната дебата во поделеното општество. Нивните лажни вести го обликуваат и контролираат предметот на политичката дебата. Изблици на контаминирачка препреденост, зла и арогантна нетолеранција, секогаш свесно и намерно користена во име на отфрлање на нетолеранцијата. Црно-белите решенија кои тие ги предлагаат стануваат прифатливи на демократски ниската точка во која сме и во услови на општо незадоволство од политиката. Единствениот придонес на политичките беседи за „обнова на Македонија“ е зајакнување на анти-демократските доктрини, отежнување на граѓанскиот дискурс и системско влошување на „демократските способности“.
Ако се тргне обвивката на „патриотизам“ која треба да прикаже некаква идеологија на „македонштина“, политичките активности на ВМРО остануваат соголени како акции вредни за криминализирање: нелегално циркулирање на пари од државен криминал за да се обезбеди амнестија за истиот тој криминал и за огромните злоупотреби на државните функции и масовните повреди на човековите права; опструкции на воспоставувањето на владеењето на правото (опструкции во воспоставување на институции или дефакто авторитет на легитимните институции); загрозување на слободата на изразување преку контаминирање на јавната дебата со лажни вести (кое спречува вистинска делиберација и можност граѓаните да ги следат „релевантните интереси и идеи“), финансирање на лажни медиуми и ботови за истата цел, и повикување и оправдување на насилство и говор на омраза (водење, оправдување и хероизирање на државни удари, насилство врз пратеници и говор на омраза по сите основи).
Во оваа смисла Вмро ќе мора да се разбере пред се како антидемократско и антидржавно движење, без оглед како тоа себе си се означува. Тоа е инкорпорирано во сегашниот поредок повеќе како натрапник кој се користи со демократските алатки за да ја собори демократијата. Под маската на легалитетот, нашите вмровци ја потценуваат демократијата настојувајќи да ја донесат до граница на колапс. Преку ефективното парализирање на нејзините најважни институции, демократијата е обвинета за недолучност и доведена понатаму во дискредитирање. Притоа е помалку важно дали антидемократските активности се специфично намерени да ја срушат сегашната власт се додека целат и да го потценат или уништат слободниот демократски базичен поредок. Спречувањето на државата да дејствува и фрустрирањето на основните механизми на владата наметнува сериозна закана за уставната демократија. Ова власта ја исправа пред прашањето: што значи да се однесуваш демократски кога политичките институции се предизвикани?
Ова прашање не е ново. Демократските режими ширум светот се наоѓаат под опсада од антидемократски групи кои настојуваат да ја искористат изборната арена како форум за пропагирање на нивните каузи и собирање на нивните приврзаници. Практично сите демократски општества дефинираат одреден екстремистички елемент надвoр од границите на демократска толеранција. И овој капацитет на модерните уставни демократии да се бранат себе си од домашните политички предизвици по нивното континуирано постоење како демократии е во срцето на концептот на „милитантата демократија“.
Постојат многу примери за дејствување на демократските влади за заштита на одржливоста на загрозените демократии. Видовите на мерки се движат од употреба на кривични санкции, забрани на партии во повеќето европски земји (или нивно исклучување од изборната арена), до ограничување на изборниот говор и однесување. На описно ниво примарен метод е забраната на екстремистичко учество во изборната арена, практика која постои со изненадувачка регуларност низ опсегот на демократските општества.
Сепак, за разлика од терористичките и сепаратистичките партии (кои го оспоруваат територијалниот интегритет на земјата или сакаат да го реконструираат општеството по религиозни линии), во случајот на антидемократските мнозински партии (кои бараат платформа за континуирано предизвикување на основните вредности на либералната демократија кои се поддржани во постојниот уставен поредок), исклучително е тешко да се формулираат широки содржински принципи кои го покриваат широкиот спектар на потенцијални антидемократски закани во тој контекст. Ова ги прави најпроблематична, и во таа смисла најопасна категорија, и тaa е онаа со која Македонија се соочува денес.
Релативно малку партии отворено ги објавуваат своите антидемократски цели. Политичките пасии во модерното доба не се наброени како борби за или против „демократија“. Ако ги интервјуираме сите страни, тие нормално би го аргументирале својот случај во термините на демократија: „вистинска“ демократија наспроти извртениот поглед на противникот. Ова е начинот на кој антидемократските партии нормално ја гледаат нивната борба, или барем како ги формулираат своите барања кога бараат поддршка од Запад. Во таа потрага, никој не може да си дозволи да бара да ја замени „демократијата“ со нешто друго, правејќи да изгледа како да се работи за различни поими на демократија. Во оваа точка правниците повеќе не може да сметаат на некоја транспарентна идеја на „демократија“, туку мора да го артикулираат својот поглед во смисла на идеалите на добар живот кои ја формираат нивната претпочитана конструкција, и да ја оценат во врска со тоа што оди преку зборот „демократија“ – кој изгледа дека и владата и опозицијата го претставуваат. Поточно, особено во случај на партии кои бараат масовна публика, антидемократскиот карактер на партијата мора да се изведе од суптилни контекстуални индиции, како што во нашиот случај е повикувањето на аманетот на предците предаден од Северџаните или упорни тврдења дека сегашната македонска влада е корумпиран слуга на западните сили (и покрај имплицитното одобрување на вмешување на другите сили). ВМРО е внимателна да ги опфати своите изборни жалби во однос на критиката на третманот на политичките и социјални прашања, а не во одбрана на сторениот државен криминал и буткање на амнестија за сите нејзини државни злоупотреби и антилиберални дејствувањa.
Ова се околностите во кои сегашната власт мора да дејствува за да осигура дека државниот апарат не е фатен на големо за социјални деструктивни форми на нетолеранција. Проблемот на антидемократската мобилизација добива посебно значење и комплексност во длабоко распарчени општества, во кои изборната арена може да послужи како паралелен или дури и секундарен фронт за вонпарламентарните мобилизации (како на пример, руско-будимпештански, со странски проток на нелегално изнесени украдени пари). Но нашата демократија во изградба не е немоќна да одговори на заканата од нејзиното компромитирање од внатре.
Додека забраните на партиите или на нивното учество во политичкиот процес е поврзано со тоа дали политичката партија се залага за насилство (вклучувајќи такви специфични демонстрации на тоа како расизам, ксенофобија и нетолеранција) или е јасно вклучена во терористички или други субверзивни активности, државните власти (во зависност од нивото на закана за демократскиот поредок во земјата) имаат на располагање и други мерки како што се казни, други административни мерки, изведување на индивидуалните членови на политичката партија вклучени во определени активности пред лицето на правдата и ветинг во јавните и безбедносни служби.
Следниот чекор е да се регулира областа на изборна политика со правила на однесување кои ја гарантираат плуралистичката конкуренција. Со цел да се одговори на уникатните закани што произлегуваат од тој посебен политички домен, на кревката демократија и е потребна ширина за надгледувањето на изборната арена на начин различен и од забраната на одредени партии, од една страна, и од наметнување на кривични санкции, од друга страна, што во најмала рака бара административен закон за избори, независен надзор врз политичкиот процеси и доволно алтернативни средства за изразување за да се избегне прекумерно придушување на политичката дебата, особено од секојдневните канонади на лажни вести.
Правото на слободно изразување е демократски вредно, делумно затоа што индивидуите бараат пристап до информации за да направат политички одлуки кои имаат смисла. Правото кое го бараат нашите антидемократи за да шират лажни вести и говор на омраза е калкулирано да стави крај на формата на живот во однос на која е замислена идејата за слободен говор. Тие во оваа смисла не го повредуваат толку угледот на политичарот, туку ја ништат самата слобода на изразување која во јавниот простор подразбира комуникација. Според тоа, институциите треба да ги забранат ваквите изразувања, не затоа што сметаат дека со тоа нужно можат да заштитат повеќе права (приватност, углед, итн.), туку затоа што во својата содржина и намера лажните вести на вмровците се некомпатибилни со самата идеја за правото кое го побаруваат. Санкциите на лажните вести (и говорот на омраза) се, меѓуостанатото, во интерес на заштита на самата слобода на изразување. Крајно хипокритично е кога пропагаторите на лажни вести или нивните квазиновинари за жалат за цензура (и бараат „Стразбуршка толеранција“ од политичарите).
И ова е она на што власта мора да се посвети во моментов; не на изборни кампањи во простор кој не е демократски оспособен. Се друго е влегување во популистичкиот и штетен коловоз на антидемократите, каде тие хараат безмилосно.
Оваа задача власта не може да ја препушти на некој друг. Соодветни инструменти над домашното ниво (како на пример оние на ЕУ или Европскиот суд за човекови права) се уште не се достапни и според тоа мора прво да бидат развиени. Ваквите меѓу-национални тела се отстранети од било која непосредна одговорност пред домашните политички процеси и малку е веројатно да одговорат на нешто што се претставува како тесно партиски или сегментарен интерес. Исто така, оставањето на одбраната на демократскиот систем на граѓанското општество, отколку на државата како таква, носи опасност од овластување на крајно вокални, но потенцијално нерепрезентативни групи. Дополнително, „цивилниот тип“ на демократија е зависен од минимум морален стандард помеѓу граѓаните, а токму ова е она на што не можеме да се потпреме. Па така, кога демократскиот систем ќе одлучи да организира самоодбрана, ништо не може да ја замени потребата од институционални одговори.
Државата мора да биде способна да одговори против нетолерантниот, додека во исто време го заштитува неговото право да учествува во политичкиот процес.
Покрај итните мерки на демократска самоодбрана, неопходен е и паралелен процес на сеопшто ослободување или „девмроизирање“ на сите институции, сфатено не како замена на едни партиски кадри со други, туку како нивно „опристраснување“ за демократија.
Сепак, тоа бара нешто и од самите индивидуи кои ги населуваат овие институции, од оние кои фактички управуваат со демократската контрола. Дури и најдобро дизајнираните институции се зависни од индивидуите кои ги водат и кои мора да ги применат нивните правила. Со други зборови, демократијата мора исто така да покаже „волја да ги зачува демократските институции“. Демократија без соодветна демократска определба во поширокото општество
нема да преживее.
Сомнително е дали храброста да се брани демократијата може да биде барана денес, дури и ако непријателите на демократскиот систем и на неговите фундаментални принципи и вредности се исклучително присутни и склони кон насилство, злоупотреби и криминал. Политиката на манипулации и емоционализам како да одговара на малодушноста и наравот кој калкулира (секогаш погрешно или спротивно на сопственото достоинство) и порадо би му се вратил на авторитаризмот/груевизмот, отколку и по личните разочарувања и неуспесите да продолжи напред во градење на демократија. Која е логиката да се оди назад, ако не параноја на лажната заштита што ја нуди национализмот, авторитаризмот и наративите за славното минато, наспроти несигурната сегашност на либералното општество и демократијата.
Се вели дека слабите демократии како што е македонската може да бидат релативно без одбрана против политиката на емоционализам, но ранливоста е вкоренета во политичката култура и не може да биде поправена со законодавно мајсторство.
Во оваа смисла, „опристраснувањето“ на институциите за демократија, градењето на демократската правна култура и „демократскиот етос“ ќе зависи (и) од создавање на квалитетно образование. Милитантната демократија ќе мора да биде насочена и кон ослободување на образовните институции кои се претворени во антидемократски и популистички дувла. Автономијата на Универзитетот подразбира слобода да се развива критичка мисла (на која почива општествениот развој), а не слобода од одговорност за ширење на предрасуди и незнаење поклопено со лажен патриотизам, зад кои стојат криминогени патологии.
Нa крајот, одбраната на демократијата не е прошетка низ парк. На патот кон ЕУ, сите реформи на земјата мора да бидат водени од сензитивноста кон демократијата – да учи и да ја зацврстува во исто време, да создаде генерации способни да се борат за неа. Либералните вредности мора да се бранат или ќе паднат. Демократијата е кревка и бара морална одбрана од оние кои веруваат во неа.
(Опремата е на Глобус)