БРАНКО ТРИЧКОВСКИ
Македонија ги знае своите демони. Се надевам дека е така по се што се случи во земјата и во врска со земјата во изминативе тринаесет и повеќе, можеби цели триесет години, но особено во последното десетилетие, најмалку. Македонија мора најенергично да се пресмета со демонот на својот национализам кој е пошироко распространет
Многу силен впечаток ми оставија излагањата на Макрон и на Меркел за време на прославата на стогодишнината од крајот на Првата светска војна. Еве кратки изводи од тие предупредувачки говори:
Макрон: Патриотизмот е точна спротивност на национализмот, национализмот е негово предавство. Новите идеологии манипулираат со верата, историјата се заканува повторно да тргне по трагичен тек. Некогашните демони повторно се будат. Да ја отфрлиме опчинетоста со насилство и доминација. Ставајки ги нашите интереси на прво место, без почитување на другите, го бришеме сето она што е за нацијата најголема вредност, она што дава живот и го прави голем- моралните вредности.
Меркел: Повеќето денешни предизвици не може да ги реши само една држава. Можеме само ако делуваме заедно. Затоа мораме да бидеме посветени на тој заеднички пристап. Ако изостане компромисот, ќе изостане и мирот.
Ова се навистина говори кои говорат за сериозноста на ситуацијата во која е доведен светот, но истовремено влеваат надеж со отвореноста, критичноста, моралноста, посветеноста, добронамерноста, реалноста во анализата и во проекциите.
Секоја земја, секоја нација, секоја верска група, секоја партија, секој поединец, мораат да сфатат дека овие пораки не се само општи крикови, туку дека се однесуваат на секоја од нив посебно.
Македонија ги знае своите демони. Се надевам дека е така по се што се случи во земјата и во врска со земјата во изминативе тринаесет и повеќе, можеби цели триесет години, но особено во последното десетилетие, најмалку. Македонија мора најенергично да се пресмета со демонот на својот национализам кој е пошироко распространет, но јадрото и генераторот му е во најпримитивните артикулации на вмро-дпмне и неговата врхушка, кај недостапниот осуден почесен претседател, кај актуелниот претседател на партијата и на државата, кај бојкотирачките и апстинирачки и антиреферендумски, изолационистички групации, во медимите, кај сите што се против компромисот со Грција, против интерните компромиси, со Албанците, на пример, притив компромисите со другите соседи, со Бугарја, на пример. Кои се против уставните промени. Кај ноќните посетители кај оние што гласале за. Дали тие демони ја водат својата опасна политика затоа што мислат дека во хаосот и во воените виори, ќе остварат некакви свои националистички соништа за големи држави или затоа што сакаат да се спасат во актуелните правно-политички консидерации или мислат дека новите војни се шанса за нив, не толку важно, важно е дека се зло, опасно зло, кое е уште поопасно поради копродукциите со надворешни деструктивни сили, кое без пардон мора да се маргинализира, се до конечното отстранување од македонската политичка сцена и од македонската културна и исторска матрица. А оние кои не се на таа страна, да престанат да кокетираат со елементи кои можат да се сметаат за националистички, сеедно дали го прават тоа од убедување или поради непосредна политичка корист. Македонија мора похрабро да чекори во својата модерна фаза.