Глобус-Неделен весник

  • Македонија
  • Свет
  • Ревија
  • Архива
  • Контакт
  • Фељтон
  • Колумни

ДЕЈАН ДУКОВСКИ ЈА ПОДИГНУВА ОДНОВО ПУБЛИКАТА НА НОЗЕ

March 24, 2026 Filed Under: Ревија

Најновиот негов текст „Црно злато“, според мотивите на „Парите се отепувачка’ на Ристо Крле имаше премиера на сцената на Белградскиот драмски театар

ДЕЈАН ДУКОВСКИ Претставата е посветена на неговиот учител Горан Стефановски

Во „Црно злато“, драмскиот фокус е на семејство погодено од повеќекратни транзиции – социјални, политички, етички, но и родови. Во семејство оптоварено со заминувањето на синот Ангел, влегува деловната жена Ангела, која доаѓа од Шпанија, но постепено се открива дека таа, всушност, е „изгубениот син“. Во преполниот Белградски драмски театар, екипата на „Црно злато“ беше наградена со стоечки овации – пренесе агенцијата „Танјуг.рс“.

Белградската публика со внимание ја гледаше речиси двочасовната праизведба на претставата „Црно злато“, која Дуковски ја опиша како трагикомедија, а режисерот Фрљиќ ја најави како „еден вид трагедија зад сите жанровски маски, додека ликовите функционираат со трагично незнаење“.

Дуковски му го посвети текстот на својот професор по драматургија, Горан Стефановски (1952-2018), нагласувајќи дека многу му должи и дека многу научил од него, не само за драмата.

– Од Горан научив многу за драмата, но и за животот. Среќен сум што сум во Белград и се надевам дека ова ќе биде легендарна претстава – кажа во изјава пред премиерата Дејан Дуковски за МИА.

Како што додава македонскиот драмски писател, мотив за „Црно злато“ е драмата „Парите се отепувачка“ на Ристо Крле, синот се враќа по многу години печалба и сака да го изненади семејството.

– Тргнав од еден таков мотив, но текстот се развива сосема различно. Синот што заминал од дома поради конфликт со таткото – се враќа како жена. И тука настанува целиот конфликт и со семејството и со неговата средина, се враќаат во некои стари приказни. Фокусот на драмата е конфликтот меѓу татко и син. Тоа е некаква стара неразрешена кавга што сега се отвора пак, сè уште трае и на некој начин не се разрешува – додава Дуковски.

Вели дека, во суштина, станува збор за трагичен текст, каде што се чувствува распадот и на семејството и на средината.

– Ангела е успешна жена, која се враќа дома и доаѓа во комплетен судир со средината што не може да ја препознае, а, од друга страна, текстот ја има таа рефлексија, да речеме, на оваа балканска средина со сите работи што ни се случуваат. Моите текстови се многу поврзани со поднебјево и очигледно таа тема ми е најблиска. Иако ова не е текст што се занимава исклучиво со тоа. Ова е само еден контекст што е тука и е таков каков што е. За разлика од „Буре барут“ – вели македонскиот драмски писател.

МОТИВИ Драмата е правена според мотиви на „Парите се отепувачка“ на Крле

Додава дека „Црно злато“ е, можеби, крик, во секој случај е некаква борба за слобода.

– Главниот лик, и во самиот текст се имплицира, има борба за некаков идентитет и за право на тој идентитет што е и право на слобода на избор или на избор на начин на живот.

Вели и дека драмата е многу разбирлива, со универзални вредности и се надева дека ќе има свој живот и надвор од Балканот.

Во изведбата на Белградскиот драмски театар, Милутин Милошевиќ и Наташа Марковиќ играат средовечен брачен пар, сопственици на семеен пансион што пропаѓа. Ангела – претходно Ангел – ја игра Ања Ќурчиќ, ќерката што се враќа во родниот град за да им помогне на своите родители. Во драмата играат и Јана Милосављевиќ, Милан Зариќ, Амар Ќоровиќ, Бојана Стојковиќ, Љубомир Булајиќ и Ана Јанковиќ. Текстот е во превод на Соња Должан, драматург е Маја Тодоровиќ, сценограф Игор Паушка, а костимограф – Татјана Радишиќ.

„Црно злато“ оваа година да биде поставена и во Македонскиот народен театар, во режија на Слободан Унковски, што веќе е најавено во рамките на годишната програма за 2026 на овој театар.

Filed Under: Ревија

ЈОВАНОВИЌ: МЕРКИТЕ НА ВЛАДАТА СЕ ИМПОТЕНТНИ
КАНФИЛОВА ПАНОВСКА: ВЛАСТА САКА ДА ГО РАЗНЕБИТИ СДСМ
САД: ОСТАВКА ШТО ГО РАЗГОРЕ НЕЗАДОВОЛСТВОТО ПОРАДИ ВОЈНАТА СО ИРАН
ХOЛАНЃАНКАТА АНЕКЕ БРАСИНГА Е ГОДИНЕШЕН ДОБИТНИК НА „ЗЛАТНИОТ ВЕНЕЦ“
ВОЗДУШНИОТ КОРИДОР ЗА ДОСТАВА НА МУНИЦИЈА ФУНКЦИОНИРАШЕ ВО ВРЕМЕТО НА ЗАБРАНАТА ЗА ИЗВОЗ

Најново

  • ЈОВАНОВИЌ: МЕРКИТЕ НА ВЛАДАТА СЕ ИМПОТЕНТНИ
  • КАНФИЛОВА ПАНОВСКА: ВЛАСТА САКА ДА ГО РАЗНЕБИТИ СДСМ
  • САД: ОСТАВКА ШТО ГО РАЗГОРЕ НЕЗАДОВОЛСТВОТО ПОРАДИ ВОЈНАТА СО ИРАН

Импресум

Издавач - Здружение за нови политики и слобода на медиуми "Јавност" - Скопје,

Партизански одреди 23/1/3 Скопје

globus@globusmagazin.com.mk

Барај

Сите права задржани© 2026 · ГЛОБУС · Log in

Developed by Unet