БРАНКО ТРИЧКОВСКИ
Во знак на солидарност со госпожата Најчевска, утре ќе фрлам боја врз некој државен објект. Не кажувам врз кој, за да ја спречам концентрацијата на одбранбените единици на Министерството за внатрешни работи
Најчевска е снимена како фрла боја врз некој објект.
Како што сме снимени јас, Заев, Павле, Шекеринска и многу други.
Но, полицијата нема докази дека тоа што Најчевска го фрлила и тоа што оштетило некаков државен објект, се иста материја. Затоа што никогаш кај себе немала примерок од тоа што го фрлила професорката за да може врз основа на анализа на флеката да утврди дека тоа е тоа.
Освен тоа самата материја во текот на летот се деформира и на целта секогаш притсигнува нешто што не е тоа што било фрлено. Ако јас фрлам балон или куртон, а на фасадата се појави флека, дали можат мене да ме обвинат за флеката. Јас мислам дека можат само за куртонот ако тој со сета своја нежност предизвикал оштетување на фасадата на некоја од бројните раскурцани институции. Или ќе биде обвинета фасадата за тоа што ми го дупнала куртонот.
Пишувам сериозни заебанции.
Поважно од овие технички и правни прашања е неверојатната деформација на свеста, отсуството на чувство за историскиот момент, за важноста на симболиката во битката за слобода, на институциите, на органите и на одговорните луѓе во тие органи. Нивната логика може да ги одведе до тоа да му стегнат казна на пожарникарот кој за да го изгасне пожарот во некоја куќа морал да го скрши џамот или, на пример, комунистичките власти да ги тужат партизаните кои ја минирале пругата за да го спречат транспортот на окупациската војска!
Во знак на солидарност со госпожата Најчевска, утре ќе фрлам боја врз некој државен објект. Не кажувам врз кој, за да ја спречам концентрацијата на одбранбените единици на Министерството за внатрешни работи. Но и сто хермелини да стават пред Триумфекалната порта или пред Министерството за правда, со една флека сина боја ќе ги шлакосам, па таман да загинам на барикадите.
Истовремено, објавувам дека Собранието на Шарената револуција одби да и го одземе имунитетот на професорката Најчевска затоа што беше поминало времето, така што таа е слободна граѓанка која не е должна да ги плати казните од 200 евра што и ги утврдила Комисијата за прекршоци на МВР.
СРАМОТА